Одобрувањето на некоја од вакцините против Ковид-19 кои ја поминаа и третата клиничка фаза во испитувањето се очекува до крајот на годината, а Македонија ќе набави вакцини за 20 отсто од населението, како и останатите земји во регионот. Станува збор за 400 илјади вакцини или двојно повеќе дози, 800 илјади, бидејќи едно лице ќе треба да прими две дози од вакцината. Вакцините се обезбедени преку Ковакс механизмот за глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини.
„Првата вакцина која ќе биде одобрена на пазарот ќе биде подеднакво дистрибуирана меѓу сите земји кои аплицирале преку Ковакс механизам. Во истиот момент кога ќе ја добијат вакцината најразвиените земји и ние ќе ја добиеме. Точно не се знае кога, но се очекува тоа да биде остварено на крајот на декември или јануари“, велат од Министерството за здравство.
Видете и ова: Се воведува кризна состојба - државата ќе управува и со приватните болнициОд министерството информираат и дека обезбедени се потребните финансии за набавка на вакцините. Владата неодамна ја усвои информација за склучување обврзувачки договор меѓу Владата и Глобалниот сојуз за вакцини ГАВИ, за набавка на вакцините против Ковид-19 преку Ковакс механизмот.
Премиерот Зоран Заев пред една недела изјави дека за вакцините се планирани 390 милиони денари или 6,7 милиони евра. Авансот за нивна набавка, како што најави тој, ќе се уплати на почетокот на декември.
Три вакцини во игра
Професор доктор Александра Грозданова, која е претседател на Комитетот за имунизација вели дека две вакцини се во фаза на одобрување, односно таканаречената оксфордска вакцина на Астра Зенека и вакцината на Фајзер, кои поднеле документација за иницијална проверка на нивните податоци во Европската медицинска агенција. Според неа, веќе има најава и дека во американската агенција за храна и лекови ќе биде поднесена и документацијата за одобрување на вакцината која се развива во Бостон, од производителот Модерна.
„Овој административен процес зависи од неколку фактори. Меѓутоа во вакви околности во услови на пандемија и терапијата која што досега се одобруваше, вклучително и вакцините, административниот процес е ставен во одобрување по ургентна постапка така што најавите се дека веќе до крајот на декември би требало некој од овие кандидати доколку бидат задоволени ригорозните барања кои ги имаат медицинските регулаторни агенции дека би требало да очекуваме до крајот на годината одобрување за употреба на некои од овие вакцини“, вели таа.
Европската комисија, како што наведува Грозданова, веќе направи договори со неколку произведувачи, бидејќи количните кои се планирани и резервирани се огромни, односно 300 милиони дози.
„Динамиката, односно тајмингот кој што се очекува за пуштање на овие вакцини ќе биде од јануари и понатаму. Земјите во светот секаде се подготвуваат за овој процес на логистичко прифаќање на вакцините и спроведувањето на вакцинацијата. Но, сепак би оставила еден простор од еден до два месеци додека целиот овој процес се организира и додека почне дистрибуцијата што би значело дека идеално со активна вакцинација би почнале некаде во првото тромесечие од следната година“, додава Грозданова.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Видливи резултати за 5-6 месеци
На крајот од самитот на ЕУ во Брисел од пред некој ден беше објавено дека Унијата ќе ги има предвид и потребите на Западен Балкан кога ќе започне дистрибуцијата на вакцината против коронавирусот.
„ЕК разви критериуми за дистрибуција на вакцини меѓу земјите-членки и секако не можеме да го заборавиме Западен Балкан, каде сме особено посветени“, рече претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објасни дека првично дистрибуцијата ќе започне во мал број, а потоа постепено ќе се зголемува. Според неа, комисијата има двонасочен пристап. Првиот и најважен е Ковакс механизмот, а другата опција, како што наведе, е ако се случи земјите-членки да имаат премногу дози, законски им е дозволено, да ги дадат тие дози на пример на Западен Балкан.
Видете и ова: Дарување крвна плазма за придонес во борбата против Ковид-19Ако вакцината се стави на пазарот во јануари, од Европската агенција за лекови соопштија дека нејзините први ефекти врз ширењето на вирусот „ќе бидат видливи за пет-шест месеци или наредното лето“. Проценката на агенцијата е дека треба да се вакцинира над половина од европското население за да може да дојде до смирување на пандемијата, што значи дека ќе бидат потребни најмалку 500 милиони дози во Европа.
„За сите да се вакцинираат ќе биде потребно најмалку една година и ако се помине добро, до крајот на 2021 година ќе имаме доволна имунизација“, рече директорот на агенцијата Гвидо Раси.
Приоритет при вакцинацијата ќе имаат лицата со хронични болести, повозрасните и здравствените работници.