Македонско-грчкиот комитет за историски, археолошки и образовни прашања не предизвикува голем интерес грчката јавност, иако не е лесно да се усогласат два различни историски наративи, вели грчкиот историчар и новинар Тасос Костопулос во интервју за нашето радио, кое ќе се емитува во недела. Костопулос не исклучува дека се уште постојат негативни реакции од националистичките кругови во врска со менувањето на одредени содржини во учебниците, но дека преовладуваат пообјективни и модерни начини на размислување за историското минато.
„Работата на комисијата досега не била предмет на јавна дебата, на поширока јавна дебата. На почетокот имаше негативни реакции од националистички кругови, прашања од типот, еве тие сега ќе ги сменат нашите учебници, но генерално нема дискусии за тоа што се случува во комисијата. Како што веќе знаете договорот во Преспа се однесуваше најмногу на македонската античка историја, која е повеќе или помалку дел од грчката историја, па она што во јавноста се цени е одделување на македонската национална историја од античката македонска историја. Што се однесува до другите делови од учебниците по историја, мислам дека тие кои се занимаваат со тоа, очекуваат заедничка доверба од двете страни. Секако, не е лесно да усогласиме два различни историски наративи. Морате да ги почитувате деловите од едниот и другиот наратив, но во исто време морате да извадите или избришете деловите кои ве прават непријатели. Всушност во грчките учебници, повеќето од нив, нема националистички ставови, имаше низа дискусии за тоа и тоа доведе до пообјективни и модерни начини на размислување за историското минато“, вели Костопулос во интервјуто.
Тој додава дека Преспанскиот договор е добар и за двете страни и не очекува дека евентуалната победа на Неа демократија да предизвика големи последици во однос на спроведувањето на истиот, иако не исклучува одредени пречки.
Во македонската јавност пак, работата на овој комитет се претставуваше како дел од еден поширокиот процес за постигнување клима на доверба меѓу двете земји. Професорот Мерсел Биљали вели дека нема да биде лесно да се најде заеднички јазик за прашањата кои се предмет на интерес на работата на комисијата, но оти со силна волја може да се постигне успех.
„Јас мислам дека двете страни се свесни околу тоа, практично постои еден многу важен орган кој ја координира целокупната работа, тоа е Советот за соработка на високо ниво кој практично се координира од премиерите на двете држави и тој орган е фокусиран кон тоа како соодветно да се имплементира договорот и евентуално да се усвои друг документ, тоа е Акциониот план меѓу двете држави, на што ќе се работи подолго време“, вели Биљали.
Биљали не очекува поголеми пречки и проблеми во работата на оваа комисија, особено ако се спореди со македонско-бугарската комисија.
„Генерално мислам дека ситуацијата е полесна и помалку чувствителна во однос на работата на комисијата со Бугарија, бидејќи кај втората двете страни претендираат во иста историја, исти личности и знаменитости, додека кај Грција немаме големи проблеми, зошто дури и во договорот е предвидено античкиот дел да е на Грција. Тука немаме големи разлики од двете страни, освен да се исчистат деловите од учебниците кои претставуваат политизирани синтагми кои не соодветствуваат со науката“, вели професорот Биљали.
Инаку, ова тело беше формирано во септември минатата година и беше единствената обврска на двете страни што требаше да профункционира пред да стапи во сила Преспанскиот договор. Во досегашната работа на Комитетот разгледани се учебниците по историја и географија за основно и средно образование, како и оние по етика и социологија. Заедничкиот интердисциплинарен комитет досега одржа четири состаноци.
„Делегациите на двете страни во конструктивна и колегијална атмосфера извршија детална и сеопфатна ревизијата на наставните планови (курикулумите) по историја, учебниците и помошните наставни материјали (учебни помагала) по историја кои се во употреба во двете земји. Гореспоменатиот материјал треба во најкус можен рок да биде ослободен од какви и да било иредентистички и ревизионистички референци“, се вели во соопштението на МНР по завршувањето на четвртиот состанок кој се одржа пред еден месец во Охрид.
Од МНР соопштија дека врз основа на Преспанскиот договор и во согласност со целите и принципите на УНЕСКО и на Советот на Европа, била усвоена методологија, опишана во заклучоците, за ревизија на наставните планови (курикулуми) и учебниците. Двете делегации се согласиле да го поттикнуваат вклучувањето на повеќе содржини од областа на културата и уметноста во образованието со цел градење на позитивна слика за другиот. Била постигната и согласност за временската рамка за примената на наодите на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања и доставување на релевантните препораки до Советот за висока соработка.