Корупцијата годишно јаде 5 проценти од светскиот бруто домашен производ или за илустрација колку вкупната вредност на светските гиганти Гугл и Амазон. Оваа слика ја даваaт истражувањата за корупцискиот индекс на Глобалниот корупциски барометар. Ако ваквиот светски просек се обидеме да го пресликаме на ниво на Македонија тоа би значело дека корупцијата во земјава се „засладува“ со најмалку 600 милиони евра годишно, или речиси колку што чинеше изградбата на проектот „Скопје 2014 “.
Со тие пари за една година ќе можеше да се изгради долго ветуваниот Клинички центар. Веќе 30 години во сите изборни програми политичките партии ветуваат дека само што не почнале со градба на нов Клинички центар.
Изградба на современ медицински центар ветуваа сите министри за здравство од Бујар Османи, па Никола Тодоров, Арбен Таравари, Венко Филипче до сегашниот Беким Сали.
За три децении два ГУП-а и една дупка што стана паркинг
Видете и ова: Македонија увезе 40 милиони евра струја - Кој се офајди?За три децении беа сменети два Генерални урбанистички планови во кои беа исцртани плановите за нов Клинички центар, но на терен беше ископана само една дупка, која последната власт ја претвори во паркинг простор.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ вети нов Клинички центар уште во 2011 година, а во 2014 тогашниот премиер Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров сечеа црвена лента за да го означат почетокот на градбата.
Пред да замине од власт ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, потпишаа договор со градежни фирми и италијанска компанија за негова градба на местото на сегашниот во вредност од 72 милиона евра. Од тој план се ископа само дупка на местото на старата Клиника за гинекологија.
Минатата влада предводена од поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, таа дупка ја претвори во паркинг и отпочеток стартуваа постапка за изградба на нов Клинички центар.
Ветувањето на СДСМ во 2017 година се преточи во потрагата по нова локација. Во 2018 година власта одлучи тој да се изгради на периферијата на градот, на површина од 90 хектари на излезот од општина Ѓорче Петров.
Предлог-законот за изградба на Клиничкиот центар во 2019 година стигна до Собранието и остана таму две години затрупан со 2000 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се противеше на проектот.
Во меѓувреме, предвидената цена на чинење порасна од околу 70 на околу 500 милиони евра. За споредба изградбата на новиот клинички центар во Белград на 12 ката , 825 болнички кревети и со 34 операциски сали и опрема биле потрошени најмалку 260 милиони евра. Таа информација ја соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ при свеченото отворање.
Актуелниот македонски министер за здравство Беким Сали лани најави повлекување на предлог законот за изградба на Клиничкиот центар. Тој пред 4 месеци изјави дека 6 странски компании кои се занимаваат со градежништво презентирале концепти за изградба, финансирање и обука на стручен и административен кадар.
Во меѓувреме виси опасноста за неизградениот медицински центар државата да плаќа пенали од 8,5 милиони евра, поради раскинување на договорот за изградба на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, потпишан од ексминистерот Тодоров, а раскинат во време кога министер беше Филипче. Во Министерството се разгледуваа правните аспекти за да се намали казната што треба да ѝ се плати на италијанската компанија поради раскинувањето на договорот.
Пругата кон Бугарија – 30 години јубилеј за незавршен проект
Од 1991 година до денеска во земјава се сменија 12 влади кои ја уредуваа потрошувачката кошничка за државната каса. Податоци за големината на македонски буџет на интернет може да се пронајдат најрано од 2004-тата година кога државата каса броела 926 милиони евра. Две децении подоцна државниот буџет за годинава достигна речиси 5,3 милијарди евра. Во изминативе децении во речиси секој буџет беа предвидени пари наменети за изградба на железничка пруга до Бугарија.
Инфраструктурниот проект кој почна да се гради во 1993 година, годинава ќе прослави јубилеј од 30 години – незавршен проект. Пари за неговата изградба ветуваше поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски во 2012 година.
И неговите наследници ветуваа пари во буџетот, грантови од ИПА фондовите како и заеми од Европската банка за развој. Но, на терен оваа делница не е завршена.
И додека се чека конечна изградба на железничкиот коридор 8 двете јавни претпријатија македонски железници тонат во долгови. Вкупниот долг заклучно со септември минатата година на двете претпријатија изнесува 95 милиони евра со што ги заземаат првите две места на листата на најголеми должници на министерството за финансии.
Со децениското одложување на либерализацијата на железничкиот сообраќај Македонија загуби стотици милиони евра, затоа што огромна количина на стока транзитира преку Бугарија, вели сообраќајниот инжинер Дејан Трпевски кој е дел од компанија која произведува транспортни шински возила.
„Тоа се индиректните загуби, директните загуби шти ги прават јавните претпријатија како загубари „Македонски железници – транспорт “ и Македонски железници – инфраструктура“ некаде во просек 20 милиони евра годишно, односно до буџет 20 милиони евра се даваат годишно од буџетот за железницата, па 20 години по 20 милиони евра е 400 милиони евра – тоа ви е како да ја направите пругата до Бугарија. Тоа значи дека една пруга до Бугарија ни отишла во чекање и неносење на одлуки“ изјави минатата година за РСЕ Трпевски.
Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри и тоа од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри. Германски „Штрабаг“ е ангажиран за делот од Куманово до Бељаковце во вредност од 40,5 милиони евра, а „Ѓулермак“, со 155 милиони евра треба да ја изгради делница од Бељаковце до Крива Паланка.
Последното ветување на оваа тема го даде директорот на Македонски железници Хари Локвенец. Тој вети дека третиот дел од Крива Паланка до границата со Бугарија ќе биде готов до крајот на 2027 година.
Во изминативе 30 години од државната каса редовно се одвојуваа пари за РЕК Битола и за ископ на јаглен. Цехот за неивестирањето во енергетскиот систем, како што рече премиерот Димитар Ковачевски, земјава со почетокот на грејната сезона почна да го плаќа.
Кога сите електрани би работеле со полн капацитет, нема да има потреба од увоз, но никогаш не работат. Еднаш се расипал генератор, другпат трансформатор, па проблеми со котелот, па пукнала цевка, па се прави ремонт во среде грејна сезона.
Само во изминатите месец и половина, ЕСМ увезе струја за над 40 милиони евра, покажуваат официјалните податоци. Струјата е купена од пет фирми, кои имаат лиценци за трговија со струја.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски обвини „за многу криминал и корупција“ при набавките на струја.
Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски најави дека годинава ќе се зголеми производството на струја за 20 проценти во однос на лани. Но, не спомна за трошоците за ископ на јаглен дали ќе се намалат со оглед на тоа што веќе се инвестира во нова механизација.
Видете и ова: Актуелни функционери може да се најдат на црната листа на САДСкандали и афери околу добитниците на тендерот за ископ на јаглен низ годиниве ги полнеа медиумите. Од Трансмет на сега веќе осудениот Сеад Кочан до анонимни фирми основани на неколку дена пред да го добијат тендерот. Откажување од скапата потреба од приватници да копаат јаглен за ЕСМ беше дел од изборните ветување на СДСМ уште во 2017 година.
Но, додека трае процесот за купување на потребната механизација, од буџетот за две години се искеширани кон приватници над сто милиони евра за ископ на јаглен. Истражувањето на Бирн Призма покажа дека оваа сума е дури половина од она што ЕСМ го потрошила целата декада меѓу 2008 и 2018 односно 212 милиони евра.
Изнајмувањето помошна механизација за ископ на јаглен е сериозно профитабилен бизнис. Бизнисменот Сеад Кочан беше осуден со казна затвор за наместен тендер поврзан со ископот на јаглен.
Со парите кои низ годиниве се излеваат од државата преку коруптивните канали до сега ќе можеше државата сама да го изгради и долгонајавуваниот проект хидроцентралата Чебрен за чија изградба се потребни од 600 до 800 милиони евра. Овие проценки се направени пред почетокот на енергетската криза, и според тогашното најповолното сценарио оваа електрана требаше да произведува над 1000 гигават часа струја годишно, што е речиси колку сите други хидроцентрали заедно.
Во меѓувреме „никнаа“ над 75 мали приватни хидроелектрани во изминатава деценија. Но, иронијата е во тоа што за една деценија домашното производство на струја е намалено за една четвртина. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека во 2010 година државните капацитети произвеле скоро 6500 гигават часа струја, а во 2020 година над 3600 гигават часа. Во меѓувреме, увозот на струја постојано си расте.
Корупцијата „изеде“ и дел од автопатите
За овие три децении се изградени неколку регионални и магистрални патишта, автопатот Демир Капија – Смоквица и автопатот Скопје – Штип. Главниот туристички бисер во земјава Охрид и по 30 години нема квалитетно поврзување со главниот град на државата.
Податоците од државниот завод за статистика покажуваат дека во 1995 година Македонија имала вкупно 138 километри автопат додека во 2021 година вкупниот број на изградени километри автопат изнесува 335.
Податоците покажуваат дека до 1995 година вкупниот број на изградени километри патишта изнесувал 9 573 километри додека до 2021 вкупната должина на изградени патишта изнесува 14 477 километри. Во оваа статистика влегуваа и автопатите, магистралните и регионалните асфалтирани патишта.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Меѓу неизградените патишта осамна и автопатот од Скопје кон Косово. Автопатот од Скопје кон Косово се планира веќе две децении, го ветуваат речиси сите влади, а во 2020 година почна да се гради првата, полесна делница од 2 километри. За покомплицираната делница од 10 километри засега има само јавен повик.
Над 155 милиони евра е пресметаната штета од буџетот за случајот на поранешното специјално обвинителство „Траекторија“ во кое се обвинети неколку владини функционери за автопатот Кичево- Охрид. На еден од обвинетите, поранешниот премиер Никола Груевски му застаре делото за кое беше обвинет во овој предмет, додека неговите соработници обвинети во предметот поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски, се уште чекаат правна разврска.
Според проценките на Институтот за демократија, најмалку 10 милиони евра чини изградбата на еден километар од автопатот Кичево-Охрид, проект кој освен што доцни 3 години, стана и речиси двојно поскап од првичната замисла.
Причина за тоа се измените во проектот поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса. Извесно време градежните активности беа сопрени. Првичната најава беше дека автопатот долг 57 километри ќе чини 374 милиони евра, но цената со дополнителните анекси на првичниот договор досега достигна околу 600 милиони евра.
Последниот месец од годината што измина корупцијата беше главна тема во медиумите. Меѓународната заедница неколку пати испрати сериозни критики до властите дека е крајно време да се преземат сериозни мерки за нејзино намалување. Во рок од една недела евроамбасадорот Дејвид Гир на два пати без дипломатски ракавици упати директна порака.
„ Време е за акција. Зборови и изјави за добри намери не се ефикасни“ рече Гир.
Дебати и конференции, но и кавги за тоа кој е виновен за лошите резултати во битката против корупцијата меѓу првите луѓе задолжени за владеењето на правото беа дел од настаните кои следеа по критиките за нивото на борбата против корупцијата.
Минатата година во извештајот на Транспаренси интернешнал, Македонија е рангирана на 87-место од 180 држави во светот со 39 индексни поени, на листата за перцепција на корупцијата. Најдобар резултат во изминатата деценија Македонија имаше во 2014 година, кога со 45 индексни поени беше рангирана на 64 место во светот.