Кој е кој меѓу руските платенички воени компании?

Војници на групата Вагнер во Бахмут, Украина

Војниците од компанијата позната како Редут беа меѓу првите кои влегоа во Украина кога Русија ја започна големата инвазија на 24 февруари 2022 година. Но не е само таа. Редакцијата на англиски јазик на РСЕ направи краток преглед на некои од другите, помалку познати играчи во рускиот растечки бизнис за приватно обезбедување. Некои од нив испратија војници да се борат во Украина, а други станаа озлогласени на свој, уникатен начин.

Евгениј Пригожин, основачот на озлогласената руска платеничка компанија „Вагнер груп“, кој никогаш не штеди на зборови, во видеото објавено на 9 мај ја испорача најновата од серијата жестоки критики за руските воени команданти.

Пригожин се пожали на снабдувањето со муниција на неговите борци, кои одиграа клучна улога во 10-месечниот напад врз источниот украински град Бахмут. А потоа се сврте кон друга цел, приватна компанија за обезбедување финансирана од државниот гасен гигант Гаспром, жалејќи се дека нејзините борци одбиваат да заземат борбени позиции во близина на Бахмут.

„Зошто трошите народни пари, собирате луѓе и ги праќате во мелница за месо? Престанете да ги правите тие глупости, ова е војна“, вели Пригожин во видеото.

Вагнер стана добро познато име за оние кои ги следат руските воени тактики преку неговиот долгогодишен подем на значајни локации како Мали, Судан и Централноафриканската Република. Сепак, компанијата на Пригожин е далеку од единствената од ваков вид.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Киев: Руските сили влегоа во стапица во Бахмут

Редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа (РСЕ) донесува краток преглед на некои од другите, помалку познати играчи во растечкиот руски приватен комплекс за обезбедување: некои испратија војници да се борат во Украина, а други станаа озлогласени на свој, уникатен начин.

Редут

Војниците од компанијата позната како Редут беа меѓу првите кои влегоа во Украина кога Русија ја започна својата голема инвазија на 24 февруари 2022 година, пренесува веб страницата Медуза. Редут е руски збор за одбранбено воено утврдување или упориште.

Сепак, потеклото на компанијата датира неколку години наназад: во Сирија, според весникот на руски јазик „Новаја Газета“, кој посочува дека нејзините војници наводно биле вклучени во чувари на објекти поставени таму од Строитрансгаз, инженерска и градежна компанија првично основана од Гаспром, која подоцна ја купи милијардерот поврзан со Кремљ, Генадиј Тимченко.

Според Новаја Газета, седиштето на Редут се наоѓа во Кубинка, град во Московскиот регион кој е блиску до домашната база на 45-та бригада на специјалните сили на руските воздухопловни сили.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Вагнеровци со нови кривични дела по враќањето од војната во Украина

Компанијата активно регрутираше војници на руските социјални мрежи, пропишувајќи дека заинтересираните кандидати мора да имаат најмалку 25 години и да имаат некаква воена специјалност или искуство во агенциите за спроведување на законот.

Копија од договорот на Редут неодамна доби РСЕ Idel.Realities. Таму не е спомената Украина или какви било тековни воени операции и се наведува дека станува збор за градежна компанија регистрирана во јужниот град Ростов на Дон, недалеку од деловите на Донбас во Украина под руска окупација. Руските корпоративни регистри, сепак, не покажуваат никакви детали за таквите корпорации.

Договорот се означува и со кратенката „RLSPI“ или Регионална лабораторија за социјални и психолошки истражувања. Лабораторијата е всушност единица на руската воена разузнавачка агенција, позната како ГРУ, а официјално се нарекува воена единица 35555.

Еден човек кој се приклучил на Редут, за Idel.Realities изјави дека пред инвазијата, платениците биле испратени во Украина, Русија ги поддржувала локалните сили во Донбас од 2014 година, и биле платени во готово, во американски долари. Сепак, по инвазијата, платите се исплаќаат во рубљи.

„Очекувањата и одговорностите на платеникот вклучуваат „вршење на какви било посебни задачи во секое време на кое било место под дискреција на работодавачот“, се наведува во договорот.

Друг поранешен платеник изјави за Idel.Realities дека војниците дел од обуката ја вршат во воено-разузнавачки тренинг центар во близина на југозападниот руски град Тамбов.

Поток и пламен

Освен Вагнер, која и покрај неговата озлогласена слава, според руските закони сè уште е технички нелегална како приватна воена компанија, на украинското бојно поле има и други вооружени фирми за обезбедување кои не се илегални.

Пред коментарите на Пригожин, постоеја сомневања дека постои една или повеќе приватни воени компании поддржани од Гаспром. Премиерот Михаил Мишустин претходно оваа година ја овласти нафтената подружница на Гаспром, Газпромњефт да основа таков ентитет под ознаката „приватна фирма за обезбедување“, што е легално според руските закони.

Според рускиот сервис на Би-Би-Си, приватната фирма на Гаспром првично била основана во сибирскиот град Омск под името Газпромњефт Окрана и била раководена од Станислав Бауман, вршител на должноста шеф на регионалното Министерство за внатрешни работи во Архангелск.

Врз основа на изјавите на Пригожин и други извештаи, постојат повеќе приватни субјекти за обезбедување кои постојат под капата на Гаспром.

Едниот, познат како Поток, го привлече вниманието на јавноста во април кога група негови платеници објави видео во кое се жали на залихи на бојното поле.

Тие, исто така, се пожалија дека им било кажано дека ќе добијат формални договори преку Министерството за одбрана, но наместо тоа биле ставени под надлежност на Редут.

Видете и ова: Во војна во Украина за „брзо“ руско државјанство

Дон и Унијата на волонтери од Донбас

Бригадата Дон, која е приклучена на Редут, се состои од доброволци, од кои многумина се Козаци. Бригадата е вклучена во Националниот систем за готови резерви познат како БАРС и е формално поврзана со Министерството за одбрана. Висок функционер на една козачка општествена организација наречена Сојуз на козачки воини од Русија и странство регрутираше доброволци на социјалните мрежи. Друг висок функционер на групата е Александар Бородај, Русин кој некогаш бил сепаратистички водач во Донбас. Сега тој е пратеник во рускиот парламент.

Еден војник од Дон, кој се идентификуваше само како Максим, за РСЕ изјави дека се приклучил поради условот за возраст наметнат од Редут. Сепак, тој рече дека платите на војниците од Дон и Сојузот на доброволци од Донбас ги исплаќал Редут.

Војникот рече дека дел од платениците се испраќаат во Редут, каде што се создаваат специјални донски единици. Но, тие се уште формално се сметаат за членови на Унијата на волонтери од Донбас.

И, како и другите борци на Reдут, платениците од Дон не се вклучени во формалниот регистерски систем БАРС.

Според страницата на Унијата на социјалната мрежа порано позната како ВКонтаке, групата има три баталјони кои тренираат на полигонот Кадамовски во Ростовската област.

Групата Моран, Славенскиот корпус и Е.Н.О.Т.

Останатите руски воени и безбедносни компании се попознати по нивните претходни потфати или нивните активности надвор од украинските боишта или нивното застапување на екстремистички идеологии.

Постојат неконзистентни датуми кога за прв пат се појавила безбедносната компанија Моран. Корпоративните документи детално опишани во извештајот на Фондацијата Нова Америка од 2019 година велат дека компанијата била основана во Белизе во 2011 година, а потоа во Москва истата година. Документи од компанијата укажуваат на тоа дека нејзината работа обезбедува заштита од пирати за руските бродови и датира од 1990-тите. Меѓу најголемите клиенти на Моран била државната Совкомфлот, најголемата руска бродска компанија.

Според новинската агенција Фонтанка од Санкт Петербург, ПМЦ Вагнер влече корени од Славенскиот корпус, приватна воена компанија која регрутирала борци уште во 2013 година.

Славенски корпус првпат се појави во корпоративната евиденција во Хонг Конг во 2013 година. Нејзините двајца директори беа поранешни вработени во Моран, Вадим Гусев и Евгениј Сидоров. Истата 2013 година, борците на Славенскиот корпус се појавија во Сирија на барање на сириската влада, која веќе беше соочена со зголемената закана од групи како т.н. Исламската држава, која зазеде неколку нафтени постројки.

Кои се српските доброволци „Сава“ и „Дунав“ кои војуваат во Украина?

По битката во која беа ранети неколку борци на Славенскиот корпус, Гушев и Сидоров се вратија во Русија, а беа приведени од Федералната служба за безбедност. Една година подоцна, московскиот суд ги прогласи за виновни за водење на нелегална платеничка компанија и ги осуди на затвор.

Во меѓувреме, еден од првите шефови на Вагнер групата беше Дмитриј Уткин, ветеран на руското воено разузнавање, кој работеше за безбедноста на Моран, а подоцна и за Славенскиот корпус.

Друга приватна компанија, идентификувана од украинските истражители дека учествувала во руската окупација на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, беше Е.Н.О.Т. Корп, основана од националистичкиот активист Игор Мангушев.

Е.Н.О.Т. војници се забележани и во Сирија, според извештајот на Полскиот институт за меѓународни односи од 2018 година и учествувале во паравоени операции во Таџикистан и Нагорно-Карабах. Групата, исто така, организираше „патриотски“ летни кампови за млади во земји како Србија, Црна Гора, Белорусија и други.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Србија го затвори „патриотскиот воен камп за млади“

Во 2018 година, групата беше цел на руските полициски сили во регионот Краснодар, а неколку нејзини членови, од кои некои беа федерални безбедносни или разузнавачки службеници, беа обвинети за грабеж и изнуда.

Минатата година Роман Теленкевиќ, кој ја предводеше групата од 2016 година, беше осуден на 13 години затвор за изнуда, криминални закани и други обвиненија.