Македонија отворена за сите, Македонците можат само кај дел од соседите

Македонско - српски граничен премин Табановце во време на пандемија од ковид-19.

Србија, Косово, Албанија и Турција се земјите каде засега македонските државјани без ограничувања може да патуваат. Македонските граници пак од 26 јуни се отворени за сите. На 15 јули ЕУ ќе го ревидира списокот на земји на кој ќе им биде дозволен влез во земјите членки.

Македонците туристички и без никакви ограничувања поради пандемијата со коронавирусот засега може да патуваат само во неколку земји. Додека границите на земјата се отворени за сите странски државјани. Можноста за патување на македонските граѓани им е ограничена на соседните земји, односно само на Србија, Косово и Албанија, а дополнително дозволен е влез и во Турција. За една недела ќе биде познато дали и ЕУ ќе ги отвори вратите за македонските државјани.

Европската комисија иако најави дека од 1 јули ќе ги отвори границите за граѓаните на Западен Балкан, тоа не се случи поради големата бројка на заразени од вирусот. Земјите членки на Унијата се договорија да дозволат постепено укинување на рестриктивните мерки за патување само за Србија и Црна Гора. Списокот на земји се ревидира секои две недели врз основа на епидемиолошката состојба во секоја од нив.

Видете и ова: На плажа или на планина, летово „остануваме дома“

За да добие право да патува во ЕУ, епидемиолошката состојба на една земја треба да исполнува три критериуми: бројот на нови случаи на Ковид-19 во последните 14 дена на 100 илјади граѓани да биде сличен или помал од ЕУ просекот, земјата да покажува намалување или стабилизација на кривата во последните 14 дена, и третиот услов е начинот на кој земјата се справува со Ковид-19 во смисла на достапните информации и нивната веродостојност, тестирањето, следењето на контактите, како и третманот.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред неколку дена на прес-конференција порача дека одлуката на ЕУ ќе се промени само доколку се намали бројката на заразени од коронавирус.

„Клучниот критериум за Унијата е блиску до или под 20 нови ковид-19 случаи регистрирани во последните 14 дена на 100 илјади жители“, рече Димитров.

Видете и ова: Границите затворени за Македонци, фали уште Корејци да ни викаат „мрш корона“

Границата на нашиот јужен сосед каде голем дел од македонските граѓани вообичаено го поминуваат летниот одмор и натаму е затворена. На 15 јули Грција како и ЕУ, повторно ќе ја разгледа одлуката и можноста за проширување на листата на државјани на трети земји на кои ќе им биде дозволен влез.

На 26 јуни целосно се отворија сите гранични премини во државата со што македонските и странските државјани можат непречено да се движат без обврска за ПСР тест и државен карантин.

Не е исклучена и можноста Владата да донесе некакви ограничувања за Србија и Косово кои бележат зголемена бројка на заразени. Министерот за здравство, Венко Филипче на последната прес конференција порача дека Комисијата за заштита од заразни болести во следните денови ќе ја следи состојбата со развој на инфекцијата со Ковид-19 во Србија и Косово и ако се оцени дека има потреба ќе се разгледа можноста за воведување на одредени мерки за границите.

„Можно е да предложиме некои мерки, во случај да процениме дека ризикот од влегувањето на граѓаните на овие земји во нашата земја може да го загрози нашиот систем“, рече Филипче.

Со одлуката за целосно отворање на границите македонските државјани при влезот во државата немаат обврска за приложување на негативен ПСР тест за коронавирус или пак задолжителен 14-дневен карантин.

Скопскиот и охридскиот аеродром официјално се отворени од 1 јули по пауза од речиси три и пол месеци, а патувањата се одвиваат по нови правила. Патниците треба да бидат 3 часа пред нивниот лет на аеродром, а маските се задолжителни. Секој патник подлежи на мерење на телесна температура преку термална камера, а во чекалницата на аеродромот не е дозволено седење еден до друг за да се избегне ширењето на вирусот.

Забраната за влез во ЕУ од 1 јули освен за Црна Гора и Србија, беше отстранета за Алжир, Австралија, Грузија, Јапонија, Канада, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис и Уругвај.