Лажните вести ја политизираат образовната реформа за дигитализација

Ученици

Со протести низ сите градови во земјава и барање за референдум од Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ се противат на идејата за дигитализација на учебниците. Од министерството за образование велат дека правото за изјаснување на референдум е легитимно,но не и оправдано.

Филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи се дел од мултимедијалните содржини кои ќе бидат дел од образовната реформа дигитализација на образованието која следната учебна година ќе биде спроведена како пилот проект само во четврто одделение, тврдат од министерството за образование. Од ,друга страна пак, од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ велат дека се противат на идејата учениците да немаат учебници и да учат само преку дигитални платформи. Властите тврдат дека хартиените учебници нема да заминат во историјата и дека дел од барањата на граѓанската иницијатива се темелат врз лажни вести.

„Апсурдно е на референдум да се блокира напредокот и дигитализацијата со која се осовременува образованието. Промените мора да се случат, “ се вели во писменото соопштение на МОН.

Видете и ова: Борба против дигитализацијата или судир на идеологии?

Дел од повиците за протест на социјалните мрежи се споделува и преку профилот на таканаречениот Средношколски глас, каде што се споделуваат нивните барања. Во нив е наведено дека бараат хартиени учебници и дигитализација, но не на овој начин. Но, нема објаснување на кој начин очекуваат да се изведе дигитализацијата.

„Да се спротивставиме на уништувањето на образованието“ изјави Максим Крстевски во видео пораката што е објавена на оваа страна со минатонеделниот повик за протест.

Дополнително на истата страна е наведено дека со владините реформи ќе се укине предметот историја во четврто одделение, иако и досега во четврто одделение не се изучува предмет историја, туку предмет општество.

Претседателката на Младинскиот Образовен Форум Стефани Спировска вели дека користењето на технологија во образовните процеси само по себе не е негативна појава. Но, еден од клучните проблеми е недостигот на информации за тоа што точно се предвидува во дигитализацијата, како и дебата за суштинските измени и содржините по кои ќе учат младите во оваа реформа, вели таа.

„Сметаме дека мора да се внимава и да се држи повеќе будно око на делот од процесот, на кој начин ќе се креираат содржините, дали ќе има доволно време за експертите да ги изготват новите содржини, но и како ќе се поддржат професорите во целиот процес, затоа што ова ќе биде ново за сите и за учениците и за професорите“ вели Спировска.

МОН: Лажни вести за сексуално образование се шират на социјалните мрежи

Таа смета дека позитивно е тоа што ќе се направи пробно и постепено дигитализирање кај четвртоодделенците, па тоа може да отвори простор за квалитетно набљудување на процесот и навремено дејствување доколку има потреба од промени на самиот процес како и тоа кој е биде точниот бенефит за учениците.

Видете и ова: Заокружувањето со црвено се враќа во мода

Темата дигитализација на образованието е редовна на прес конференциите на политичките партии. Дискусиите во јавноста се движат од обвинувања за лажни вести, до јавно изразени сомнежи за злоупотреби на дигитализирање на учебниците со измени на историски факти.

Политичкиот аналитичар и новинар Џељал Незири вели дека во земјава нема политичка култура во која би се одвоиле реформите кои не треба да се политизираат. Тој објаснува дека во земјава секоја реформа и секој проект се става во контекст на дневнополитички калкулации и се мобилизираат граѓани по секоја цена.

“ Јас мислам дека целиот овој проект кој можеби има одредени пропусти треба да се анализира и да се има конструктивен пристап од сите партии и политички чинители во државата. И министерството за образование треба да има по инклузивен пристап кога се работи за вакви реформи “ вели Незири.

Спировска вели дека до сега во јавноста политичките партии не понудија вистинска аргументирана дискусија за позитивните и негативните страни на предложената реформа.

„Проблемот тука е многу поширок затоа што влегуваат и лажните вести. Ние во неколку наврати читавме дека ова ќе се учи, па ова нема да се учи, и слично. Се остави простор во кој главна улога имаат дезинформациите и тоа уште толку креира нестабилност “ вели таа.

Незири истакнува дека кога нема вистинска стратегија за информирање на јавноста за суштинските измени кои се предвидени со проектот, нормално е таа празнина да се пополни со лажните вести.

„ Лажните вести во овој случај имаат цел за поттикнување на младите на протести, а целиот тој револт да се канализира кон партиските агенди, поточно кон агендите на партиите кои сега се во позиција, така што, јас милам дека проблемот е во министерството за образование, кое можеби има добар проект, но се презентираат како гром од ведро небо и оставаат голем простор за лажни вести и манипулации и каузи кои не би требало да бидат партиски. Дигитализацијата е чекор кон иднината“ вели Незири.

Тој објаснува дека секогаш кога се прават големи промени луѓето се плашат и поради недостиг од информации пружаат посилен отпор.

Последните неколку дена, на социјалните мрежи и во дел од медиумите се прошири вест дека „ќе се воведува сексуално образование во нижите одделенија на основното образование“, што резултираше со голем број коментари и навреди кон министерката за образование, Мила Царовска, и кон експерти и граѓански активисти.

„Веста е целосно лажна, а користените илустации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем. Ги повикуваме граѓаните, родителите и учениците да не подлегнуваат на непроверени информации коишто се шират на социјалните медиуми, затоа што со истите се нанесува директна штета на Министерството за образование и наука, како и на целиот образовен систем“, се наведува во соопштението на МОН.