Кои се ефектите од недела неработен ден?

Маркет, недела неработен ден.

Стопанствениците се жалат, синдикатите се фалат, Владата пак ќе ги анализира ефектите од законските решенија со кои недела стана неработен ден. Неколку недели откако законот стапи на сила од Стопанската комора побараа измени со кои сите компании сами ќе може да одлучуваат дали ќе се работи во недела или не, бидејќи велат фирмите се во загуба. Од синдикатите пак порачуваат - несериозно е да се бараат измени за закони кои штотуку стапиле на сила, а за кои цела година претходно се дискутирало. Мислењата и реакциите околу ефектите се поделени.

Ако стопанствениците поднесат иницијатива за измени во законите за недела неработен ден, синдикатите ќе поднесат контра-иницијатива. Вака од Синдикатот за градежништво го коментираат барањето на Стопанската комора - компаниите сами да одлучуваат дали ќе работат во недела или не, по само два месеци откако стапија на сила законските измени.

Објаснувањето на Комората е дека дејностите кои ги нема на списокот со исклучоци се ставени во нерамноправна положба и според нив треба да се дозволи сите да работат и да ги платат работниците за тоа.

Но синдикатите се децидни дека недела треба да остане ден за одмор на работниците, така како што е предвидено со актуелните законски решенија.

„Многу е несериозно од нивна страна да поднесуваат иницијатива за укинување на некоја одредба што толку време сме ја договарале со социјалните партнери, бидејќи ако така тргнеме, тоа веќе не е демократија, туку анархија и ќе се вратиме во едно робовладетелско општество. Јас би кажал дека веднаш и ние ќе поднесеме иницијатива за недела неработен ден, не недела, туку работникот да си одлучи кога ќе оди на работа за пари. Оние што имаат проблем се тие што даваат плата во плико, што имаат ангажирано работници „на црно“ и им работат на дневница, ете тие имаат проблем, а ако такви работодавачи имаат проблем нека се обратат до синдикатот или Инспекторатот за труд па ќе го провериме и претходното работно време на тие луѓе и ќе видиме дали навистина недела има несакани дејства по нивното работење, а јас ве убедувам дека тоа не е така“, вели Иван Пешевски од Сојузот на Градежништво индустрија и просторно планирање.

Видете и ова: Агресори, заштитници и повисоки дневници - вие коментирате

Од Стопанската комора изјавија дека најпогодени се градежниците и фирмите за производство на градежни материјали. Дел од фирмите веќе трпат загуби поради тоа што не работат во недела, а тоа велат ќе резултира со отпуштање на вработени. Но, Пешевски тврди дека досега немало отпуштања на работници, ниту пак некакви поплаки до синдикатот.

„Во градежништвото видовме дека има на пример фабрики како на пример Цементара, бидејќи има печки и процес кој што не може да се запре и мора да работи една дежурна екипа и во недела, но сето она сурово градежништво би кажал да луѓе работат на скелиња, бетонери, асфалтери, фасадери, општи градежни работници - навистина немаше потреба да работат во недела. Досега од сите вработени немаме негативни ефекти или несакани последици или отпуштање од работа, бидејќи компаниите каде имаме членови не наидоа на проблем со недела неработен ден. Немавме поплаки ниту од работодавците ниту од работниците, туку само пофални зборови од работниците да ете некој после толку години ја врати неделата како традиционален ден за одмор со семејството и да се сигурни дека тој ден нема да повикаат на работа“,
вели Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија.

Отпочнување со градба на нова спортска сала во ОУ „Јероним Де Рада“, во кумановското село Черкези. работници, мајстори, градежници, градежништво, градилиште


За законските решенија било дискутирано цела година. Утврдено е и кои фирми и дејности мора да работат во недела, но за тоа работниците да добиваат и повеќе пари, за останатите работници - недела треба да остане ден за одмор, додава Пешевски.

„Недела по традиција е неработен ден во Македонија и затоа сметавме дека треба тие луѓе исто така да одморат со своите семејства бидејќи го заслужиле на крајот од денот тоа и ќе бидат многу попродуктивни и поактивни од понеделник до петок“, вели тој.

Северозападна комора: Компанитите трпат загуби, се отпуштаат работници

За разлика од синдикатите, дел од стопанствениците ефектите од недела неработен ден ги оценуваат како негативни. Дрилон Исеини од Северозападна комора на Македонија вели дека фирмите веќе имаат намалување на обртот, а проценките се дека дел од нив ќе бидат принудени да отпуштат дури 15 -20 проценти од вкупниот број на вработени.

„Веќе споменавме еден пример во медиумите - во една фирма има вишок 150 работници, тоа е огромна бројка. Има помали фирми кои ќе бидат принудени од 15-20 отсто од вработените да ги отпуштат заради недела неработен ден, зборуваме за поголеми компании со поголеми капацитети. Сега фирмите имаат де факто вишок работници и се принудени да ги отпуштат“, вели Дрилон Исеини, од Северозападна Комора на Македонија.

Видете и ова: Заобиколувањето на правилата за К-15 на штета на работниците


Инфлацијата, поскапувањето на цените на реагенсите, а сега и покачувањето на минималната плата се отежнувачки фактори кои влијаат врз работата, додава Исеини и поради тоа вели - фирмите мора да имаат право на избор да работат и во недела, а за што на работниците соодветно ќе им исплаќа додаток на плата.

„Ние ќе бараме повеќе флексибилност да им се дава на компаниите во однос на тоа кој ќе работи во недела, бидејќи има воспоставена пракса и работниците кои сакаат повеќе средства, намерно ги бираат неделата или празниците за работа, со цел да добијат повеќе пари, така што мора да се коригира овој дел - да биде пофлексибилен пристапот, а Владата нека врши повеќе надзор на работата колку се почитуваат законите“, вели Дрилон Исеини, од Северозападна Комора на Македонија.

Владата ќе ги анализира ефектите

Стопанската комора најави дека ако се постигне соодветно решение, комората на 18 февруари, на денот на одбележувањето 100 години од своето постоење, ќе ја повлече иницијативата која ја достави до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на законите.

Од Владата пак, велат не се исклучува и можноста за измени или проширување на дејностите за кои ќе важи исклучокот во недела да не се работи, но допрва треба да се анализираат ефектите од недела неработен ден за да се види дали е постигната целта.

„Како ново законско решение, се разгледуваат можни усогласувања за оние дејности кои можеби се пропуштени во исклучоците, а чиј техничко-технолошки производствен процес не може да има прекини, затоа што секое наредно рестартирање на процесот претставува голем трошок. „Недела неработен ден" е ново законско решение кое беше донесено низ долготраен дијалог во кој беа вклучени сите чинители. Владата работи на негова целосна праведна и правична имплементација“, велат до Владата.

Од Министерството за труд и социјала, кои што беа предлагачи на законот, велат дека решенијата биле донесени по широки консултации и анализи со синдикатите и работодавачите и ќе се следи спроведувањето на терен,

Инспекторат за труд: Најмногу прекршувања во трговијата на мало

Во меѓувреме инспекторите за труд се постојано на терен и контролираат дали се почитуваат законите. Директорката на Инспекторатот за труд, Виолета Томовска за РСЕ вели дека најмногу нерегуларности регистрирале во трговијата на мало. Досега направиле 221 вонреден надзор. Четириесеттина работодавачи добиле опомена, а девет добиле забрана за работа.

„Забраната за вршење на дејност се издава во времетрање од 15 работни дена, а доколку работодавачите го повторат прекршокот во тој случај Државниот Инспекторат за Труд изрекува забрана во траење од 30 дена и поднесува барање за поведување на прекршочна постапка, согласно законот за прекршоци и сакам да напоменам дека во овој дел за непочитување на одредбите за работа во ден недела, законот е доста рестриктивен и ригорозен, што значи работодавачите ќе се соочат со изрекување на решение мерка забрана на дејност. Од тие причини сметам дека законот треба да се почитува а од она што веќе го имаме како податок од терен работодавачите генерално го почитуваат законот“, вели Весна Томовска од Државниот инспекторат за труд.

Граѓаните со кои разговараше РСЕ се со поделени мислења. Дел од нив сметаат дека треба да има опција да се бира дали ќе се работи или не во недела", друг дел се децидни дека тоа е ден за одмор, но сите се согласни дека доколку се работи – работникот треба да се плати соодветно.

„Право на избор треба да има, треба да се даде можноста, секој работодавач во договор со работникот да одлучи дали ќе работи или не, но притоа соодветно да го плати. На крајот од денот има луѓе кои што ќе се нафатат да работат и во недела за повисока дневница", сепак живееме во пазарно општесто и ако има работници кои што ќе сакаат да работат за повисока дневница, зошто да не им се овозможи тоа. Опција треба да има“, вели Даниела од Скопје.

„Треба да остане да важи актуелното законско решение за сите работници, баш ме радува, така треба“, вели Трајче.

„Можеби треба да се има право на избор, бидејќи секако има дејности каде што мора да се работи и во недела, но доколку веќе се работи тогаш работникот треба да си добие поголема дневница, како што е предвидено со законот и да се казнуваат работодавците кои нема да го почитуваат тоа“, вели скопјанката Ирина.

Законското решение за недела неработен ден стапи на сила од 01-ви јануари годинава. Со измените, 92 отсто од работниците не работат во недела, а 8 проценти од работниците кои работат во техничко-технолошкиот процес кој не може да биде прекинат, добиваат 50 отсто повисока дневница и дополнително еден слободен ден во текот на наредната недела. Законот предвидува вработените во трговските центри, кои ќе работат во недела да добиваат двојно повисока дневница, а дополнително 2 проценти од прометот, остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници да биде наменет за изградба на нови детски градинки.

Подготви Ивана Стојкова