Кризата ги обедини лидерите, но нема примирје во партиската војна

Средба на тимовите на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ за излез од енергетската криза

Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ по долгите меѓусебни препукувања и барање избори заедно седнаа да бараат излез од енергетската криза. Но партиските преписки со меѓусебни обвинувања не запреа ниту по средбата.

Студените радијатори, скапата струја и ризикот илјадници работници да останат на улица ги седнаа на заедничка маса лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие ги тргнаа на страна секојдневните препукувања за корупција, криминал, тендери, дезертерство и блокади за да разговараат за начините како да се ублажат последиците од енергетската криза.

И премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се сложни дека не е време за прибирање политички поени.

Мицкоски, кој до пред средбата речиси секојдневно повикуваше на предвремени избори, рече дека нема да зборуваат за политика и избори, туку само за енергетика. А премиерот кажа дека е време за заедничка работа за пребродување на енергетската криза.

Ковачевски оцени дека средбата поминала во добар дух, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека делувало оти има добра волја кај луѓето со кои седеле заедно на маса.

Видете и ова: Како дојде до тоа земјава да нема доволно струја?

Но, премиерот вели дека нема потреба од широка коалиција и експертска влада, оти оваа Влада имала политички легитимитет и капацитет да се справи со предизвиците.

Наместо да биде нормално, во Македонија, па и на Балканот, сè уште е вест кога лидери на власт и на опозиција ќе се сретнат и ќе разговараат особено во време на криза, вели експертот по социјални медиуми и односи со јавност Бојан Кордалов.

„Вие кога 360 денови во годината се гледате на нишан, и користите тешки зборови, користите обвинувања и зборови кои огромен процент од граѓаните не ги користат ниту меѓу себе, како во тие останати пет дена во годината ќе седнете и ќе разговарате, затоа е тешко“, вели Кордалов.

Дека не е ниту тешко да седнат и да разговараат, заклучуваат и поранешни функционери на своите профили на Фејсбук.

„Никому не му е јасно што е толку страшно Ковачевски или вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи да се сретнат со Мицкоски и да му кажат исто тоа што го кажуваат секој ден“, пишува на Фејсбук поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој има и долгогодишно искуство во енергетскиот сектор.

Од друга, страна, пишува Хајредини, и Мицкоски треба да објасни зошто барем една од електричните централи, предвидени во програмата на ВМРО „Преродба во 100 чекори", дури и „проширена и надградена“, не е изградена во време кога тој беше и директор на Електростопанство на Македонија.

„Ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од осамостојувањето наваму имаа нормални редовни средби за важни прашања, еден куп работи во Македонија ќе беа многу, многу поинакви“, напиша на својот профил на Фејсбук, Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија за економски прашања и поранешен потпретседател на СДСМ.



Лидерите седнаа на заедничка маса, но партиските преписки со меѓусебни обвинувања не затаија ниту по средбата. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да го нарекува премиерот „дезертер“ и да обвинува дека тој создал „соларен картел“ околу себе. Од СДСМ, пак, велат дека Христијан Мицкоски е гласен за одредени тендери, за фабрикувани лаги и конструирани случаи, но никаде го нема кога треба да се зборува за струјата од неговите хидроцентрали.

Прес-конференција на Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ

Наративот што го користат партиите во соопштенијата служи за анимирање на партиското членство и најтврдите партиски поддржувачи, вели Кордалов. Но сега граѓаните треба да бидат приоритет, а нас не интересира дали ќе има струја, парно и дрва и какви ќе бидат цените, како и тоа дали ќе има рестрикции, додава тој. Политичарите сега може да ќарат поени единствено ако понудат решенија, вели Кордалов.

„Решение на крај ќе се најде, се надевам заедничко, но горчината ќе остане меѓу луѓето, дека всушност не сме успеале да излеземе посилни од таа криза како држава и ако општество. Ние многу често, дали е тоа попис, решавање на одредени спорови или за договори, имаме толку антагонизам што се создава кај политичките партии што тие ќе се договорат нешто заеднички да направат, но граѓаните не чувствуваат дека има поместување“, вели Кордалов.

Соопштение на СДСМ


Ковачевски и Мицкоски претходно имаа средба само за Францускиот предлог со кој требаше да се одблокира стартот на македонските евроинтеграции. Тие имаа средба на 3 јули, но не постигнаа договор, по што Собранието го изгласа предлогот во услови на протести и гласни негодувања од опозицијата.


Мицкоски на 29 септември го повика Ковачевски на дебата за енергетската криза. Партијата некое време нудеше помош за надминување на истата, но премиерот за енергетскиот план на Мицкоски рече дека е добар сублимат од тоа што тој и владиниот економски тим го кажуваат на прес-конференции.

Епилогот од средбата на 4 октомври во Владата е што ВМРО-ДПМНЕ денеска ги достави своите контакти за наоѓање поевтини енергенси на министерот за економија Крешник Бектеши, кој во име на Владата ќе ги проверува нивните понуди.

Видете и ова: Скапата струја му става катанец на големиот бизнис?


Владиниот Економски совет заедно со претставници на стопанските комори денеска состанчи за енергетската криза. Стопанската комора претходно упати барање до Владата, најдоцна до денес, 5 октомври 2022 да донесе мерки кои ќе го ублажат силниот ценовен удар. Бизнисот бара државна помош, а во спротивно ќе ги затворат фабриките. Дело од големите компании престанаа или го редуцира производството, намалија број на работници и прогнозираат дека во следните месеци ќе биде уште полошо.

Владата има обврска да обезбеди струја за околу 600 илјади домаќинствата и околу 70 илјади мали фирми, со помалку од 50 вработени и промет под 2,5 милиони евра. За нив државата обезбедува поевтина струја.

Големите фирми, околу 1600 на број, набавуваат струја на слободниот пазар, каде што цените во моментов се 400-500 евра за мегаватчас.