Достапни линкови

Талибанците влегоа во Кабул откако претседателот го напушти Авганистан


Американски хеликоптер над амбасадата на САД во Кабул.
Американски хеликоптер над амбасадата на САД во Кабул.

Талибанците влегоа во Кабул за да спречат грабежи, како што соопштија, откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата. Талибанците ветија дека нема да го заземат главниот град на сила. Преговорите за предавање на власта се во тек.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напуштил земјата, додека талибанските милитанти влегоа во Кабул, единствениот голем град што беше во рацете на владата. Портпаролот на милитантната група соопшти дека талибанците им наредиле на своите борци да влезат во градот за да спречат грабежи откако локалната полиција ги напуштила нивните места. Официјални лица за новинската агенција Ројтерс изјавиле дека милитантите доаѓаат „од сите страни“, но, нема извештаи за борби.

Талибанските борци рано изутрината ја презедоа контролата врз клучниот источен град Џалалабад по помалку од 24 часа откако го зазедоа големиот северен град Мазар-е Шариф, оставајќи ја авганистанската престолнина како последна голема урбана област под владина контрола.

Портпаролот на Талибанците соопшти дека се во преговори со владата за мирно предавање на Кабул откако претходно ветија дека нема да го заземат главниот град на земјата на сила.

Вршителот на должноста министер за внатрешни работи Абдул Сатар Мирзаквал изјави дека армијата ја задржала контролата врз градот и дека власта ќе биде предадена на привремена трета страна.

Абдула Абдула, шефот на авганистанскиот национален совет за помирување, преку видео порака на Фејсбук потврди дека претседателот Гани ја напуштил земјата. Се претпоставува дека Гани отишол во соседен Таџикистан.

„Го напушти Авганистан во тежок момент“, рече Абдула, ословувајќи го Гани како „поранешен претседател“, иако тој не ја објави својата оставка.

Гани, кој вчера се обрати до нацијата во телевизискиот говор, вети дека нема да се откаже од „достигнувањата“ на 20-те години откако инвазијата предводена од САД ги собори талибанците по терористичките напади на 11 септември.

Во меѓувреме, западните земји ги забрзаа напорите да го пренесат својот персонал од амбасадите во Кабул на сигурно. Американските официјални претставници беа цитирани денеска дека дипломатите биле пренесени со хеликоптери до аеродромот од амбасадата на САД.

„На службениците од американската амбасада им било наложено да уништат чувствителни материјали, како и предмети како логоа на амбасадата или агенцијата, американски знамиња или предмети што би можеле да бидат злоупотребени во пропагандни напори“, објави Си-Ен-Ен цитирајќи известување испратено до вработените во амбасадата.

Британија, Германија, Италија и други европски земји, исто така, ги забрзаа напорите за евакуација на дипломатите и другите вработени во амбасадите, а претставникот на руското Министерство за надворешни работи, Замир Кабулов, рече дека Москва нема такви планови. Кабулов за руските новински агенции изјави дека е „во директен контакт“ со амбасадорот на Москва во Кабул и дека вработените во амбасадата продолжуваат да работат „мирно“.

Руските власти соопштија и дека работат со други земји за одржување итен состанок на Советот за безбедност на ОН за Авганистан. Естонија и Норвешка, исто така, побараа состанок за Авганистан што е можно поскоро. Русија е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, заедно со САД, Велика Британија, Франција и Кина..

Во меѓувреме, НАТО соопшти дека „помага да се одржат операциите на аеродромот во Кабул за да се задржи Авганистан поврзан со светот“. Претставник на НАТО истакна дека политичкото решение на конфликтот е „сега поитно од кога било“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG