Колку „тежат“ градоначалниците?

Имотот и сметките во банка на десетте најбогати градоначалници во земјава тежат најмалку 20 милиони евра покажуваат податоците на Антикорупциската комисија. Но, некои не го испочитувале законот до крај и во анкетните листови не го навеле имотот на своите партнери, родители и деца.

Најбогатиот градоначалник во земјава тежи речиси 11 милиони евра. Станува збор за староновиот градоначалник на општина Кавадарци Митко Јанчев чии имот тежи 10, 6 милиони евра, плус од банка подигнал кредит од 1,5 милиони евра, покажува анкетниот лист што тој го доставил до Антикорупциската комисија по реизборот за функцијата. Вториот мандат го почнал со 150 илјади евра повеќе од претходниот кога на градоначалничкото столче седнал со салдо од 10 милиони и 465 илјади евра.

Јанчев на функција како кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дојде од бизнис секторот, како сопственик и управител на„ Кожувчанка“. Од бизнис секторот доаѓа и градоначалникот на ДУИ Алија Јаоски, син на поранешниот долгогодишен градоначалник Исмаил Јаоски кој сега е пратеник на ДУИ. Нивното семејство е сопственик на нафтената компанија „Пуцко Петрол“. Но, во нивните анкетни листови не е наведен имотот на компанијата, чија што добивка во 2020 година изнесува 2,7 милиони евра, според клубот 200 на најуспешни компании.

Алија Јаоски во својот имотен лист навел дека е сопственик на фирма со влог од 5 илјади евра, има стан во Скопје и куќа во Пласница, и дека наследил градежно земјиште од 1770 метри квадратни во родната општина.

Градоначалниците дарежливи, им должат илјадиници евра

Видете и ова: Здравствени инспектори во Југо, функционери во нови возила на лизинг

Дел од градоначалниците ги пополниле детално анкетните листиви, додека други пак навеле дека немаат имот на нивно име и дека поседуваат само автомобил или кредит. Некои од македонските градоначалници не само што управуваат со богати општински имоти, туку некои од нив можат да се пофалат и со големо лично и семејно богатство вредно и по неколку стотици илјади евра. Судејќи според нивните анкетни листови доставени до Државната антикорупциска комисија, тие се сопственици на куќи, станови, земјоделски земјишта, шуми, а некои и со семеен накит и уметнички слики.

Последните локални избори донесоа и политичка промена со тоа што повеќе од половина вкупно 42 градоначалници добија поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалници од редовите на СДСМ се вкупно 16, додека ДУИ управува со 10 општини. Беса ги доби Тетово и Желино, а Алтернатива за Албанците ги задржа Гостивар и Врапчиште.

Според податоците од анкетните листови, голем дел од градоначалниците се доста дарежливи. Можеби не ги наведуваат сите приходи, но затоа се наведени нивните побарувања по основ на даден заем.

На пример Јанчев во имотниот лист навел дека му должат 89 илјади евра, додека неговиот колега од Струга, градоначалникот од ДУИ Рамиз Мерко пријавил дека му должат 73 илјади евра.

Нивниот колега од Тетово, лидерот на БЕСА Биљал Касами од личен имот навел само побарување по основ на заем во вредност од 45 илјади евра. Неговиот анкетен лист достапен за јавноста е од времето кога беше пратеник. На веб страната на ДКСК го нема неговиот нов анкетен лист по добивањето на новата функција. Во стариот анкетен лист напишал дека неговите родители се сопственици на куќа од 500 метри квадратни во Тетово, и три плаца во тетовскиот крај. Неговата сопруга е сопственик на земјиште од 3,5 илјади метри квадратни во Боговиње и златен накит вреден 20 илјади евра.

Жените кои раководат со Скопје „тежат“ над 370 илјади евра

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на своето салдо брои имот вреден 230 илјади евра од кој на сметка во банка има 150 илјади евра, два стана по околу 40 метри квадратни и кредити од 2 милиони евра .
Нејзината заменичка, Бујаре Абази поседува стан на свое име во Скопје од 78 м2 купен во 2021 година и уште еден стан во Скопје од 76м2 чиј сопственик е нејзиниот сопруг. Како свое возило таа го пријавила дека поседува Тојотоа Аурис.

Новиот градоначалник на скопската општина Аеродром Тимчо Муцунски, до надлежните прикажал кус анкетен лист во кој навел дека поседува само еден автомобил Ауди К2 купено во 2018 година , на сметка во банка прикажал заштеда од 10 илјади евра и кредит од 117 илјади евра. Не го завел нити своето живеалиште, нити имотот на неговата сопруга, нити пак на неговите родители.

Слично на него и неговиот колега од опозициската Гром, Стевчо Јакимовски во својот имотен лист покажал дека нема недвижнини во негова сопственост. Тој пред Антикорупциската комисија покажува дека е сопственик само на удел на 25 проценти во компанија, побарување по основ на заем и заштеда од над 10 илјади евра.

Неговата сопруга поседува куќа од 320 метри квадратнии и автомобил Фолсфаген Фејтон како и сметка во банка „дебела“ 33 илјади евра. На име на неговите синови се заведени џип БМВ х 3, моторна санка за снег и 2 илјади евра штеден влог. Додека неговите родители се сопственици на насад со малина од 5 илјади метри квадратни.

Со куса листа на сопственост се прикажува и староновиот градоначалник на општина Шуто Оризари Курто Дудуш. Тој смени партија но не и градоначалничко столче. Анкетниот лист во првиот и во вториот мандат е речиси ист- куќа од 584 метри квадратни со земјиште од 1808 метри квадратни. Единствената разлика е што во новиот мандат земал кредит од 10 илјади евра.

Градоначалникот на скопската општина Центар Горан Герасимовски поседува 76 метри квадратни во Скопје и заштеда од 33 илјади евра во банка на негово име и уште толку на заедничка книшка со сопругата, по 500 евра заштеда за децата.

Неговиот колега од ДУИ кој веќе втор мандат раководи со Сарај и беше министер за правда во претходната влада Блерим Беџети има накит вреден 5 илјади евра, додека накитот на неговата сопруга вреди 22 илјади евра, вози фолсфаген Пасат од 2014 и заштедил 60 илјади евра.

Градоначалниците од внатрешноста помалку транспарентни за својот имот

Видете и ова: Кој од министрите што поседува

Новиот градоначалник на Битола Тони Коњановски кој на таа позиција дојде од советничкото столче на ВМРО-ДПМНЕ не го обновил својот имотен лист во Антикорупциската комисија. Според стариот лист од претходниот мандат голем дел од имотот го добил на подарок.

Дуќан, стан, кола, накит е имотот кој го добил на подарок без при тоа да наведе која е нивната вредност. Од личен имот пријавил дека поседува Тојотоа Корола и трансакциска сметка со 250 евра и кредит од илјада евра.

Неговиот струмички колега пак, поседува само дел од куќа, автомобил марка Пежо и платежна картичка со 60 илјади денари на неа. Но опозицијата на една од последните прес конференција обвини дека иако Костадин Костадинов има скромен анкетен лист, но постојано е опкружен со скапи ствари кои не се наведени во неговиот анкетен лист.

„ Костадинов го видовме со скап часовник Гармин, кој вреди над 70.000 денари, кој не е пријавен како негов имот. Костадинов како свој имот не го пријавил ниту скапиот мотор Дукати од 20.000 евра, кој го возеше во сред пандемија додека сите беа затворени во своите домови. Костадинов во анкетен лист не го ставил ниту станот во комплексот Џевахир, каде тој и живееше додека беше пратеник“ се вели во соопштението на ВМРО- ДПМНЕ.

Со кус имотен лист е и штипскиот градоначалник Иван Јорданов кој доаѓа од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој во период од 2013 до 2020 година беше советник во Советот на Општина Штип. На оваа функција кога дошол како имот пријавил дека поседува само имот на родители – една куќа од 80 м2 во Штип и кола марка фиат купена во 1997.

Седум години подоцна кога седнал на пратеничкото столче пријавил дека неговите родители имаат две куќи, едната добиена на подарок, друга купена во 2010 година. Од личен имот пријавил дека има кола Цитроен ц 5 и кредит вреден 15 илјади евра и пчелни семејства. Според податоците достапни на веб страната на Антикорупциската комисија, тој по стапувањето на функцијата не го обновил анкетниот лист, односно не пријавил со какви измени во имотот седнува на градоначалничкото столче.

Во анкетните листови на кумановскиот градоначалник со втор мандат Максим Димитриовски нема разлика од времето кога бил пратеник од владеајачката партија СДСМ до неговиот втор мандат каде што настапи сам без поддршката од партиското раководство. И во двата анкетни листа, земјиштето, куќата и дуќаните се заведени на име на неговите родители. Тој се појавува како сопственик на плац со големина од 10 илјади метри квадратни.

Последниот плац купен на име на неговата сопруга е куќа од 60 метри квадратни со двор од 1200 метри квадратни во 2020 година. Тој тврди дека вози опел астра, додека неговите родители поседуваат мерцедес А 160 и Махиндра џип. Неговите деца имаат заштеда од 12 500 евра, а неговите родители од 28 илјади евра. Тој пак има кредит од 12 илјади евра и пари во кеш 15 илјади евра. Според анкетниот лист Димитриовски има сопственички удел во три компании.

Единствен кој навел дека поседува уметнички слики од македонски автори е гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари. Неговите слики вредат 4 илјади евра. Во банка е задолжен со кредит од 100 илјади евра, а на сметка има само 400 евра. Од имот пријавил дека со неговата сопруга поседуваат стан и куќа во Скопје. Накитот на неговата сопруга вреди 22 илјади евра. Неговите родители поседуваат 2 куќи во Гостивар градежно земјиште во Тетово, и 3 дуќани во Гостивар.