Тоа што легалната марихуана завршува во рацете на криминалците се должи на недоречености во законот, па не е ни чудно што вакуум просторот го користат криминогени групи, оти на црниот пазар канабисот достигнува повисока цена, велат познавачи на оваа област, коментирајќи го извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“, во кој се наведува дека дел од легално произведениот канабис во Македонија можеби завршува на црниот пазар.
Видете и ова: Нелегалниот марихуана бизнис сигнал за акциите на ДЕАВо извештајот на организација со седиште во Виена се спомнуваат и акцијата кон крајот на минатата година кога беше украдена легално произведена марихуана од магацин близу Валандово. Потоа полицијата најде само дел од дрогата во скопско Арачиново. Беа украдени и 60 килограми марихуана од погон за канабис во Крушево, а од фабрика од кочанско Урларци вработени во фабрика нелегално изнесуваа марихуана и ја продаваа на црниот пазар.
Професор Ќебир Авзиy, декан на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет, кој претходно работел во МВР, вели дека канабисот за медицински цели има пониска цена, а кога завршува на нелегалниот пазар чини повеќе.
„Марихуаната, канабисот, кој се произведува за медицински цели и која обично има пониска цена завршува на илегалниот пазар, каде што има повисока цена. И тоа е за очекување, бидејќи организираниот криминал секогаш размислува за повисока цена“, вели професор Авзиy, кој додава дека ваквите случи негативно влијаат на угледот на земјата.
Премиерот Зоран Заев во февруари рече дека досега се издадени 61 лиценца за одгледување медицински канабис, во постапка на лиценцирање се над 20, а 10 се во постапка на изградба. Македонија ја легализираше марихуаната за медицинска употреба во 2016 година. Според власта, одгледувањето на марихуана за медицински цели е доходовен бизнис, што е сериозен потенцијал за државата и треба да донесе повеќе пари и нови работни места. Во Собранието, пак, е заглавен закон со кој ќе се овозможи и извоз на цветот од канабис покрај на медицинско масло како финален продукт.
Видете и ова: Случај марихуана - многу прашања, малку одговориПоранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески вели дека бил меѓу првите кои се залагаа за легализација на производство на марихуана за медицински цел. Но, никој не очекуваше дека криминогените групи толку многу силно ќе влијаат и врз ова, вели поранешниот началник.
Што искористија криминалците?
„Се остави простор во законот, не се регулираше состојбата што со цветот? Што со неговиот промет и продажба на странските пазари, а тој простор го искористија криминалните групи за илегален промет и оттука ни се појавија сите тие кражби по магацини итн, коишто беа доста наивни и смешно презентирани во јавноста“, вели Ѓурчески.
Во 2019 се регистрирани 896 кривични дела од недозволена трговија со дрога, а регистрирани се 1004 сторители.
Во 2019 биле запленети 977 килограми марихуана и по речиси еден килограм хероин и кокаин. И во 2019 и во 2020 се сузбиени по шест криминални групи кои се занимаваат со недозволена трговија со дрога. Меѓу членовите на тие групи имало и државјани на Албанија и на Косово.
Во годишниот извештај на МВР за 2020 се наведува дека посветиле исклучително внимание на борбата против недозволената трговија, а тоа резултирало со значајно зголемување на бројот на спречени транспорти на дрога, како и запленетите количини дрога. Во 2020 во областа на недозволената трговија со дрога откриени се вкупно 733 кривични дела. Пријавени се 857 сторители, од кои 24 се странски државјани (15 од Албанија, тројца од Косово и по еден од Турција, Бугарија, Мароко, Русија, Ерусалим и Шпанија).
Минатата години биле спречени 13 транспорти на дрога и откриени се четири лаборатории за недозволено производство на дрога.
Од МВР наведуваат дека во 2020 значително се зголемени запленетите количини на хероин, марихуана, хашиш, хашиш масло, амфетамин и таблети екстази. Минатата година биле запленети речиси два тона марихуана, потоа 16,5 килограми хероин, 2,3 килограми кокаин, како и други дроги, стои во извештајот на МВР.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во него се наведува дека освен со домашните институции, продолжиле да соработуваат и со странски полициски органи.
Годинава во дел од акциите за заплена на марихуана учествуваше и Службата за борба против трговија со дрога на Соединетите Американски Држави - ДЕА.
Професор Авзиу вели дека и досега земјава соработувала со други агенции и полициски служби, особено за справувањето со организиран криминал и поголеми пратки на дрога.
„Обично тоа се открива со помош на другите странски служби, кои се помоќни и поголеми и кои имаат повеќе информации. За успешна борба против таков вид на криминал потребна е соработка и координација меѓу државите. Мислам дека С. Македонија сама не може да се справува со таков вид на криминал, и не само Македонија, туку и другите држави, затоа и се вика транснационален, бара помош од повеќе служби на повеќе држави“, вели Авзиу.
Тој додава дека борбата со организираниот криминал стана посериозна работа откако земјата стана членка на НАТО.
Податоците на МВР, пак, за првите три месеци од годинава, покажуваа дека се откриени 184 кривични дела, од кои 152 кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и 32 „овозможување на употреба наркотични дроги“ за што мерки на кривичен прогон се преземени против 207 сторители. Спречени се пет меѓународни транспорти на марихуана во чии рамки се запленети над 687 килограми марихуана и околу осум килограми хашиш.
Во рамките на откриените случаи, запленети се над 727 килограми марихуана, пет стебла канабис, потоа семки од растението „канабис сатива“, околу осум килограми хашиш и околу 4 литри хашиш масло. Запленети се и хероин, кокаин, амфитамини и екстази.
Црвените точки на патот на дрогата
Во извештајот на Глобалната иницијатива против Транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК), се наведува дека пандемијата не влијаела на трговијата со дрога. Во извештајот детално се опишани и рутите на влез и излез на дрогата до земјава, а особено се посочува источниот дел од Македонија, во кој има таканаречени црвени точки, односно места во кои влегува дрогата од Бугарија во Делчево. Во земјава низ тие точки влегува хероин и синтетички дроги, а излегува марихуана. Од Струмица кон Грција се пренесува канабис и хероин, а кокаинот оди во двете насоки. Клучна точка е Велес зашто се наоѓа на патот кој оди од Исток кон Запад, како и на Коридорот 10 кој оди од Север кон Југ, стои во Извештајот.
Што се однесува пак до канабисот произведен во Македонија, се наведува дека дел од него завршува и до Прешевската долина. Цената на килограм во земјава е околу 2000 евра, а кога ќе стигне до Прешевската долина достигнува цена помеѓу 2200 и 2400 евра.
Според извештајот, Македонија е на претпоследното место од шесте држави на Западниот Балкан според заплената на дрога од страна на полицијата, зад неа е единствено Косово.
Во 2019-та биле запленети близу 1.000 килограми дрога (977 килограми канабис и 2 килограми други дроги). Истата година во Србија полицијата запленила над 7.000 килограми, во Албанија над 5.000 а во Босна и Црна Гора по околу 2.000 килограми.
Во извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“ се наведува дека шверцот на дрога од размери какви што има на Западниот Балкан е можен само во дослух со државни структури, па како што се наведува има корумпирани гранични службеници кои „гледаат настрана“ на клучните премини, а има и полицајци кои го игнорираат, па дури и се вклучени во шверцот.
„Исто така може да вклучува и политичари кои ги штитат клучните играчи за процент од бизнисот. Фактот што има релативно малку заплени на дрога во регионот сугерира или на небрежност или на корумпираност кај силите на редот“, се наведува во извештајот.