Итно е потребна крвна плазма од Ковид-19 излекуван пациент, со нулта позитив- крвна група. Апел до хуманите граѓани кои прележале корона вирус, а ја имаат соодветната крвна група, да ја покажат својата човечност. Ова е само еден од повиците кои во изминатиов период секојдневно кружат по социјалните мрежи од лицата кои бараат помош за нивните најблиски кои се потешко заболени од Ковид-19.
Над 1200 луѓе во моментов се хоспитализирани во ковид центрите низ земјава, но, бројките, како што соопштија од Министерството за здравство, се менуваат постојано, поради новите уписи и исписи на пациенти.
Видете и ова: Пандемијата ја потенцира важноста за домашно производство на хранаВо крвната плазма на лицето кое било излечено има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста. Плазмата која ги содржи овие антитела кои се борат со инфекцијата се нарекува конвалесцентна плазма. Таа се користи за лекување на заболените, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста.
Не секој од оздравените лица има антитела
Дарител пак може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 55 килограми која има негативен тест на болеста и има развиено доволна концентрација на антитела.
Еден од нив е и докторот Оливер Бојчески, кој е специјалист по спортска и трудова медицина и кој се надева дека неговата крвна плазма ќе им користи на останатите заболени. Тој согласно постапката за донирање, најпрвин направил тест за да провери дали има антитела, а потоа се пријавил за донирање во одделението за трансфузиона медицина во Струга.
„Јас како здравствен работник сакав да дадам придонес во борбата против Ковид-19 со дарување на плазма, покрај другите работи како доктор што можам да помогнам. Бев заболен од Ковид-19 и после прележаното време и погодниот момент кога требаше да се даде плазма се одлучив на тоа со цел да им помогнам на моите колеги кои ја користат крвната плазма за лечење на оваа болест“, вели Бојчески.
Видете и ова: Нема реална слика за поддршката на анти-корона рестрикциитеТој притоа апелира до сите кои можат да донираат крвна плазма, тоа да го направат. Додека крвната плазма на Бојчески можеби веќе помогнала на некој од пациентите, Ивана Крстевска од Скопје се уште испитува дали има доволна концентрација на антитела. Првиот тест таа го направила во приватна лабораторија и се покажало дека има антитела, но не доволно, па затоа Крстевска морала да направи дополнително испитување на Инфективната клиника и сега ги чека резултатите.
„По искуството што го имав со коронавирусот си реков додека бев болна откако ќе заврши целава работа морам да дарувам за да помогнам на некој. Јас поминав тешко, но можам да замислам како им е на тие што се со послаб имунитет колку потешко им е или им било и затоа решив да дарувам плазма за да направам добро дело“, вели Крстевска.
Третирани 200 пациенти со крвна плазма
На електронскиот систем на Институтот за трансфузиона медицина досега се пријавиле 519 донори, но бројката е поголема бидејќи некои се пријавуваат и телефонски. Од пријавените 157 лица ги исполнувале предусловите и дарувале крвна плазма. Досега се обезбедени 218 единици на конвалесцентна плазма. Директорот на институтот Садула Усеини вели дека досега со конвалесцентна плазма се третирани околу 200 пациенти. Според него, се уште се собираат податоци и се изготвува анализата за ефектот од плазмата во подобрување на состојбата на заболените.
„Се уште немаме точен процент кај кои лица имаме подобрување на клиничката слика. Меѓутоа кај повеќето според укажувањата има доста добар ефект“, вели Усеини.
Министерот за здравство Венко Филипче на неговиот официјален профил на Фејсбук постојано објавува примери од лица кои дарувале конвалесцентна плазма. Воедно тој и често упатува апели до сите што можат да донираат да го сторат тоа.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 48613, бројката на оздравени пациенти е 28646, на починати е 1376, а бројот на активни случаи изнесува 18591.