Македонија привремено ќе прифати 450 Авганистанци, вработени во мировни и хуманитарни мисии и нивните семејства како и луѓе од невладин сектор, новинари, преведувачи. Македонија е само транзитна земја, тука се останат додека не заминат во САД или во друга земја како крајна дестинација. Трошокот за нивно сместување нема да биде на сметка на Македонија, тука за тоа ќе платат САД и меѓународните организации. Не станува збор за нелегални мигранти, туку за луѓе кое ќе пристигнат во земјава со организирани летови. По пристигнувањето ќе бидат во карантин заради ковид-19.
Македонија треба привремено да прифати 450 Авганистанци
Во Македонија треба да дојдат 450 Авганистанци, во рамки на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање на цивилно и миротворно населени од Авганистан. Ваквата мисија доаѓа откако талибанците ја презедоа контролата во Авганистан на 15 август. Луѓето што ќе дојдат се мирољубиво и демократско население, велат од Владата.
„Северна Македонија беше меѓу првите, ако не и прва земја што сама и пристапи на САД и понуди помош за овие луѓе што се под опасност од доаѓањето на талибанскиот режим во Авганистан“, рече владиниот портпарол Муамед Хоџа.
Луѓето што ќе дојдат се вработени во хуманитарни и миротворни мисии или се членови на нивните семејства, потоа активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Трошоците за сместување ќе ги платат САД и меѓународните организации
Авганистанците, за кои владата презела обврска дека ќе ги прими во земјава, треба да пристигнат до крајот на неделата. Нивното пристигнување ќе зависи од околностите на аеродромот во Кабул.
Луѓето што ќе дојдат од Авганистан ќе бидат сместени во хотели и мотели, не се знае во кои, но се знае дека трошоците за нив ќе бидат платени од САД и од меѓународните организации, како ОН, НДИ. Авганистанците што ќе пристигнат во Македонија потоа треба да заминат кон САД или до други земји како нивна крајна дестинација. Цивилното население од Авганистан ќе дојде со организирани летови, воопшто не станува збор за нелегални мигранти, па затоа нема да бидат сместени во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци.
„На Северна Македонија не и се случува никаква мигрантска криза, напротив, Северна Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција за спасување на авганистанско мирољубиво население кое е под опасност од екстремистичките талибански структури“, се додава во соопштението на Владата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Двонеделен карантин
Луѓето од Авганистан треба да пристигнат на аеродромот во Скопје, а потоа две недели ќе бидат во карантин, заради превенција од ковид-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за Авганистанците што ќе дојдат, а не се вакцинирани.
Советот на Амбасадори ја поздравува одлуката за прифаќање на авганистански цивили
„Со тоа што Владата привремено ќе прифати цивилно население од Авганистан ја исполнува обврската што ја имаат кон НАТО, САД и поддржувачите на македонските аспирации за евроатлантска интеграција, се наведува во соопштението од Извршниот Одбор на Совет на Амбасадори. Советот ја поздравува одлуката на Владата за прифаќање на цивили од Авганистан. Во нивното соопштение се наведува дека граѓаните на земјата многу пати досега ги изразиле нивните чувства за солидарност и помош на сите народи во светот кои од разни причини имале и имаат потреба за помош.
И други земји прифаќаат цивили од Авганистан
Британија веќе евакуирала 2000 Авганистанци од 15 август, откако талибанците ја презедоа контролата во земјата, соопшти Британската влада. Толку граѓани од Авганистан привремено ќе прифати и Уганда. И во САД досега дошле околу 2000 Авганистанци, а околу 300 се очекуваат да пристигнат во наредните недели. Канада најави дека ќе прими 20 илјади луѓе од Авганистан. Членки на НАТО соопштија дека ја сопреле депортацијата на Авганистанците кои се веќе во нивните земји. Од Балканските земји луѓе од Авганистан ќе примаат и Албанија и Косово.
Албанија, Северна Македонија и Косово прифаќајки бегалци од Авганистан, го потврдија сојузништвото со САД, објави бриселскиот портал Политико.
УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, ги повикува државите да ги сопрат присилните враќања на авганистански државјани за кои претходно било одлучено дека немаат потреба од меѓународна заштита
„Државите имаат правна и морална одговорност да им дозволат на луѓето кои бегаат од Авганистан да побараат заштита, и да не враќаат бегалци присилно. УНХЦР ги поздравува скорешните постапки преземени од неколку држави привремено да ги сопрат депортациите на барателите на азил чие барање било одбиено“, стои во соопштението од Агенцијата на ОН за беглаци.