Кој од тројцата професори ќе биде претседател на Северна Македонија?

Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река

Од полноќ почнува молкот за претседателските избори. Во 19 дневната изборна кампања, тројцата кандидати заедно со претставниците на партиите што ги поддржуваат ги испраќаа своите пораки до можните гласачи преку директни средби, интервјуа, билборди, телевизиски спотови, социјални медиуми.

Главната порака која и преку слоганот ја изразува кандидатот на владиното мнозинство, професорот Стево Пендаровски е „заедно напред”, во контекст на напредокот пред сè кон евроатлантските структури, но и кон заедништво со другите етнички заедници кои живеат во земјава. Пендаровски и во најголем дел од времето на митинзите зборува за тешките одлуки поврзани со Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија и затворање на Рамковниот договор преку законот за јазиците, чекори со кои, како што тврди, се осигурувала иднината на државава.

Пендаровски во претседателката трка е по втор пат, откако пред пет години изгуби од сегашниот претседател во заминување Ѓорге Иванов. На критичарите тој им возвраќа дека тогаш бил морален победник, алудирајќи на нелегални избори во 2014 година.

„На изборите не е дилемата дали Стево Пендаровски ќе биде претседател или Гордана Сиљановска- Давкова. Не се работи само за два човека, за две личности, туку се работи за политички концепти кои едниот ја носи Македонија во развиениот свет и е гарант дека тоа и ќе биде така за век и векови, а другиот не носи во темното минато, во долгиот мрачен транзиционен тунел во кој живеевме 11 години”, порачува Пендаровски.

Сиљановска игра на женска карта и ветува правда

„Да ја напишеме новата историја на Македонија заедно. Прва жена претcедател - прв чекор кон воспоставување право и правда во нашата татковина”, ова го порачува кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска - Давкова.

Професорката на која и забележуваат дека беше молчалива за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, е еден од погласните критичари на Договорот од Преспа, беше една од заговорничките на бојкот на референдумот за договорот, а и сега во настапите често го критикува, но вели дека ако стане претседателка ќе го почитува.

Сиљановска доста често во своите настапи го истакнува тоа и дека е жена, главниот слоган и е „Правда за Македонија, татковината повикува”, а во настапите слично како Пендаровски што го критикува владеењето на Груевски, таа жестоко го критикува владеењето на Заев.

„Се отвора простор и за жестока критика и за ваша конечна одлука која нема да значи само крај за нив, туку ќе значи и крај на едно несреќно, тажно, неспособно, импотентно политичко владеење и ќе значи почеток на промени и на реформи”, вели Сиљановска- Давкова.

Река - Да престане селективната правда

„Река за Републиката - за една Република за сите, каде законот е над сите”, е слоганот на кандидатот Блерим Река, кој во трката за позицијата шеф на државата е поддржан од опозициските партии на Албанците, Алијанса за Албанците и Беса.

Професорот на факултетот на Југоисточна Европа, кој од 2006 до 2010 година беше амбасадор на Македонија во Европската унија, речиси секојдневно споделува на социјалните мрежи понеформални видеа од него и неговиот тим. Тој ја критикува како што ја нарекува, приватната и заробена држава и ветува владеење на законот, а не на поединецот, како што вели дека било досега. Има забелешки за правниот систем во државава за што неколку пати се судри во телевизиските дебати со кандидатот на мнозинството Пендаровски. Река вели и дека не сака да го гласаат само затоа што е Албанец, оти не му била потребна позитивна дискриминација, туку сакал да го гласаат оти имал искуство и знање.

„Со самиот концепт република за сите јас таргетирам , условно речено, и на македонските граѓани, оти нема македонски и албански граѓани, сите сме граѓани на Република Македонија, но затоа што гледам дека во последните години и граѓаните од македонската етничка припадност, ја имаат истата цел, истата аспирација еднаш за секогаш за престане корупцијата, непотизмот, селективната правда, да дојде правдата, да владее законот, јас мислам дека на оваа парола и на оваа карта тие ќе се придружат на мојот концепт”, вели Река.

Стравување за цензусот, првиот круг главен тест

Сите политички актери и од власта и од опозицијата стравуваат од исполнувањето на цензусот во вториот круг избори кој ќе се одржи на петти мај. Речиси се невозможни изгледите претседателот на биде избран во првиот круг в недела, а тоа гласање ќе биде тест и за позиционирањето на кандидатите, но и за мотивираноста на гласачите да излезат на избори.

И кандидатите и лидерите на партиите што ги поддржуваат последниве денови засилено повикуваат дека треба да се излезе на гласање, оти бојкотот и останувањето дома, велат, дека не се решение.

Министерката за правда Рената Дескоска ги кажа и опциите ако нема цензус во вториот круг. Првата можност е претседателот на државата да се избира непосредно од граѓаните без потребно мнозинство во вториот круг, а втората опција е тој да се избира во Собранието, рече Дескоска.

Ваквите стравувања се поткрепуваат и со тоа дека одѕивот за претседателски избори генерално е помал отколку за парламентарни и локални избори, па последните два пати кога се бираше шеф на државата, се гласаше паралелно и на предвремени парламентарни или за локални избори. Во 2009 година кога се бираше шеф на државата и градоначалници, излезноста беше 42,61, малку над потребниот минимум.

Во меѓувреме остануваат и очекувањата и повиците в недела да има мирен изборен ден без инциденти кои би го нарушиле процесот што се смета за важен и за напредокот на земјава кон Европската унија.