Зошто владата на Косово смета дека „Отворен Балкан“ е без визија за регионот?

Премиерот на Косово Албин Курти

Премиерот на Косово Албин Курти не учествуваше на Економскиот форум за регионална соработка во Скопје во рамките на иницијативата „Мини-Шенген“, на која ѝ беше дадено новото име „Отворен Балкан“. Албанскиот премиер Еди Рама вели дека Курти живее во паралелен свет.

Од Економскиот форум во Скопје премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ уште еднаш ги повикаа земјите од регионот да се приклучат кон оваа иницијатива со цел зајакнување на економската соработка и отстранување на пречките за слободна движење на луѓе, стоки и капитал.

Владата на Косово не ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“

Кабинетот на премиерот на Косово Албин Курти, во писмениот одговор за Радио Слободна, наведува дека „ставовите за идејата од Нови Сад, таканаречениот мини-Шенген, се веќе познати“.

Видете и ова: ФТ: Фрустрирани од ќор-сокакот на патот кон ЕУ, балканското трио формира мини-Шенген зона

„Иницијативата од Нови Сад нема наше одобрување и како резултат на тоа не добивме официјална покана за учество на состанокот во Скопје. За нас, таканаречената мини-шенген иницијатива е без визија за регионот. Предложивме подобрување на договорот за регионална соработка преку ЦЕФТА и СЕФТА, Договор за слободна трговија на Југоисточна Европа, според моделот ЕФТА-ЕЕА (Европска асоцијација за слободна трговија и Европска економска област), од кој истовремено ќе имаат корист сите земји од Западен Балкан“, се вели во одговорот на Владата на Косово.

На 15 јуни, во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, премиерот на Косово, Албин Курти, предложи шесте земји од Западен Балкан да напредуваат кон ЦЕФТА и СЕФТА според моделот ЕФТА-ЕЕА, односно договорот каков што Лихтенштајн, Норвешка и Исланд го имаат со ЕУ.

Иницијативата „Мини-Шенген“

Балканскиот „Мини-Шенген“ или сега „Отворен Балкан“ е иницијатива на Србија, Албанија и Северна Македонија, која, со цел да се подобри регионалната соработка, беше покрената на 10 октомври 2019 година во Нови Сад, Србија.

Целта на „Мини Шенген“ е да нема граници меѓу Србија, Македонија и Албанија

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, како домаќин на средбата во Скопје на 29 јули, ги повика сите лидери на Западен Балкан да се приклучат кон оваа иницијатива.

Видете и ова: „Отворен Балкан“ за европска иднина на регионот

„Иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан, затоа ги повикуваме и ги охрабруваме нашите колеги да се обединат заради нашите народи. Сите ние сме Западен Балкан и Европејци. Да создадеме визија за вистински развој во корист на сите наши граѓани“, рече Заев.

Меѓутоа, премиерот на Косово, Албин Курти, категорично одбива да се приклучи на иницијативата, бидејќи смета дека регионот мора да се врати на прашањето за интеграција со Европската унија, а не да учествува во иницијативи што се штетни за Албанците.

Рама: Курти живее во паралелен свет

Премиерот на Албанија Еди Рама испрати порака од Скопје до неговиот косовски колега Албин Курти во која се вели дека „кој и да каже дека оваа иницијатива е дизајнирана во подрумите на поранешна Југославија, живее во паралелен свет“.

„Прво, тој [Курти] живее во паралелен свет. Второ, живее со политика на грбот на граѓаните, а не за подобрување на благосостојбата и градење мостови меѓу луѓето и трето, заборава дека ако вака тргнеме, тогаш можеме да кажеме дека и Европската унија е олема Југославија. Ако Европската унија е голема Југославија, ова е мала Југославија“, рече Рама.

Видете и ова: Харадинај: мини Шенген по признавањето на Косово од Србија


Освен Курти и претседателот на Косовската стопанска комора Берат Рукичи е против регионалната иницијатива „Мини-Шенген“ или „Отворен Балкан“.

Во изјавата за РСЕ, тој проценува дека ниту една регионална иницијатива не може да биде успешна ако не ги вклучи сите земји.

„Земјите од регионот треба да најдат консензус во овој случај, да го постигнат она што го имаат за цел во рамките на Берлинскиот процес или која било друга иницијатива, регионален економски пазар кој е привлечен за трговија и инвестиции.

Во оваа ситуација, кога тие се само три земји, не верувам дека иницијативата може да биде успешна“, вели Рукичи.

Поранешниот министер за европска интеграција на Косово и професор по меѓународно право на Универзитетот на Југозападен Балкан во Тетово Блерим Река пак, смета дека иницијативата Мини Шенген е погребана во Скопје.

Српските туристи сакаат да летуваат во Албанија и покрај политичките изјави

„Три години Вучиќ не успеа да ја продаде реинкарнацијата на Југославија во светлината на регионалните интеграции. „Малиот Шенген“ беше фасада на голема Југославија. Повторно под српска комерцијална, воена и политичка хегемонија“, напиша Река.

Според него, промената на името на иницијативата - од „Мини Шенген“ во „Отворен Балкан“, не ја смени содржината.

Нова влада, нов курс

Косово се обврза да се приклучи кон иницијативата „Мини-Шенген“ со Вашингтонскиот договор, кој беше потпишан во септември минатата година од тогашниот премиер на Косово Авдулах Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Меѓутоа, актуелната влада на Албин Курти ги повикува земјите од регионот да останат посветени на агендата на Европската унија и да ги поттикнат трансатлантските односи.

Видете и ова: САД и ЕУ - суштински интерес, но различен пристап за евроинтеграцијата на Балканот

Во почетокот на оваа година, Групата за истражување на балканската политика објави извештај во кој, меѓу другото, се препорачува иницијативата „Мини-Шенген“ да се интегрира во Берлинскиот процес, со цел да се обезбеди сеопфатност и учество на сите земји од Западен Балкан.

„ЕУ, земјите -членки и САД треба целосно да се координираат, да ги поддржат заедничките регионални агенди и да избегнуваат еднострани процеси“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека владите на шесте земји од Западен Балкан треба да работат на идентификување на клучните области, места и механизми за воспоставување регионална соработка, „што може да се спроведе и да донесе влијателни промени за граѓаните на сите земји“.

На Владата на Косово, од друга страна, ѝ се препорачува да спроведе сеопфатна анализа со цел да ги идентификува и избере основните приоритети и цели на Косово во регионалните агенди и иницијативи.