Се чини дека владините проекции за пад на економијата годинава од 4,4 отсто ќе останат само желба, иако владините претставници инсистираат дека падот нема да биде поголем од тоа. Во проекциите се очекуваше стабилизирање на економијата во последното тримесечје од годинава, но тоа е многу неизвесно со оглед на засиленото ширење на коронавирусот во изминатите неколку недели.
Видете и ова: Буџет 2021 - економијата уште две години ќе се опоравува од ковидСпоред Државниот завод за статистика, економијата во третиот квартал забележала пад од 3,3 отсто во однос на истиот период минатата година. Со падот на економијата втор квартал по ред, земјата официјално влезе во рецесија. Државната статистика ги ревидираше и податоците за вториот квартал, па наместо првичните -12,7 отсто, сега падот е 14,9 отсто, односно македонската економија од почетокот на годината до крајот на септември доживеала пад од 5,7 отсто.
Народната банка излезе со ревидирани проекции за македонската економија, кои се попесимистички од априлските. Гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска рече дека, според нивните проекции, економијата би се вратила на преткризно ниво во 2022 година.
„Во 2020 година проектираме пад на економската активност од 4,9 проценти наспроти падот од 3,5 проценти во април и априлскиот циклус на проекции во услови на послаби остварувања во првата половина од оваа година и оценки за побавно закрепнување во втората половина. На среден рок предвидуваме постепено, но умерено закрепнување на економската активност со стапки на раст од 3,9 проценти, 3,6 проценти и 4 проценти во 2021 година, во 2022 година и во 2023 година. Оваа стапка на раст значи дека економијата би се вратила на преткризно ниво во текот на 2022 година“, рече таа.
Со слични проценки излезе и Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк. Според нив, економијата годинава ќе доживее пад од 4,8 проценти, додека за догодина имаат пооптимистичка проценка од Народната банка за раст од 4,9 отсто. Според нивната анализа, владините мерки за помош на граѓаните и стопанството спречиле уште поголем пад на економијата во третото тримесечје. Опоравувањето на економијата догодина во голема мера ќе зависи и од брзината и ефикасноста на вакцинирањето против ковид-19.
Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи вели дека оптимизам влева опоравувањето на индустриското производство.
Видете и ова: Власта го претстави 4 пакет мерки - опозицијата критикува за институционален поткуп„Ние остануваме на проекциите дека крајот на годината ќе биде со пад од 4,4 проценти. Јас на неколку наврати кажав дека индустриското производство е во нагорна линија во смисла на опоравување. Не може да очекуваме, кога имаме над 30 проценти пад во вториот квартал, дека во третиот квартал индустриското производство нагло ќе помине во позитива, туку е во опоравување“, рече Битиќи.
Официјалните податоци покажуваат дека за разлика од април, мај и јуни, кога индустриското производство бележеше пад од околу 30 проценти, во септември и во октомври падот е околу 5 отсто.
Професор Алаудин Зекири вели дека падот на економијата за годинава е очекуван, но е тешко да се предвиди поради непредвидливоста на пандемијата.
„Евидентно беше дека во 2020 година ќе имаме пад на БДП-то, кој не е добар показател, но објективно и во регионот таквите флексибилни стапки имаат опаѓачки трендови. Се надевам дека владата сепак ќе има храброст и мотив за дополнително да ја стабилизира стапката на опаѓање за да има подобар фидбек во 2021 година“, вели тој.
Меѓународниот монетарен фонд, пак, во октомври излезе со прогноза за пад на македонската економија од 5,4 отсто. Премиерот Зоран Заев тогаш рече дека верува оти владата има порелевантни податоци и оти се надева дека Македонија на крајот на годината ќе биде меѓу државите со најмал економски пад во регионот.
Според Државниот завод за статистика, раст во третиот квартал има само во дејностите земјоделство, шумарство и рибарство, градежништво и информации и комуникации.