На почетокот на јануари косовските институции запленија 429 уреди за ископување криптовалути, откако пратениците во Собранието на Косово на крајот на декември донесоа вонредни мерки поради енергетската криза.
Поради сомневање дека се троши големо количество струја за производство на дигитални пари, на 4 јануари Владата на Косово донесе одлука за забрана за производство на криптовалути, врз основа на која косовската полиција во последно време заплени стотина уреди.
„Копачите“ и тргувачите со криптовалути имаат одврзани раце
Експертот за сајбер безбедност Дријарт Елашни објаснува дека постојат различни начини да се идентификува производството на криптовалути.
„Идентификацијата може да се направи преку соработка со граѓаните, потоа преку активности за следење на интернетот. Преку интернет провајдерот е можно да се открие сообраќај што се користи за ископување криптовалути, бидејќи овие уреди користат специјални мрежни протоколи“, наведува Елшани.
Видете и ова: Косово забрани производство на криптовалутиКриптовалутата е вид на дигитални пари, децентрализирани, базирани на „блокчејн“ технологија. Блокчејн е база на податоци која содржи информации за дигитални трансакции. Во пракса, тоа е нешто како продажна книга, дистрибуирана низ светот преку компјутер.
Елшани оценува и дека четири општини на северот на Косово со мнозинско српско население: Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, станале „атрактивни локации“ за производство на криптовалути.
Бесплатна струја
Граѓаните од овој дел на Косово не ги плаќаат сметките за струја од 1999 година, а се проценува дека долгот за потрошената струја во споменатите општини изнесува околу 12 милиони евра годишно.
Исто така, во северните општини претежно има интернет провајдери од Србија кои нелегално работат на територијата на Косово.
Сепак, Елшани тврди дека тоа не е пречка за идентификување на лица кои се занимаваат со производство на криптовалути.
„Без разлика од каде доаѓа интернетот, тие можат да се идентификуваат преку уредите лоцирани на Косово, како што се разни рутери или други уреди што обезбедуваат интернет“, вели Елшани.
Косовската полиција на 8 јануари заплени 272 уреда за производство на криптовалути на територијата на општина Лепосавиќ, а министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља, тогаш изјави дека акциите биле организирани со цел да се идентификува и одземе опремата за производство на дигитални пари.
Полициски рации
Постапките на косовската полиција збунија некои граѓани кои се занимаваат со ископување криптовалути. Еден член на група на социјалната мрежа Фејсбук ги прашува останатите дали постои опасност полицијата да му ја одземе опремата, иако, како што вели, легално ја увезол во Косово.
Исто така, опремата за производство на криптовалути сѐ уште слободно се продава на различни интернет платформи, иако полицијата со денови ја одзема.
На 5 јануари, едно лице објави соопштение дека 100 уреди од типот Antminer се користат за ископување на добро познатата криптовалута Bitcoin. Цените на уредите се различни, во зависност од криптовалутата што се „копа“, брендот или јачината на самиот уред и се движат од 150 до 10.000 евра.
Видете и ова: Криптомаркетот - дигитална ренесанса или економски ризик?Косовската царина наведува дека опремата што се користи за ископување криптовалути ќе биде запленета доколку сопственикот ја нема потребната документација.
„Секој уред или производ што е на Косово и не ја поминал царинската постапка автоматски подлежи на конфискација“, наведуваат од косовската царина за РСЕ. Не е прецизирано што се случува со запленетата опрема.
Според Законот за царина и акцизи на Косово, доколку правно или физичко лице шверцува стока на Косово, таа се запленува. Одземената стока може да се врати по барање на сопственикот или сторителот во оправдани случаи, но само доколку се исполнети условите за такво нешто, односно да се дозволи откуп на сопственикот на стоката или на тој што го прекршил законот. Инаку, Законот предвидува дека одземената стока не може да се продава.
Криптовалутите во закон
Претседателот на Комисијата за економија, индустрија, претприемништво и трговија во Собранието на Косово, Ферат Шаља, вели дека проценките се оти на Косово има околу 10.000 идентификувани оператори - физички и правни лица, кои се занимаваат со производство на криптовалути.
Во обид да го регулираат ваквото производство, членовите на косовското Собрание започнаа процедура за донесување закон за криптовалути. Целта е да се категоризираат криптовалутите и облиците на оданочување, така што ова производство да биде во согласност со домашните и меѓународните закони за трансфер на пари и да се спречи перење пари.
Шаља забележува дека производството на криптовалути мора да биде законски регулирано што е можно поскоро, особено сега кога Владата на Косово го забрани „копањето“ на дигитални пари.
Видете и ова: Нема биткоин без „мотика“„Работната група сè уште не го завршила предлог-законот и ја чекаме пролетната седница на Собранието на Косово за да продолжиме да работиме на предлог-законот за криптовалути“, изјави Шаља за РСЕ.
Централната банка на Косово (ЦБК) исто така ја поддржува идејата за регулирање на производството на криптовалути со закон. Заменик-гувернерот на ЦБК, Сокол Хаволи, вели дека ископувањето криптовалути во моментов е ризична активност на Косово, односно за оние кои инвестираат во дигитални пари.
„Важно е да се регулираат некои сегменти од оваа област, кои се однесуваат на оданочување на криптовалутите или данок на доходот што тие го прават. Треба да се регулира и прашањето за борба против перењето пари“, рече Хаволи. Тој смета дека треба да бидат заштитени и оние кои инвестираат во криптовалути.
Криптовалутите и струјата
Откако во Лепосавиќ на северот на Косово беа запленети 272 уреди за производство на криптовалути, косовскиот министер за финансии Хекуран Мурати изјави дека овие уреди, доколку работат континуирано, трошат околу 300.000 киловати струја месечно. Според него, тоа е просечната потрошувачка на струја за 500 домаќинства.
Од друга страна, оние кои го разбираат рударството на криптовалути го тврдат спротивното, односно дека производството на дигитални пари не троши многу струја.
Гранито Кадоли, кој произведува криптовалути веќе неколку години, во претходна изјава за РСЕ вели дека во Косово постојат два вида уреди кои произведуваат криптовалути - ASIC Miner, кој главно произведува Bitcoin и GPU Mining - кој се состои од графички картички.
Видете и ова: Кој ја плаќа струјата за „копачите“ на криптовалути?Според него, повеќето уреди се со графички картички. „ASIC Miner троши од 1,8 до 2,2 киловати енергија на час, додека GPU Mining троши 1,1 до 1,8, тоа се поголеми и поскапи уреди. „Повеќето граѓани кои инвестирале во криптовалути имаат GPU уред. Не троши премногу електрична енергија за да влијае на енергетската криза“, вели Кадоли.
Според податоците на косовската царина, во текот на 2021 година на Косово биле увезени уреди Антмајнер во вредност од околу 3.000 евра, додека вредноста на увезените графички картички е 583.000 евра.
Царината наведува дека граѓаните на Косово најмногу инвестирале во опрема за производство на криптовалути во 2017/2018 година.
Во летото 2018 година, операторот на електроенергетскиот систем на Косово забележа зголемување на потрошувачката на електрична енергија во општините во северно Косово за над 20 проценти.
Курти ги повика граѓаните да штедат што е можно повеќе струја
На јавната расправа во Собранието на Косово, одржана во август минатата година по повод предлог-законот за криптовалути, пратеничката Мимоза Кусари - Љиља ја поврза зголемената потрошувачка на север со производството на криптовалути.
„Евидентно е дека потрошувачката на електрична енергија во последните години постојано се зголемува во општините на северот на Косово. Растот на потрошувачката во северниот дел на земјата во 2019 година, во однос на 2018 година, изнесува 8 насто.
Растот на потрошувачката во 2020 година во однос на 2019 година изнесува 13 насто. Исто така, во 2021 година потрошувачката на електрична енергија на северот на Косово била за 13 проценти поголема од претходната година“, наведува операторот на електроенергетскиот систем на Косово.
Косовските институции сѐ уште не нашле решение за наплата на сметките за струја на граѓаните во северно Косово.