Косово - проверката на гласачите во дијаспората и изборниот хаос

Со околу една третина од населението во странство, дури десетици илјади потенцијални гласачи од дијспората можат лесно да ги решат изборите на Косово

Додека се натрупуваат пречки на косовските предвремени парламентарни избори што ќе се одржат за помалку од три недели, Косоварите во странство ја оспоруваат одлуката на Изборната комисија да ги исклучи од гласање доколку пропуштат телефонски повик.

Родена и израсната во Њујорк, на Валентина Духанај не и се туѓи културата и политиката на Косово. Двајцата родители на Духанај и нејзини браќа и сестри се родени таму и таа го посетува своето пошироко семејство во нивната балканска татковина.

Таа, исто така, помина голем дел од изминатата деценија фокусирана врз косовската и балканската политика на постдипломските студии. 30-годишната Валентина која има само американско државјанство, очекува за прв пат да гласа на изборите во Косово на 14 февруари, благодарение на инклузивноста воведена во изборниот закон и Уставот.

Видете и ова: Гласовите од Србија транзитираат до Косово преку македонска пошта

„Видов на Твитер дека многу пријатели и косовски политичари спомнуваат дека децата на косовски граѓани можат да гласаат ако докажат дека барем еден од нивните родители е роден во Косово, па решив да гласам“, изјави Духанај за РСЕ.

Косовскиот закон за државјанство - дел од патот до гласањето - го проширува државјанството на поранешните југословенски граѓани и жители од јануари 1998 година и нивните „директни потомци“, без оглед каде живеат.

Но, невообичаената стратегија за проверка на потенцијалните гласачи по телефон се заканува дека ќе ги осуети напорите на десетици илјади Косовари во дијаспората да го исполнат тоа демократско ветување.

Проблемите не се малку

Постојат и други, веројатно повидливи предизвици што се натрупуваат пред овие предвремени избори во најновата независна држава во Европа. Тие вклучуваат претежно лично гласање во време на пандемијата. На тоа додадете ја долгата сенка на наводни воени злосторства што е фрлена врз поранешни влијателни водачи и националната совест.

И, неочекувано, проблемите пораснаа откако Централната изборна комисија во минатата недела сигнализираше веројатна дисквалификација на три партиски листи за претходни кривични пресуди против неколку десетици кандидати - вклучувајќи го и лидерот на Самоопределување, Албин Курти.

Косово пред избори откако Уставниот суд пресуди дека парламентот гласал незаконски за владата

Без оглед на резултатот од жалбите на опозицијата, кои сè уште чекаат, критичарите сигурно ќе ги оценат изборите за наместени и евентуално ќе ги бојкотираат. Но, за некои од стотиците илјади луѓе кои ја напуштија поранешната провинција за време и по борбата за независност од Србија кон крајот на 90-тите и нивните потомци, нема да биде важно кој е на гласачкото ливче ако воопшто можат и да се регистрираат за да гласаат.

вршителот на должноста претседател на Косово Вјоса Османи

Откако вршителот на должноста претседател Вјоса Османи закажа предвремени национални избори за замена на владата прогласена за нелегитимна од судот, Изборната комисија на 11 јануари им даде на косоварите надвор од земјата само 10 дена да се пријават за да гласаат.

Еден ден подоцна, комисијата додаде клучен потег за верификација на процесот: матичарите мора да им телефонираат на таквите апликанти во странство за да го потврдат нивниот идентитет и други детали пред да ги регистрираат.

Држете ги телефоните при рака

Духанај е „скептична кон мотивите на Изборната комисија“ делумно затоа што на социјалните мрежи видела многу критики за таа одлука меѓу Косоварите. Плус, вели таа, едноставно се чини дека е „антидемократско што апликацијата на членот на дијаспората може да биде отфрлена ако едноставно пропушти повик“.

Претседателката на изборната комисија Валдете Дака сугерираше дека службениците ќе се јават само три пати. „ЦИК ќе го провери процесот на аплицирање за регистрација контактирајќи ги сите апликанти по телефон“, соопшти Комисијата во својата одлука, додавајќи: „Ако апликантот не е известен по телефон, тогаш неговото барање е одбиено“.

Дали Косово го загуби својот најголем поддржувач во Конгресот на САД?

Османи брзо ја повика Комисијата да го преиспита барањето за телефонски повик како ризик за „флагрантно кршење“ на правото на глас.

Лиза Гаши, поранешен заменик министер за надворешни работи на Косово, која исто така основаше невладина организација за косовската дијаспора, ова го нарече обид „да се потисне гласот од странство“.

Нејзината поранешна невладина организација, Гермин, поднесе жалба до Изборниот одбор за жалби, тврдејќи дека одлуката на Комисијата е спротивна на четири члена од косовскиот устав, националниот закон за избори и упатствата на Изборната комисија.

Многу работа што треба да се заврши

Населението на Косово е околу 1,9 милиони. И во мала, делумно призната земја со околу една третина од нејзиното население во странство, дури десетици илјади потенцијални иселенички гласови можат лесно да ги решат изборите.

Се смета дека поддршката меѓу дијаспората помогна во изборната победа на Самоопределување на Курти во 2019 година, нарушувајќи ја повеќе од еднодецениската политичка доминација на поранешните герилци од војната за независност на Косово кон крајот на 90-тите.

Видете и ова: Курти: Предвремените парламентарни избори во Косово се референдум

Владата на Курти траеше само два месеца пред неговиот помлад коалициски партнер, Демократската лига, да излезе од бродот што доведе до девет месеци привремена администрација и политичка несигурност.

Сега, според анкетите, Самоопределување е фаворит на изборите и дијаспората може уште еднаш да се покаже како одлучувачка.

Секоја евентуална влада веднаш ќе се соочи со тековните предизвици на досега невидената јавна здравствена криза предизвикана од ковид-19, претстојното гласање во парламентот за шеф на државата и економската слабост што и претходеше на пандемијата, но беше влошена од неа.

Исто така, мора да се спротивстави на одливот на мозоци и другите демографски предизвици што произлегуваат од децениската емиграција и потенцијалниот поделба на очекуваните судења за воени злосторства во Хаг на истакнати косовски лидери, вклучувајќи го и екс-претседателот Хашим Тачи.

Во меѓувреме, Вашингтон и Брисел ќе очекуваат Приштина да им даде нов момент на меѓународно посредуваните разговори за нормализирање на односите со Србија, која сè уште одбива да го признае прогласувањето на суверенитетот од нејзината поранешна провинција во 2008 година.

Замолчување на дијаспората?

Косовските власти проценуваат дека околу 800.000 Косовари живеат во странство, многу од нив нерегистрирани. Невладината организација Гермин со години се жали дека официјалните лица треба да направат повеќе за „надминување на пречките и проширување на можностите за гласање надвор од земјата“.

„Нелегални“ вакцини во Северно Косово со доза на политика

Косовецот Хилми Гаши, роден во Призрен, живее во Швајцарија 32 години и секогаш се обидувал да гласа. Сепак, двапати тој бил спречен во тоа. Откако неговите жалби останаа неодговорени, тој отпатува во својата татковина за да се осигура дека може да гласа на изборите во 2019 година.

Оттогаш, во декември, Уставниот суд ја поништи одлуката на Врховниот суд на земјата со која се осигури дека гласачките ливчиња испратени по пошта од странство ќе се бројат дури и ако пристигнат по истекот на рокот. Во случајот на ова гласање, тоа е 12 февруари.

Претседателката на Централната изборна комисија, Валдете Дака

Строгото придржување кон ваквиот рок на денот на предизборието може да биде особено проблем за гласачите во соседна Србија, чија поштенска служба официјално не соработува со косовската поради постојаното одбивање на Белград да го признае суверенитетот на Косово.

„Несфатливо е што тие даваат толку кратки рокови и очекуваат луѓето да аплицираат на време. Или луѓето аплицираат на време, но документацијата до нив стигнува предоцна“, вели Гаши за РСЕ. Тој особено го критикува условот за верификација со три телефонски повици.

Во Швајцарија, рече тој, многу работодавци им забрануваат на луѓето да ги користат нивните лични мобилни телефони на работа. Слично е и во Германија.

Телефонската линија е зафатена

Назад во Њујорк, Духанај го доби својот телефонски повик околу пладне пет дена по пријавувањето, иако беше подготвена за најлошото поради временската разлика.

„Исто така бев загрижена дека ќе се јават среде ноќ, бидејќи сме шест часа поназад од времето на Косово“, рече таа. Кога последен пат беше во контакт со РСЕ, ден по истекот на рокот за гласање во странство и неполни четири недели пред изборите, таа рече дека нејзините други членови на семејството сè уште ги чекаат нивните електронски пораки и телефонски повици за да можат да гласаат на изборите.

„Ме загрижува тоа што ќе треба да се направат илјадници телефонски повици. Исто така чекам да видам каков ќе биде реалниот процес на гласање. Сè уште не сум добила гласачко ливче, а не можев да го најдам на Интернет и не сум сигурна кога ќе биде достапен“, вели таа.