СДСМ и ВМРО ДПМНЕ согласни Чулев да биде министер за внатрешни работи

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев да биде технички министер во министерството за внатрешни работи е прифатлив за СДСМ. Денешното усогласување на партиите за тоа кој ќе биде технички министер за внатрешни работи отвори пат новата преодна влада да биде избрана утре.

На само еден ден пред официјализирање на техничката влада, попладнево СДСМ и ВМРО ДПМНЕ постигнаа согласност за министерската позиција во МВР.

СДСМ соопшти дека со предлогот за технички министер за внатрешни работи да биде Наќе Чулев , не се крши уставот .

"Со овој предлог на ВМРО ДПМНЕ не се крши Уставот, не станува збор за воено или униформирано лице, и не е под обвинение. Со тоа се исполнети условите предлогот да оди на гласање во Собранието заедно со целата преодна Влада која треба да ги спроведе изборите на 12 април" наведуваат од СДСМ.

Пред еден час опозициската ВМРО ДПМНЕ соопшти дека Наќе Чулев од Агенцијата за разузнавање е новиот предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада.

Чулев беше директор на Агенцијата за разузнавање за време на претседателот Ѓорге Иванов. Мандатот му истече во 2017, а потоа продолжи да биде дел од професионалниот состав на агенцијата.

Претходно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција рече дека во текот на денешниот ден ќе предложи ново име кандидат за технички министер за внатрешни работи. Тој, како што најави, името ќе го обелоденел откако ќе ги заврши последните консултации со премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, како што го обврзува Законот за влада донесен во Пржинските разговори.

Денешното усогласување за тоа кој ќе биде технички министер за внатрешни работи во владата која треба да ги спроведе изборите договорени за 12 април годинава овозможи новата влада да биде избрана утре.

До ова дојде откако актуелната влада го одби како неуставен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки кој доаѓа од АРМ да биде на чело на МВР со образложение дека Уставот предвидува со полицијата да раководи цивилно лице.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на пресс конференцијата осврнувајќи се на нивниот претходен предлог, рече дека премиерот Заев и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски кого владејачката партија го предложи за технички премиер си зеле за право да го толкуваат Уставот иако многупати како што рече го прекршиле. Армискиот полковник Ковачки, стана главна пречка во разговорите за формирање на техничката влада, бидејќи според Уставот, лице кое не било цивил во последните три години не може да раководи со МВР и со секторот одбрана, иако и претходно во Македонија имало преседани.

Мицкоски денеска изјави дека ќе се однесуваат како одговорна партија која нема да и дозволат на СДСМ да избега од избори, и откако ќе ги заврши последните консултации со Заев и Ахмети ќе ја извести јавноста за тоа кој ќе биде технички министер во предната влада.

Откако партиите денеска ги „испеглаа“ разликите во ставовите за преодната влада, за техничкиот министер за внатрешни работи, се отвори пат утре според процедурите, до Собранието да пристигне предлог составот за техничката Влада, за да може веднаш да биде закажана седница за гласање на новата Влада. На Собраниска седница ќе треба да биде констатирана оставката од премиерот Зоран Заев.

Формирањето на преодната влада е предвидено со Пржинскиот договор и истата ќе функционира сто дена пред предвремените парламентарни избори, кои се закажани за 12-ти април оваа година. Пржинска влада влезе во изборниот закон по политичката криза која настана, откако премиерот Зоран Заев, а тогаш лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на најголемата афера за прислушување досега по што следеше продлабочување на кризата и нови предвремени избори.

Видете и ова: Македонија стана Северна, а „Рекет“ го урна СЈО


Откако Парламентот ќе ја констатира оставката на Заев, Претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој од највисоките партиски тела на СДСМ беше предлогот за технички премиер. Потоа, предложениот технички премиер Оливер Спасовски, го предлага составот на новата, техничка влада, која треба да биде изгласана во Парламентот.

Ротации во власта

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе добие министри во две министерства за труд и социјалната политика и внатрешни работи како и тројца заменици министри, за земјоделство, за финансии и за администрација и информатичко општество.

Мицкоски истакна дека првата задача на новите технички министри и заменици министри ќе биде обезбедување на фер и демократски избори.

„Во првите сто дена техничка влада не може да очекуваме од овие луѓе да направат чуда, но може да очекуваме да работат чудно, односно да работат она што не беа способни нивните претходници да го сработат, а тоа е жилава и пеколна работа, 24/7 да бидат посветени на работните места. И она што нас како политичка партија ни е важно а верувам и на граѓаните е вистински да се прикаже она што не беше сработено во овие три години и сите оние пропусти кои што се случуваа да бидат изведени пред лицето на јавноста, а според оние индиции кои ние ги имаме богами ги има за повеќе, “ изјави Мицкоски на денешната прес конференција.

За министер за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ е предложена Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија. За заменици-министри се предложени: во ресорот информатичко општество и администрација - актуелната пратеничка Невенка Стаменковска Стојковски; во финансии - Гордана Димитриеска Кочоска, магистер по економски науки; а во ресорот земјоделство - Цветан Трипуновски, поранешен пратеник и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Ротација има и во владината структура, на местото на вицепремиерот Кочо Анѓушев доаѓа досегашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. Двете заменички министри во преодната влада ќе бидат Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријељ во министерството за труд и социјална политика.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи и иден мандатар за техничката Влада Оливер Спасовски вчера изрази верување дека опозицијата ќе предложи нов кандидат кој ќе го раководи Министерството за внатрешни работи.

„Мислам дека тоа ќе го направат и заеднички ќе влеземе во таа преодна влада која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите. Подготвени сме да продолжиме со таква динамика и со посветеност да работиме за граѓаните во предизборниот период, затоа што Македонија не смее да си дозволи да се стопираат проектите и да има застој во реформите. Напротив треба енергично, цврсто да газиме напред заради граѓаните и иднината на Република Северна Македонија“, истакна Спасовски.

Техничката влада треба да ги спроведе предвремените избори

Главната задача на техничката влада ќе биде спроведување на предвремените парламентарни избори. Прв Технички премиер беше Емил Димитриев, кој дојде на позицијата по смена на Никола Груевски и остана над една година додека се „дотеруваа“ условите за фер и демократски избори. Тој неодамна изјави дека очекува техничката влада да си ја одработи добро својата задача, затоа што работењето на овие влади во други околности е многу комплицирана ситуација.

„Овој облик на техничка Влада, по мое мислење, е за општества кои немаат соодветен степен на демократија и независност на институциите. Ова е решение за општества каде што политиката има силно влијание во институциите и со техничката Влада главна цел е да се направи колку толку баланс помеѓу влијанието на политичките партии и затоа се одбрани министерства кои во суштина имаат допир со пошироката јавност и што може да влијаат во дадени избори,“ вели Димитриев.

Предвремените избори во април се оддржуваат на само две и пол години откако на власт дојде коалицијата на СДСМ и ДУИ. Премиерот Заев најави дека ќе си поднесе оставка откако државата и по промената на името не добие зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија на последниот самит во Брисел .