За прв пат по 25 години, лани државата влегла во негативен природен прираст. Иако исто толку години наназад податоците на Државниот завод за статистика покажуваат постојан пад на природниот прираст, односно намалување на бројот на живородени деца, лани во 2019 година имало повеќе умрени лица, од родени. Податоците од публикацијата на ДЗС за Природно движење на населението во 2019 година, објавена пред дестина дена покажува дека во 1994 година се родиле 15.736 лица повеќе од колку што умреле, а лани пак се родило 601 лице помалку отколку што умреле.
Ако во 1994 година тој бил 15772 лица, за пет години до 1998 година паднал на 10011 лица, односно се намалил за околу 5000. Од податоците се гледа дека во наредните години природниот прираст постепено се намалува за лани да биде негативен и да има повеќе умрени лица од родени.
Ова според поранешниот директор на Заводот за статистика Дончо Герасимовски значи дека Македонија се приклучува кон светскиот тренд на „демографска старост“.
„Намалувањето на наталитетот е врз основа на образовната структура на населението, на свеста за помал број живородени деца,врз основа на иселувањето особено на младото, репродуктивно население.Стапката на живородени деца треба да е над 2 проценти за да имаме обнова на населението, а, ние во последните години имаме просечно 1, 5 проценти. Тоа значи дека ние немаме проста репродукција а, тоа значи автоматски намалување на населението“, вели Герасимовски.
Според него, миграционите движења предизвикале голем дел млади да се иселат во еврпските земји, а децата кои се раѓаат таму не влегуваат во статистиката на нашата земја. Герасимовски укажува дека ваквиот тренд ќе има последици во иднина, особено ако на тоа се додадат и последиците од пандемијата со ковид 19 низ која во моментот поминува земјава.
Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на живородените деца во градските подрачја изнесува 11.772 деца или 59,3 отсто од вкупниот број живородените деца наспроти 8.073 живородени деца или 40,7 проценти во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупниот број раѓања по региони има скопскиот со 38,1 отсто, а најмало источниот регион со 6,3 проценти. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29,8 години наспроти 28,2 години во селските подрачја.
„Ние имаме некаде околу 53, 54 општини во држава со негативен прроден прираст. Имаме 40 тина општини кои го намалиле бројот на населението. Тоа има силно влијание на територијалниот расоред на населението во земјава. Од осум поголеми региони имате шест во кои морталитетот е поголем од наталитетот“, истакнува Герасимовски.
Видете и ова: Повеќе наставници, а помалку ученици
Намалувањето на стапката на наталитет, според податоците на ДЗС објавени во „25 години независна Македонија“, меѓудругото, се должи и на таканаречениот темпо-ефект или одложување на раѓањата и склучување на брак на повозрасни години. Универзитетскиот професор Али Пајазити вели дека намалувањето на наталитетот е резултат на западните трендови.
„Денеска младите тешко одлучуваат да стапат во брак и кога го прават тоа, сакаат едно или максимално две деца. Тоа е така затоа што сметаат дека квалитетот на животот може да се реализира подобро, само во помали семејства и дека тие можат полесно да се самореализираат ако имаат помалку деца“, објаснува професорот Пајазити.
Според податоците на ДЗС, во периодот 1994- 2015 се бележи опаѓање на бројот на склучените бракови за 10 отсто, но во исто време имаме и зголемување на бројот на разводи, од 39 на 155 разведени бракови на 1000 склучени. Просечната возраст при склучување прв брак на невестата е зголемена од 22.9 години во 1994 на 26.2 години во 2015 година, додека просечната возраст на младоженецот бележи зголемување од 26 на 29 години.
Ваквите показатели на раѓање и умирање укажуваат на трендот на стареење на населението кој е присутен во светски рамки, а се забележува и во земјава.
Во периодот од 1994 до 2015 година, учеството на населението на возраст од 0 до 14 години е намалено од 20.2 отсто на 16.7 отсто, а учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 11.7 отсто на 12.8 отсто. Во 1994 година стари над 65 години имало околу 160 илјади, а во 2015 околу 260 илјади. Бројот на млади до 14 години, пак, е во постојан пад. Во 1994 година бројот на млади е близу 500 илјади, а во 2015 околу 350 илјади,
Сепак негативниот природен прираст не го намалил вкупниот број на населението, бидејќи изминатите 2, 3 години во земјава се доселиле над 2000 странски државјани кои во меѓувреме го продолжиле својот престој и станале жители. Според Герасимовски, ваквата демографска слика меѓу другото, е резултат и на непреземање мерки, односно недостиг на вистинска популациона политика која со соодветни мерки може да ја подобри демографската состојба, која пак според него, најверојатно ќе се повтори и во тековната, 2020 година.