Капиталните инвестиции годинава се реализираат уште послабо од лани, а минатата беше најслабата година во изминатата деценија. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, чиј ресор е задолжен за патиштата, пругите и гасификацијата, вели дека реализацијата во неговото министерство е одлична, a власта молчи кои се институциите што затајуваат.
Во првите пет месеци од годинава, за капитални инвестиции се потрошени само 58 милиони од предвидените 422 милиони евра, односно само 13,7 отсто од предвидените пари. Во истиот период минатата година, за капитални инвестиции биле потрошени 54 милиони евра, односно 13,8 проценти од предвидените за целата година.
Видете и ова: Десетици советници за економија, а растот меѓу најниските на БалканотПремиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески постојано повторуваат дека ситуацијата ќе се поправи во вториот дел од годината, но истото го зборуваа и лани, кога на крај беа потрошени само 66 отсто од предвидените пари за инвестиции.
Сугарески исто така вели дека реализацијата во неговиот ресор е „одлична“, но никој не кажува каде реализацијата е очајна за да се добие тој резултат од 13,7 отсто.
Во Министерството за финансии прашавме кои институции имаат највисока, а кои најниска реализација на капитални инвестиции, но не добивме одговор.„Реализацијата на капитални инвестиции се мери на годишно ниво и владините очекувања се дека годинава тие ќе бидат многу подобро реализирани од претходната. Динамиката на реализација е различна кај ресорите, затоа е некомпарабилно да се прави пресек. Преземени се мерки, веќе е подобрена динамиката и се очекува до крај на година да имаме добри резултати“, стои во одговорот на Министерството за финансии.
Пред неполн месец, и досегашниот министер за финансии Драган Тевдовски одби да ги посочи институциите што потфрлаат во трошењето на јавни инвестиции.
„Ние сме транспарентни ги имате нашите извештаји на веб сајт повелете, видете ги“, рече Тевдовски.
Сепак, на сајтот на Министерството, последните податоци за приходи и расходи по буџетски корисници се за првата половина од минатата година, а не за оваа.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека не кажуваат затоа што се обидуваат да ги скријат лошите резултати.
Видете и ова: Рекордно ниско ниво на капитални инвестиции„Тоа е во природата на човекот, да го крие тоа што не му одговара. Причината е пред јавноста да се кријат неуспешните министри. Таквите неуспеси се обидуваат да ги скријат пред јавностa со една неуверлива пропаганда. За жал, јас сум тој што вака своевремено зборував за ВМРО-ДПМНЕ, а сега сме сведоци дека се повторува и од владата на СДСМ. Чудна работа што јас доживувам државна и партиска пропаганда, погруба од она што своевремено се правеше во режимот на Груевски“, вели Хајредини.
Во синоќешното гостување на ТВ24, министерот Сугарески рече дека во првата половина од годинава неговото министерство реализирало 26 отсто од предвидените инвестиции за целата година.
Во првата половина минатата година, Министерството за економија реализирало само 0,4 отсто од капиталните инвестиции, Министерството за земјоделие 1,5 отсто, Министерството за одбрана – 2,2 отсто, Министерството за образование 7,9 отсто, Министерството за транспорт и врски 12,3 отсто, Министерството за здравство 14,9 отсто, а Министерството за животна средина 17,4 отсто од планираните инвестиции за целата година.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи – 56,6 отсто, Министерство за култура – 41,2 отсто, а Финансирањето на дејности од областа на културата 30,7 отсто, додека Министерство за локална самоуправа ги потрошило речиси сите пари за капитални инвестиции во првата половина од годината, односно реализацијата била 98,8 отсто.