Од денеска сите граѓани на возраст од 73 и 74 години кои се пријавиле дека се заинтересирани за вакцинација или преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари, ќе можат да се вакцинираат. И додека прагот на возрасната структура за вакцинирање се намали, во јавноста има реакции од граѓани кои, иако се на возраст над 75 години сѐ уште не се имунизирани.
Зорица од Скопје е 76 годишна пензионерка која има хронични болести. Се пријавила и преку сајтот и преку матичниот лекар, но уште го чека својот ред за вакцина.
„Јас сум 28 години дијабетичар и хроничен срцев пациент. Пријавена сум и преку сајтот вакцинација.мк и преку матичната лекарка за вакцинација. Еве сега бев кај матичната во ординација, виде дека сум регистрирана за вакцина. Сестрата не сакаше ни да ме ислуша. Секој ден се јавувам и или не ми креваат телефон или ми исклучуваат. Немам никакво објаснување зошто уште немам термин за вакцина иако уредно и навремено се пријавив“, вели пензионерката Зорица.
Матичните лекари пак, не гледаат вина кај нив. Доктор Лидија Дервишова-Чолакова од Здружението на приватни лекари вели дека проблемот е во системот „Мој термин“ преку кој тие ги регистрираат своите заинтересирани пациенти. Имено таа објаснува дека голем дел од пациентите веројатно не се повикани бидејќи немаат меил кој им е неопходен при пополнување на апликацијата.
„Сметам дека е непотребно да се бара меил. Кој пензионер има меил? Огромен број на пензионери се сами, немаат до нив деца да им отворат меил. А, без меил не поминува апликацијата. Доаѓаат луѓе и се откажуваат токму затоа што немаат меил. Ете тука е едниот проблем. А јас ви тврдам дека ниту еден матичен нема да го стави својот меил на 2000 или 3000 пациенти. Не оди тоа така“, вели Чолакова - Дервишова.
Уште една слабост на системот е тоа што немаме листа на приоритетни болести.
„Еве на пример ви доаѓа пациент со некое автоимуно заболување и пациент со мозочен инфаркт. И сега вие на кој да му дадете приоритет? Кој ќе ги исфрли компјутерот, тој ќе добие термин. „Мој термин“ е во корелација со Министерство за здравство и самиот систем пушта термини, така ние ги закажуваме пациентите. Ви велам, сè е до софтверот“, вели Чолакова-Дервишова.
Видете и ова: Стравот најголем противник на вакцинацијатаВо меѓувреме, расте незадоволство и на социјалните мрежи. Граѓани споделуваат искуства и прашуваат зошто редот во вакцинирањето се измешал?
„Господине министре, како отварате пункт за вакцинација за лица од 73 и 74 години и тоа во Скопје кога од внатрешноста имате сè уште невакцинирани граѓани од првата група на 77 години. Имено, две недели бараме термин за вакцинација на мојата мајка која има 78 години, преку матичниот лекар никако да дојдеме на ред, секојдневно се јавуваме и истиот одговор го добиваме, нема термини. Два пати е пријавена и преку сајтот, но и од таму нема одговор. Мислите ли да воспоставите ред како што треба?“
„Само ги комплицирате работите, ако се пријавени еднаш треба да најдете начин да им обезбедите термин и да ги известите за кога им е закажан истиот (преку меил или телефонски)! Не добиваме ни потврден меил дека успешно сме се пријавиле и еден ист човек двапати може да се пријави! Гледам ги викнавте сите над 80 години! Сега треба да го бркаме матичниот да ни закажува термин!“
„Уште само да кажете како е можно да ги пријават за вакцинација лица помлади од 73 и 74 години, а лица на 73, 74, и 75 години се уште да чекаат термин за вакцинација?“, се дел од коментарите од граѓаните на социјалните мрежи.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека вакцинацијата се извршува согласно претходно предвидениот план за имунизација. Тој уверува дека фрекфенцијата на спроведување на вакцинирање е зголемена во изминатите денови и од 700 до 800 вакцинирани дневно, сега има 1000 до 1500 вакцинирани и согласно пријавените термини тоа се спроведува во сите градови.
„Апелирам до сите граѓани за трпение. Системот може да функционира така да многу граѓани може да се вакцинираат во текот на денот. Согласно расположливоста со вакцините, сега како што е поставен системот, може да се постигне за многу кратко време, веднаш кога ќе дојдат вакцините на распологање, динамика од 7-10 илјади вакцинации на ден“, изјави Филипче.
Без вакцини нема колективен имунитет
Во однос на голем број на критични категории на граѓани што треба да се вакцинираат, како лицата со попреченост, ретки болести, тие на дијализа, со хронични белодробни заболувања, Филипче кажа дека тие нема да бидат групирани според овие критериуми, туку според возраста, затоа што како што рече, во секоја возрасна група има такви пациенти.
Освен во Скопје, објекти за масовна вакцинација ќе има и во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и во Тетово, во пресрет на поголемата количина на вакцини кои ги очекува земјава до крајот на април. Филипче најави дека ќе се разговара со градоначалниците на овие градови за да се одредат најповолните локации каде по примерот на спортскиот центар Борис Трајковски ќе се одвива имунизацијата.
Досега се нарачани 800 илјади дози од Ковакс механизмот, по 200 илјади кинески и руски вакцини, 100 илјади вакцини помош од системот на солидарност на ЕУ и 500 илјади вакцини од Синовак што треба да дојдат во мај. До крајот на месецот се очекуваат 20 илјади дози од Фајзер да пристигнат во Македонија, како и 200 илјади дози од кинеските вакцини.
Во салата Борис Трајковски пак се вакцинираат околу 2500 луѓе дневно, а и дополнително ширум државата. Таму вчера заврши вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура. Досега се вакцинирани близу 30 000 граѓани.
Според Националниот план за имунизација, најпрво се вакцинираат приоритетните групи кои се со најголем ризик да заболат од ковид 19. Како приоритет ќе се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во ковид центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Натаму, здравствени работници кои работат со земањето на брисеви, граѓаните над 65 години, пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот „Мој Термин“, како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт. Вакцината ќе ја примаат во две дози. Првите резултати се очекуваат на 21 ден по примената втора доза кога вакцинираниот ќе треба да се стекне со имунитет.