Oколу 70 отсто од граѓаните донеле одлука да го одложат плаќањето на нивните кредити, според информации од банките кои доставиле податоци до Народната банка. Банките поради економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот на нивните клиенти им понудија можност да го одложат плаќањето на кредитите во рок од 6 месеци. Банките за време на грејс периодот нема да ја отпишуваат каматата на кредитите туку ќе им ја наплатат на граѓаните, откако тие ќе започнат со редовно подмирување на нивните долгови.
„Овие одложувања, за банките значат времено откажување од приливите што требало да ги наплатат во овој период, со што индиректно се поддржува економијата“, велат од Народна банка за РСЕ.
Видете и ова: Македонската берза „заздравува“ од коронавирусот
И покрај тоа што Владата не донесе рестриктивни мерки за намалување на платите во јавната и државната администрација и покрај тоа што вработените имаат слободни денови и имаат финансиска кондиција да ги подмират долговите, тоа не го прават, вели професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет.
„Сега за волја на вистината значи тука се користи мерката чисто за да се избоксува, односно да се пролонгираат тие шест месеца и да се надминат, па повторно извршните решенија ќе бидат во полза на употреба. Знам дека бројката говори за еден зачудувачки феномен дека многу од службениците од државната и јавна администрација имаат кредитни и извршни ситуации и тие значи ги подмируваат, што за жал говори за една лоша финансиска слика на вработените“, вели Зекири.
Тој додава дека банкарскиот сектор е стабилен и може да ги надмине овие шест месеци.
„Каматите се основен импулс на банкарското работење и тука нема некое пореметување во однос на одложувањето на плаќањето на обврските за 6 месеци. Тие ги направија финансиските проекции и сепак тоа значи една значителна мерка што олеснува за 6 месеци да здивнат малку оние коишто имаат должничко-доверителски односи“, смета Зекири.
Видете и ова: Што преземаат државите за да го избегнат економскиот колапс?Од Народна банка посочуваат и дека банкарскиот систем е здрав, стабилен и поставен на цврсти основи, со капацитет да се справи со различни шокови.
„Очекуваме банкарскиот систем да остане стабилен и сигурен и во следниот период. Веројатно е дека заради актуелниот шок ќе дојде до одредена материјализација на кредитниот ризик и појава на нефункционални кредити во билансите на домашните банки. Но она што е клучно, добрата кондиција и силните капитални позиции на домашните банки оставаат доволен простор за апсорбирање на евентуалните загуби, без притоа да биде загрозена стабилноста на банкарскиот систем“, соопштуваат од Народна банка.
Нивото на нефункционални кредити во моментот е околу 4,8% од вкупните кредити и, како што наведуваат од Народна банка, е едно од најниските споредено со земјите од регионот, а истовремено е и историски најниско ниво на овој показател.