Достапни линкови

Нема биткоин без „мотика“


Илустрација
Илустрација

Да живееше Кочо Рацин во денешно време ќе напишеше песна за „Копачите на биткоини“. Се чини дека тоа е новото аргатување, само што од него нема црно под нокти. Уште ако струјата ја плаќа некој друг, тоа станува многу профитабилен бизнис.

Нема биткоини без мотика. Треба да се седне и да се копа. Добро, не е баш мотика, туку моќен компјутер, но тоа не ја менува поентата. Бизнисот станува навистина исплатлив ако некој друг ја плаќа струјата, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

По пријава на граѓанин, полицијата изврши претрес во магацини во ГТЦ во Скопје кои под наем ги држеле синовите на поранешниот пратеник Амди Бајрам, Габриел и Елвис Бајрам. Во магацините можеше да се види компјутерска опрема која се користи за „копање“ криптовалути. Полицијата брзо заклучи дека немало кражба на струја и си замина.

Според коментарите на социјалните мрежи, граѓаните не веруваат многу во официјалната верзија на полицијата.

Габриел Бајрам беше избран за советник во Град Скопје од листата на коалицијата на СДСМ, а Елвис Бајрам стана советник во Општина Шуто Оризари како носител на листата на Сојузот на Ромите на локалните избори што се одржаа минатиот месец.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го штитат коалициониот партнер и оти е „јавна тајна“ дека во ГТЦ се краде струја.

Копањето криптовалути не е забрането, но веднаш по полициската акција, компјутерската опрема беше изнесена од магацинот.

Габриел Бајрам најави дека ќе одржи прес-конференција да ја објасни целата работа, но наместо него дојде човек кој се претстави како професионален модератор и рече дека во магацините имало компјутерска опрема за која уредно е платена царина за увоз и оти магацините служат за сервисирање на опремата, која потоа се извезувала. Модераторот ,сепак, не откри дали со таа опрема се „рудареле“ криптовалути.

Македонскиот народ е научен да копа, ама кога тоа се прави на нива ги боли грбот. Да живееше Кочо Рацин во денешно време, ќе напишеше песна „Копачите на биткоини“.

Се к'ти ноќта црна!
Се рути карпа - мрак!
И петли в ГТЦ пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

Градскиот трговски центар ја купува струјата на слободниот пазар по 3,7 денари за мегаватчас, а потоа им ја распределува на дуќаните на кои им ја фактурира по 15,9 денари за мегаватчас. Директорот на ГТЦ не даде одговори за јавноста.

Сопственици на дуќани во ГТЦ се жалат дека немаат увид во броилата и дека сметките за струја им се повисоки од претходно.

Дел од граѓаните иронично забележуваат дека ГТЦ е првиот трговски центар во светот кој работи со криптовалути.

Инаку, ова е втора акција на полицијата по крадци на струја во ГТЦ со копање криптовалути. И при првата МВР не утврдила кривично дело. За кражба на струја предвидена е казна затвор до три години.

„Копањето“ криптовалути се врши преку компјутерски уреди. За целиот процес е потребна соодветна опрема, моќни процесори, како и напредни графички карти наменети за компјутерски гејминг, со што се троши многу струја.

Во првата половина од годинава биле поднесени 120 пријави за кражба на струја, а лани имало 250 пријави. Струја се крадела насекаде, а најмногу од трагачи по биткоини.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG