Достапни линкови

Нова Година без огномети, но со полни кафеани


Тројца дедомразовци на плоштадот Македонија во Скопје
Тројца дедомразовци на плоштадот Македонија во Скопје

Голем дел од светот ја дочека 2022 година без организирани прослави или со ограничени настани, поради пандемијата со ковид-19. Втора година по ред новогодишните прослави се во сенка на пандемијата, сега засилена со новиот сој омикрон, кој е попренослив. Во земјава, пак, за разлика од лани работеа угостителските објекти, а имаше и организирана прослава на градскиот плоштад во Скопје, но немаше огномет.

По пандемиската пауза во главниот град имаше новогодишна прослава со македонски изведувачи. Од Град Скопје рекоа дека три општествено одговорни компании се одважиле во време на економска и енергетска криза да придонесат за организацијата за свечениот пречек на Нова година. Центарот на градот е скромно украсен за празниците, поради енергетската криза. Од денеска струјата во земјава е поскапа за речиси 10 отсто.

Годинава немаше организиран огномет. Оваа Нова година за разлика од лани работат угостителските објекти и немаше ограничувања за новогодишни прослави.

Неколку илјади граѓани славеа и на плоштадот во Охрид. На забавата во нашето најпознато туристичко место, настапија локални уметници. А поради топлото време, не вообичаено за овој период од годината преполни беа и околните тераси од кафулињата.

За новогодишната ноќ на Клиниката за гинекологија и акушерство се родиле три бебиња, од кои едното се родило во ковид-центар, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој информираше дека на Клиниката за токсикологија примени се 17 пациенти, од кои 11 се примени заради состојба на алкохолизираност.

„Во службата за Итна медицинска помош имало околу 50 повици, во најголем случаи заради пациенти кои се алкохолизирани, помалку пациенти повредени во физичка пресметка и неколку помали и една посериозна сообраќајна несреќа. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани околу 60 пациенти со КОВИД, 40 од нив се на кислородна поддршка“, рече денеска министерот за здравство, по посетата на првороденото бебе.

Министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска
Министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за новогодишната ноќ се приведени вкупно 12 лица, а регистрирани се 18 прекршоци на јавниот ред и мир, од кои најголем дел физички напади и физички пресметки. Во текот на ноќта се случиле седум сообраќајни незгоди, од кои најголемиот број со материјална штета, при што не се регистрирани жртви.

Полицијата за време на новогодишната ноќ санкционирала 143 возачи во Скопје, 48 под дејство на алкохол. Од МВР, информираат дека продолжуваат засилените акциски контроли и во наредните денови и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел поголема безбедност во сообраќајот и посигурни патишта.

Во Србија прослави без ограничувања, но Црна Гора забрана за прослава на отворено

Во регионот прослава и масовни собири без стравувањата од варијантата омикрон имаше во српската престолнина Белград.
Во Црна Гора беа забранети прославите на отворено, но не и тие на затворено во угостителските објекти. Пред пандемијата во Будва за нова година се организираа концерти на отворено кои привлекуваа илјадници туристи од регионот.

Во Хрватска исто така немаше организирани прослави за Нова година со илјадници посетители на плоштадите и улиците. Неколку градови сепак приредија дочека на Нова година прилагоден на епидемиолошките мерки.

Албанските граѓани новогодишната ноќ ја минаа без полициски час, со собири на плоштадите, фамилијарни дружби и преполни угостителски објекти, наспроти минатата година кога земјата беше под целосен карантин поради пандемијата со Ковид-19.Центрите и плоштадите беа преполни и во сите други градови, без почитување на мерките за заштита, носење заштитна маска и одржување растојание. Од денес повторно во сила е полицискиот час, воведен во средината на ноември 2020, кој трае од 23 до 6 часот.

Омикрон ги згасна огнометите

Многу земји во Европа ја започна новата година со рекодни инфекции предизвикани од сојот омикрон. Во Атина, Лондон, Париз, Рим и Берлин немаше огномет и прослави.

Во Берлин немаше огномет над Бранденбуршката порта и немаше забава со стотици илјади луѓе, како во минатите години. И други големи германски градови ги откажаа новогодишните настани.

Властите во Париз го откажаа огнометот поради зголемените инфекции и повторно го воведоа задолжителното носење маски на отворено. Официјални настани немаше ниту во Лондон, оти, според, официјалните лица, секој 15 човек во градот бил заразен со ковид во неделата пред католички Божиќ.

Во Италија имаше поскромни прослави.

Огнометот во Сиднеј
Огнометот во Сиднеј

Во Москва, пак, се славеше со огномет на полноќ и без поголеми ограничувања за коронавирусот. И во Дубаи Новата година беше пречекана со прослави со светлосно и ласерско шоу на највисоката зграда на светот, Бурџ Калифа и покрај зголемените инфекции.

Не изостана и традиционалниот огномет над Мостот Харбор и Операта во Сиднеј, првиот голем град во светот кој ја пречека 2022 година. Во Австралија имаше прослава и покрај тоа што земјата пријави рекорден број на случаи, но имаше далеку помалку луѓе во споредба со годините пред пандемијата.
Во Кина неколку големи градови, како Пекинг, Шангај и Вухан ги откажаа големите свечености и огнометите.

Јужноафриканските власти ги олеснија ограничувањата непосредно пред новогодишната ноќ, откако објавија дека бранот предизвикан од омикрон најверојатно го поминал својот пик без притоа значително да се зголемат смртните случаи и хоспитализирањата.

Поскромни прослави имаше и во Рио де Жанеиро и Мексико Сити.

Во Њујорк традиционалната новогодишна забава на Тајмс Сквер беше ограничена за 15 илјади гледачи, што е далеку помалку во споредба со предпандемиските години и сите посетители беа со маски и со вакцинален сертификат.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG