Интернет е бојно поле за дезинформации на партиите и политичарите

Дезинформациите и медиумските манипулации доаѓаат директно од политичките партии, со што се потврдува дека тие се најголемите извори на како што самите милуваат да ги наречат лажни вести, вели директорката на МИМ Билјана Петковска.

Еден килограм запленет кокаин прерасна во еден тон. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев ќе си поднесе оставка како солидарност со разрешената техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

Ова се само дел од вестите кои беа означени како лажни во изминативе неколку дена откако се распушти Собранието во неделата на 16-ти февруари и беа распишани вонредните парламентарни избори.

Очигледно е дека предизборната кампања е веќе почната, без разлика што до официјалниот старт има уште време и јасно е дека ќе биде валкана со далеку понепристојна реторика од сè што сме имале досега, вели директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска. Таа посочува дека дезинформациите и медиумските манипулации се во полн ек, иако тие беа присутни континуирано и досега, пред сè во интернет просторот, на порталите на социјалните мрежи.

„Исто така, многу очигледно е дека дезинформирање и манипулациите доаѓаат директно од политичките партии, се канализираат преку ним блиските портали. Сега започнува и една пракса во која експлицитно се гледа дека влијателни политичари пласираат дезинформации директно преку своите профили на социјалните мрежи, со што се потврдува фактот дека политичките партии и политичари се меѓу најголемите извори и потикнувачи на тоа што самите милуваат да го наречат лажни вести“, вели Петковска.

Видете и ова: Политичката кампања на Фејсбук во „сива зона“


Според неа во периодот во кој граѓаните психички се подготвуваат како да ја „преживеат“ изборната кампања е многу важно граѓаните да се многу внимателни од каде се информираат.

„Да ги проверуваат вестите од различни извори, сè што е сомнително да го отфрлаат или да го прифаќаат со резерва. Потребен е проактивен ангажман од сите, во смисла на пријавување на неетично и непрофесионално известување во Советот за етика, кај медиумскиот регулатор. Особено внимателни треба да бидат професионалните новинари, оние кои се држат до етичките и професионалните стандарди, како и обврските кои ги налага Изборниот законик“, додава Петковска.

Од друга страна, пак, Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми вели дека не може да се очекува граѓаните да ја вршат работата на редакциите и да ги проверуваат информациите кои се споделуваат на интернет просторот. Според него, процутот на разни интернет платформи за споделување на информации ја прави уште потешка битката со дезинформациите.

„Тешко е да убедите некого да не верува во тоа што верува. Мислам дека луѓето генерално во консумацијата на вестите се водат од своите предубедувања и ставови и многу е тешко да ги натерате да се откажат од нив. Попрво ќе се откажат од проверување на тие ставови доколку таквата проверка би можела да доведе до некаков предизвик на нивните убедувања и уверувања отколку што било друго“, вели Георгиевски.

Видете и ова: Тролови, ботови и црна кампања на социјалните мрежи


Тој смета дека кај публиката потребно е превентивно да се делува преку едукација, но за тоа е потребно многу време и пари.
Георгиевски вели дека е нереално да се очекува намалување на лажни вести и дезинформации споделени до кујните на политичките партии во предизборниот период во интернет просторот.

„Понекогаш се сомневам во тоа колку лажните вести и дезинформациите се ефективни во убедувањето на гласачите. Тие се тука повеќе за креирање на еден шум, да не се знае кој зборува, што се случило, кој што кажал, што е важно, што е неважно, туку да се занимаваме со тоа, дали некој излажал и зошто излажал“, вели Георгиевски.

Петковска истакнува дека во наредниот период може да се очекува зголемена пракса на политичарите за злоупотреба на традиционалните канали од кои се информираат граѓаните.

„Традиционалните медиуми во тек на изборната кампања делуваат според одредени изборни правила на известувања кои се мониторираат. Но, главната битка со медиумските манипулации ќе се води на интернет и социјалните мрежи и порталите кои се блиски до политичките партии, затоа што Агенцијата за медиуми досега не го мониторираше овој сегмент поради недостаток на методологија“, вели Петковска.

Собранието се распушти на 16-ти февруари, а официјалната изборна кампања стартува 20 дена пред одржувањето на изборите на 12 април. До изборите доаѓа по недобивањето датум за преговори од Европската Унија во октомври минатата година.