Преку договорите со двете земји Грција и Бугарија, Македонија се обидува и да ги подобри односите со соседите. И со двете земји постојат комисии за историски и образовни прашања кои произлегуваат од двата одделни договори, но прашањето што се поставува е дали комисиите со својата работа досега придонесоа за приближување или пак за одалечување на народите.
Побурна се чини дека е работата на македонско-бугарската мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. На неколку последни средби најчести беа несогласувањата за Гоце Делчев, а сега комисијата паузира со работа се до предвремени избори во земјава кои би требало да се одржат напролет.
Видете и ова: Заев ќе се види со Борисов, Мицкоски бара резолуција за јазикот
Во октомври бугарската влада, а потоа и Собранието усвоија декларација со која поддржаа почеток на преговорите за земјава за зачленување во Европската унија, но поставија и низа услови меѓу кои на пример промена на учебниците по историја и географија и тоа во краток рок, тргање на спомен плочите на кои пишува бугарски фашистички окупатор и други.
Мешањето на политиката-причина за тензии
Неодамна и Бугарската академија за науки усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Сето ова ги вжештува односите Скопје- Софија.
Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, за Радио Слободна Европа вели дека на првите неколку средби се постигнале резултати, но потоа се вмешала политиката во нивната работа па дошло до тензии во јавноста наместо релаксирање на односите.
Сепак, додава тој, најголемата придобивка од работата на комисијата е тоа што историчари седна на маса разговараат за прашања од историјата кои сериозно ги обременуваат односите меѓу двете држави и двата народи.
„Ваквиот чин кој беше незамислив пред 10-15 години покажува дека оваа комисија може да има позитивно влијание врз односите меѓу двете држави оти само преку дијалог, колку и да е тежок, напорен и емоционален да ги надминеме недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија“, вели Ѓоргиев.
Потивка работа на комисијата со Грција
За разлика од турбуленциите во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања работата интердисциплинарна комисија на експерти за историски, археолошки и образовни прашања меѓу Скопје и Атина поминува без многу гласност во јавноста. Тие досега одржаа четири средби, а шефот на македонскиот тим амбасадорот Виктор Габер вели дека лично е задоволен од досегашната работа.
„Тоа што го направивме во комисијата за валоризирање на учебниците по историја, етика, географија и социологија, што се однесува до македонската страна сметам дека позитивно влијаат на односите“, вели Габер за РСЕ.
Инаку, комисијата со Бугарија е формирана според договорот за добрососедство меѓу Софија и Скопје кој го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов летото 2017 година. Во него се наведува комисијата треба да „придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“ и дека комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите . Според договорот двете страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.
Видете и ова: Историјата полесно ќе се оправа со Грција, отколку со Бугарија
Комисијата со Грција пак произлегува од Договорот од Преспа кој го потпиша Заев со тогашниот грчки колега Алексис Ципрас летото 2018 година. Во него се предвидува формирање на Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди.