Граѓаните на Косово, со право на глас кои живеат надвор од територијата на Косово, во тек на една недела, односно од 13 до 21 јануари, ќе можат да аплицираат за гласање по пошта на предвремените парламентарни избори закажани за 14 февруари.
Ова ,исто така, важи и за косовски граѓани од српска националност кои живеат надвор од границите на Косово. Сепак, се поставува прашањето како на овие избори гласачките ливчиња ќе бидат доставени до Косово.
На претходните избори пред две години, во 2019 -та , некои гласови од Србија беа прогласени за неважечки затоа што не пристигнаа по пошта, а некои пак беа предмет на посебна контрола.
Елези: Истите правила важат и за гласачите од Србија
Портпарол на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), Валмир Елези, за Радио Слободна Европа изјави дека гласачките ливчиња и т.н пакети за гласање мора да пристигнат во поштенското сандаче на ЦИК до 12 февруари.
„Значи, периодот на гласање по пошта започнува од 2 и ќе трае до 12 февруари. Тоа се однесува на сите гласачи кои успешно ќе се регистрираат како гласачи надвор од Косово“, нагласи Елези.
Пријавите за гласање по пошта ќе се вршат електронски, односно од една е-адреса, што значи дека апликантот доколу има исто презиме со членовите од неговото семејство може да регистрира себе си и блиските.
Како што е објаснето во упатствата на ЦИК, во формуларот за пријавување, барателот треба да го напише својот телефонски број, а пријавата ќе биде потврдена со три повици на тој број.
„Ако апликантот не одговори на телефон, тогаш неговата апликација ќе биде одбиена“, стои во упатството.
Ова важи и за оние кои живеат на територијата на Србија и сакаат да го искористат своето право на глас на изборите во Косово кои ќе се одржат за нецел месец од сега.
Смакиќи: Гласовите од Србија транзитираат преку поштата во Северна Македонија
Но, Поштата на Косово и Поштата на Србија немаат склучено никаков договор за испорака, како што потврди за РСЕ в.д директор на Поштата на Косово, Џевдет Смакиќи.
Тој вели дека косовските Срби со право на глас кои живеат на српската територија имаат право да ги испраќаат своите гласови по пошта, на ист начин како и на претходните парламентарни избори , а тоа е преку транзит по пошта во Северна Македонија со која Косово потпиша договор за пратка.
„Бидејќи Законот за избори на Република Косово предвидува дека може да се гласа по пошта, граѓаните на Косово, кои живеат на територијата на Република Србија, можат да гласаат на ист начин како и во 2019 година. Транзитот се врши преку поштата во Северна Македонија. Гласачки ливчиња кои ќе се испратат по пошта во Црна Гора, со која исто така имаме договор за меѓународен сообраќај ќе бидат прифатени “, вели Смакиќи.
Ако гласовите не бидат испратени како што е наведено во упатството за гласање, нема да бидат важечки , предупредува тој.
Од друга страна,Ранџел Нојкич, поранешен директор на косовската пошта, кој работи во српскиот систем, тврди дека гласачките ливчиња од Србија не доаѓаат по пошта, бидејќи двете пошти не соработуваат меѓусебно.
„Праксата беше ОБСЕ да ги преземе гласачките ливчиња и да оди директно до Изборната комисија, а не до Поштата на Косово, а потоа до ЦИК“, вели Нојкиќ, додавајќи дека за него не е спорен процесот на пренесување на гласачките ливчиња од Србија туку „она што се случува во српската пошта за време на гласањето “.
„Тоа е нешто што е сомнително и проблематично .Тоа гласње отсекогаш било сомнителено и мислам дека условите по тоа прашање не се подобриле за да гласањето да биде транспарентно “, смета Нојкиќ.
Претходна пракса и потешкотии за време на изборите во Косово
Претходните години, Мисијата на ОБСЕ на Косово и помагаше на Централната изборна комисија во спроведување на изборите во улога на посредник.
Радио Слободна Европа не доби одговор од ниту еден член од мисијата на прашањето дали и овој пат ќе посредува во спроведувањето на предвремените парламентарни избори на Косово.
На последните парламентарни избори, во октомври 2019 година, Дејан Павичевиќ, офицер задолжен за релацијата меѓу Србија и Косово, од поштата во Приштина донел кутија со коверти со над три и пол илјади гласачки ливчиња.
Сепак, тие гласови беа поништени затоа што Изборниот совет за жалби и тужби на Косово утврди дека тие не пристигнале на Косово преку Поштата, туку само биле предатени на косовската пошта, што е спротивно на изборните правила за гласање надвор од територијата на Косово.
Српскиот офицер Павичевиќ, не беше достапен за коментар за доставувањето на гласачките ливчиња до ЦИК.
Патем, пред гласовите од Србија да бидат прогласени за неважечки во 2019 година, тие исто така беа под истрага затоа што службениците на ЦИК за време на процесот на верификација и контакт со коверти пристигнати од Србија завршија во болница поради алергиска реакција на супстанца пронајдена во тие коверти.
Националниот институт за јавно здравје утврди дека нема инфективна причина, а обвинителството потоа започна истрага и објави дека примероците на пликото се испратени на лабораториска анализа.
Повикот за предвремени парламентарни избори во Косово следи откако Уставниот суд на Косово пресуди дека владата предводена од Авдула Хоти не е легитимна бидејќи гласот на пратеникот Етем Арифи е неважечки, затоа што кога гласаше за избора на влада веќе беше осуден на една година и три месеци затвор за проневера со субвенции.
Автор - Сандра Цветковиќ
Подготви - Теодора Цветковска