Слаба комуникација со граѓаните на кризниот ковид систем

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче

Кој ги одредува мерките, врз основа на какви параметри, од што зависат тие, како се шири британскиот сој на вирусот, на кои места и редица други прашањата секојдневно си ги поставуваат граѓаните 13 месеци откако почна пандемијата со коронавирусот.

Ако на 29 март 2021 година отидевте на владината страница koronavirus.gov.mk која владата ја промовираше лани како место каде што граѓаните ќе можат да се информираат за се што е ново за коронавирусот ќе ве дочекаше информација дека членови на главниот координативен кризен штаб се техничкиот премиер Оливер Спасовски и на пример техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Информацијата за Главниот координативен кризен штаб на владината страница coronavirus.gov.mk непроменета од пред изборите,29.03.2021

По прашањето на Радио Слободна Европа до директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов кои се членови на штабот бидејќи на страницата се наведени оние пред предвремените парламентарни избори што се одржаа летоска, сега страницата е ажурирана и се наведени: премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Артан Груби, Фатмир Битиќи, Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче, за економија Крешник Бектеши, за образование Мила Царовска, за надворешни работи Бујар Османи, за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ангелов- премиерот раководи со главниот кризен штаб за Ковид19

Сите овие, вели Ангелов, заедно ги носат мерките и одлучуваат по препорака на министерот за здравство Филипче кој, пак, се советува со комисијата за заразни болести.

„Одлуките се носат на ниво на тој главен кризен координативен штаб, тој ја има централна улога и во делот на информирање на јавноста треба да се обратите во овој штаб“, вели Ангелов.

Тој всушност како директор на Центарот за управување со кризи има зголемена улога во справување со коронакризата ако се чита Законот за управување со кризи. Тој закон е релевантен откако владата одлучи да прогласи кризна состојба на 20 ноември лани, а подоцна собранието изгласа таа да трае до 30 јуни 2021 година.

„Оние прашања кои ја интересираат јавноста, сепак е Министерството за здравство и главниот координативен штаб и како што веќе јавно признав и еве една самокритика, верувам дека главниот кризен кооридинативен штаб по барање на јавноста треба да дава малку повеќе информации “, вели Ангелов.

Како се информира во соседството?

Ако во вторник утрото, ден откако во земјава починаа 41 човек како последица на Ковид19 баравте подетални информации за состојбата, веста беше поврзана дека со тоа дека Комисијата за заразни болести ќе се состане да разгледува нови мерки.

Видете и ова: Се воведува кризна состојба - државата ќе управува и со приватните болници

Во соседна Бугарија пак веќе утрината имаше одржана прес конференција на здравствените власти. Министерот за здравство Костадин Ангелов и здравствениот инспектор Ангел Кунчев веќе брифираа на состојбата и идните можни мерки. И така е речиси секој ден.

Во друга соседна земја, Србија, утрово веќе имаше информација дека нема попуштање на мерките, вест која ја соопшти државниот секретар во тамошното министерство за здравство. Главниот српски епидемиолог Предраг Кон претпладнево излезе со анализа во која оцени дека предтходната недела имало стабилизација на високо ниво, дека кривата се израмнила, дека дури имало и опаѓање. Тој постојано е присутен во тамошните медиуми, дава анализи и препораки, а често е и во судир со економскиот тим на владата, препорачувајќи рестриктивни мерки за да се спречи ширењето на Ковид19, спротивни од економскиот владин тим кој инсистира на зачувување на економијата.

Во Хрватска, бројот на новозаразени и починати секојдневно на прес конференција го соопштува Националниот стожер за цивилна заштита што е отворена можност за разјаснување на сите нејасни прашања поврзани со ковид пандемијата.

Кои информации недостигаат?

За тоа пак какви информации недостигаат во Македонија професорот, микробиологот Никола Пановски вели- мислам дека скоро и да не постои комуникација со јавноста.

„Треба да има анализи, според епидемиолошки анкети каде се шири, тоа е многу важно и врз основа на тоа да се преземат мерки, второ, каков е успехот во лекувањето, тоа исто е многу важно, зошто е разликата во смртност меѓу градовите и што се презема таа да се намали. Треба да има и сценарија А, Б и Ц и граѓаните да бидат свесни, на пример ако не почитуваат мерки, ќе бидат на некој начин „затворени“ оти да не затворите на вакво ширење ресторани и кафулиња, барем за викенд, немам зборови“, вели Пановски.

Во моментов во Македонија е јасно дека во сила се две мерки- носење маска на отворено и полициски час од 22 од 5 наутро. Дел други мерки, како на пример забрана за групирање на повеќе од четири лица е нејасно дали важат се уште, ако се земе предвид дека периодов имаше дузина протести но никој од надлежните не реагираше.

Комуникацијата на Министерството за здравство, пак, со јавноста во моментов е на ад-хок прес конференции или обраќања на министерот Филипче и на редовни соопштенија, вообичаено три дневно, за бројот на хоспитализирани во Скопје, за бројот на хоспитализирани во Македонија и за дневниот број на заболени и починати.

Видете и ова: Мерките или ги нема или не се почитуваат, британскиот сој во полн замав

Постојано, министерот вели дека се консултира со Комисијата за заразни болести и дека нивните мерки ги предлага во координативниот штаб и на Владата. Комисијата пак има 17 члена, а претседателот е епидемиологот Жарко Караџовски. Тој неодамна соопшти дека дел членови на комисијата се сменети, но се уште не се знае кој точно е член на телото кое го советува министерот за мерките. Радио Слободна Европа се обиде да дојде до подетални информации од доктор Караџовски минатата недела, но тој замоли да не го вознемируваме.

Без активна комуникација

Здравствените власти со исклучок на првите неколку месеци од почетокот на пандемијата кога држеа редовни и дневни прес конференции, одлучија да ја напуштат таа практика, забележува Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии во Скопје.

„Ние немаме активно водење на комуникациите. Додека гледаме во околните држави, во Европа, во Америка, дневно инфомирање и укажување од овластените лица за тоа како се движи пандемијата, зошто имаме толку мртви, што се случува, кои се последиците, донирај плазма итн кај нас има буквално едно затишје и јас навистина не се сеќавам кога сум видела на некој од електронските медиуми една од тие стари кампањи за да бидеме одговорни граѓани. Тоа создава сериозна несигурност, но од друга страна создава и рамнодушност кај граѓаните бидејќи ако врвот на државата е рамодушен, едноставно граѓаните гледаат само за тоа како да си го спасат сопственото здравје и кожата“, вели Трајкоска.

Инаку последната донесена мерка во земјава, полициски час од 22 до 5 наутро, почна на 10 март. Најавите тогаш беа дека ќе се разгледа ефектот по две недели и ќе се соопшти дали се потребни нови мерки. Утре поминува третата недела од воведувањето на оваа мерка, но се уште надлежните не изгегоа со информација какви ефекти се постигнати.