Oд вчера, недела, стапија на сила измените на Законот за работни односи со кој ден недела, за 92 отсто од работниците е дефиниран како неработен, а дневниците на тие што ќе работат ќе бидат најмалку за 50 проценти поголеми. Државниот инспекторат за труд ќе дежурал во неделите за да може работниците да пријават доколку им се прекршени правата.
Изет Јусуфи веднаш на мајтап, закитувајќи го својот пост со три смешковци: „И инспекторите ќе бидат платени спрема новиот закон“. Аслан Нед Јатин Вејсел не е многу оптимист: „Конечно инспекторите да работат, но сите се корумпирани, се продаваат за пиво или еден хамбургер и на крај пак нема ништо да направат“. Теодор Петковски се радува: „...Да здивнеме, а???“, а Наум Николоски со препорака: „Прошетајте во Охрид малку“. Ивица Атанасовски објавил: „Редно беше барем нешто за работникот да се направи“.
„Заев си замина, короната остана“ е насловен нашиот текст, поточно анализа за политичките случувања и за нивните актери во земјава лани, со сугестија дека го истиснале ковидот од насловните страници на медиумите. Јон Филипески напишал: „Заев си замина, Будалијата кај македонскиот народ остана“, а Војо Мамучевски со реторичко прашање: „Има ле поголема корона од него“.
Следуваат две различни мислења на наши посетители: Мукрем Саитоски вели: „Го правеа предавник, ама во заблуда беа, ништо не предаде. Супер беше и за брзо пак че го бараме. Инаку мене ми е јасно, за многу Господ не е добар и го пцујат, а камоли Заева Зоки“. Ќемал Џафероски со спротивно мислење: „Мк има живот само за богаташите, овај не се интересираше за скапаните, затоа Господ го казни“. Велјановски Александар кој според профилот живее во Австралија со иронија се чуди на објавите против Заев: „Точно, СДСМ короната ја донесе, ц ц ц неписмен народ бе колку сме не е можно... цел свет илјадници заболени, Заев крив за короната... АМА дури не се вакцинираме ќе имаме голем процент мртви. Во Австралија по 20 илјади заразени има на ден ама починати ич – оти? Оти 98 проценти се вакцинирани, а ние сме најпаметни во Мк, све знајме“. Горан Стоиловски со забелешка до нашиот текст: „Многу му придавате важност на Зоран, изгледа друго нема што да пишете“.
Изјавата на новиот бугарски премиер, Кирил Петков дека „Бугарија не треба да биде периферија на ЕУ и треба да биде поактивен и конструктивен член“ вообичаено, ги интригира нашите посетители. Кирил Илиевски, напишал: „И што се случува на заедничката маса? Се прашуваат: Што бараат овие со нас?“ Тоше Велковски со порака до Петков: „Кики, дај не зезај, засукај се и почни да работиш, само со кажување приказни можеш на крајот паљачо да бидеш...“ А Петре Николовски забележува: „И се чини дека после сите контра работи што ги направивте, ЕУ ќе ве исфрли од членство како стара крпа“.