Во периодот од април до јуни годинава, домашните банки укажале на значително нето намалување на побарувачката на вкупните кредити на секторот „домаќинства“. Според заклучоците на анкетата која ја спроведе Народната банка, околу 58 отсто од банките укажале на значително намалување на кредитната побарувачка, наспроти претходната анкета кога ниту една банка не се изјаснила на овој начин.
„Нето-намалувањето на кредитната побарувачка во вториот квартал е спротивно од очекувањата на банките во претходната анкета за нето-зголемување. Во третиот квартал, банките очекуваат нормализирање на побарувачката за кредити од страна на домаќинствата, при што се очекува нејзино нето-зголемување“, се вели во заклучоците од спроведената анкета на Народна банка.
Она што е посебно индикативно е што намалената побарувачка кај кредитите на домаќинствата се случила и покрај тоа што поголемиот процент на банки (околу 73 отсто) укажуваат на олеснети кредитни услови кај сите типови кредити на домаќинствата. Но, очекувањата се дека во третото тримесечие банките очекуваат нето-заострување на кредитните услови.
Сепак од НЛБ банка велат дека побарувачката на кредити во периодот од април до јуни не е значително опадната иако има тренд на благо опаѓање.
„На самиот почеток на кризата со ковид 19, прво осетивме воздржување. Имаше и интересни случаи кои биле во процес на одобрување, а самите клиенти побараа да застане постапката за некој период за да видиме кон што се движиме, што е многу нормално во ситуацијата кога иднината е неизвесна. Дополнително забележавме голема ревносност кај клиентите за подмирување на доспеаните обврски. Потоа се појави и ситуација во која тие повоздржано ги користеа и таканаречените масовни продукти за олеснување на секојдневното живеење, како што се лимити на картички на пример, што пак беше некаков сигнал дека клиентите чекаат да видат на што се“, вели Маја Ставрева-Стојанова, директор на продажна мрежа во НЛБ банка.
Во однос на факторите коишто предизвикуваат промена на условите за одобрување кредити за домаќинства, конкуренцијата од другите банки и натаму е главниот фактор којшто придонесува за нето-олеснување на кредитните услови, покажуваат заклучоците на анкетата на НБРМ. Трошоците на финансиските средства и ограничувањата на билансот на состојба и понатаму придонесуваат за нето-олеснување на условите за одобрување потрошувачки кредити, слично како и во минатата анкета, додека кај станбените кредити овој фактор придонесува за мало нето-заострување на условите.
Ставрева-Стојанова вели дека нема значителна промена во однос на критериумите кои НЛБ банката ги бара за одобрување кредит, пред и после пандемијата со ковид 19.
„Генерално во делот на условите немаме сериозна промена. Бидејќи нашиот начин на анализа на клиентите отсекогаш е подлабинска анализа, не интерира каде работи клиентот, колкава му е платата и тоа го следиме наназад, не интересира дали има клиентот релација со нашата банка и дали бил коректен во однос на обврските кон банката. Истите правила важат и сега, но доколку сега во серијата на плата видиме намалување, тоа го земаме тоа како индикатор, но не за да го одбиеме и да не го кредитираме, туку да направиме кредит за кој анализираме дека клиентот може реално да го отплаќа“, објаснува Ставрева-Стојанова.
Видете и ова: Околу 70 отсто од граѓаните ги одложиле кредитите
Анализирајќи ги податоците од анкетата, универзитетскиот професор Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет, вели дека вториот квартал од 2020 година покажува тренд на намалување на каматните стапки кај кредитите.
„Трендот на намалување на каматните стапки е со цел да се креира во стопанството политика на евтини пари или со други зборови да влезат свежи пари во стопанството. Но од другата страна, медалот е со флексибилни појави, односно се стравува во однос на ликвидноста, односно дали ќе се вратат тие ануитети навремено и сето тоа се должи на последиците од пандемијата, кондицијата на стопанството и на микроекономските субјекти во целина“, вели проф. Зекири.
Тоа што и покрај олеснувањето на условите, кредитната побарувачката не се зголемувала, не само кај домаќинствата, туку и во однос на корпоративните кредити, професорот Зекири го објаснува на следниот начин:
„Кога немаме активно стопанство во период од речиси два квартала, шпекулативните информации се главниот елемент како ќе се однесуваат субјектите. Ако тие не се ликвидни, стравот е поголем во однос на враќањето на доспеаните кредити во делот на нивните финансиски планови за следниот квартал“, вели Зекири.
Во меѓувреме банките се уште не даваат информација за тоа дали ќе има ново пролонгирање на ратите за кредитите. Рокот истекува на 30 септември, а државата со Уредба во март овозможи нивно одложување за шест месеци. По бројните реакции во јавноста тогаш, банките сепак не се откажаа од каматите, кои ќе бидат пресметанувани на крајот.
Оваа мерка беше прифатена од речиси 70 отсто од граѓаните кои имаат кредити во банките, односно толкав процент прифатиле плаќањето да го одложат за половина година. Притоа повеќе грејс период се барал за потрошувачките кредити, а во помал процент за хипотекарните, односно станбените кредити.
Од Македонската банкарска асоцијација деновиве соопштија дека активно ја следат економската состојба во државата и максимално се заложуваат преку своето работење да дадат поддршка за македонската економија, како во периодот на корона-кризата, така и во посткризниот период.
„Доколку во натамошниот период, околностите поврзани со пандемијата на ковид-19 наметнат потреба од нови активности, членките на МБА ќе ја разгледаат можностa за понатамошна помош на населението и стопанството во услови на пандемија. Во овој момент нема услови да се предвидува развојот на настаните и да се коментираат следните активности. Македонската банкарска асоцијација е целосно посветена на изнаоѓање на решенија за надминување на проблемите предизвикани од оваа криза,“ соопштија од банкарската асоцијација.
Инаку од аспект на влијанието на промените на монетарната политика врз каматната политика на банките при одобрувањето кредити на домаќинствата, процентот од банките коишто одговориле дека промените во монетарната политика незначително влијаеле врз нивната каматна политика изнесува само 37% . Но, процентот на банките коишто укажуваат дека промените во монетарната политика делумно, односно значително влијаат врз каматната политика е зголемен и изнесува околу 61%.
Сепак, нашите соговорници заклучуваат дека банкарскиот систем останува силно ликвиден и дека засега нема ризик од влошување на неговата финансиска кондиција предизвикана од промени во монетарната политика поради влијанието на пандемијата со ковид19.