Ковид-пасошот само за по дома

Негативниот ПЦР тест засега е многу поважен при патување во странство од сертификатот за вакцинација. Иако потврдата за вакцинација е изработена по насоки од ЕУ и има QR code, се уште не служи за олеснување на патувањето, оти најголемиот дел од земјите на ЕУ се затворени за несуштински и туристички патувања на македонските државјани.

Министерството за здравство издава потврда за вакцинација со QR code, на македонски и англиски јазик. Насоките за изработка на потврдата се од Европската здравствена мрежа на ЕУ. Кога се најавуваше оваа потврда, здравствените власти велеа дека со неа веројатно ќе може полесно да се патува. Тие се надеваа и дека тој сертификат ќе може да го користат и земјите кои не се членки на ЕУ. Но засега тоа не е случај. Од Министерството за здравство не добивме одговор до каде се разговорите со ЕУ за признавање на македонските ковид пасоши.

На почетокот од јуни од Министерството за здравство посочија дека мрежата „CommonTrust“ и Светски Економски Форум, во рамки на проектот „The Commons Project“ ja создале апликацијата „CommonPass“, со цел воспоставување на интероперабилна платформа за взаемно признавање на вакциналните потврди и лабораториските тестови за ковид-19 меѓу државите. И македонското Министерство за здравство се приклучило кон мрежата, а со тој чекор, како што наведоа, на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард „Smart Health Card“.

„Тоа за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат ковид-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност“, се посочува во соопштението од Министерството.

Видете и ова: Kовид-пасоши во најава, интересот за вакцинација расте


ЕУ, пак, си донесе дигитален ковид-сертификат со кој се олеснува само патувањето внатре во Унијата. Сертификатите ќе почнат да се применуваат од 1 јули годинава и ќе важат 12 месеци.

Потврдата што ја издава македонското Министерство за здравство ја добиваат оние кои целосно се имунизирани, односно граѓаните кои примиле две дози од вакцината. Документот содржи лични податоци на примателот на вакцината, датум кога се примени двете дози и типот на вакцина. Сертификатот, исто така, има и дигитален печат од Министерството за здравство. Ваквите сертификати може да се симнат од сајтот vakcinacija.mk во електронска форма или да се испечати. А може да се добијат и од матичниот лекар.

Но потврдата за вакцинација засега не го олеснува многу патувањето на македонските државјани. Вакциналниот сертификат се зема предвид само за патување во Грција, која беше една од седумте земји членки на ЕУ каде „ковид пасошот стартуваше како пилот проект пред еден месец. Грција ги признава сите вакцини, а не само оние одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Па во земјата може да влезат и вакцинираните со руска и со кинеските вакцини.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Дигитален зелен пасош“ на ЕУ


Македонските државјани во другите соседни земји може да влезат и без ПЦР тест, но за најголем дел од земјите важат строги ограничувања, тие не се отворени за несуштински и туристички патувања на македонски државјани. Влез во нив е дозволен само за посебни категории, како луѓе со дозвола за престој, пациент за болничко лекување, посета на брачен другар, семејно обединување, погреби, студии, учество на судски процеси, дипломати, хуманитарни сили, бизнис патувања и во нив може да се патува само со негативен ПЦР тест. Во некои земји од ЕУ се уште важи и карантин за македонските државјани, како на пример за Холандија, каде македонската репрезентација ќе игра еден од натпреварите на ЕВРО 2021 во фудбал.

Германија пред два дена донесе одлука да ја отстрани Македонија од листата на ризични земји со ковид-19, со тоа се отстрануваат строгите ограничувања кои важеа за македонските граѓани кои ќе патуваат во Германија. Па така од 13 месецов македонските граѓани кои сакаат да влезат во Германија по копнен пат нема да мора дигитално да го пријават патувањето, не мора да имаат негативен ПЦР тест и нема да мора да седат во карантин при влез во земјата. Но оние граѓани кои ќе пристигнат во Германија со авион ќе мора да имаат една од трите опции - негативен тест, потврда за прележан вирус или потврда за целосна вакцинација пред поаѓањето. Се очекува и Австрија да го следи овој чекор и да го олесни патувањето за државјаните на земјите од Западен Балкан.

На почетокот на месецов официјален Брисел најави почеток на преговори со трети земји за меѓусебно признавање на сертификатите за дигитална вакцинација со цел да им се олесни патувањето на граѓаните летово.

Се препорачува да се прифатат сите вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (на „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Модерна“ и на „Џонсон и Џонсон“), како и оние одобрени од СЗО за итна употреба (на „Синофарм“), а за тоа индивидуално одлучуваат земјите членки.

Видете и ова: Падна бројката на ковид пациенти, но расте на оние со пост-ковид последици

На веб страницата на Министерство за надворешни работи се наведени правилата на земјите за патување според ковид-протоколи, па заинтересираните граѓани може да видат кои правила за патување важат во секоја земја поодделно.

Во меѓувреме, бројот на заразени во земјата е намален и дневно има по неколку ново заразени. Бројката на активни случаи е околу 400, а намален е и притисокот во ковид болниците. Поради тоа се предлага од 16 јуни да се укине забраната за движење, односно полицискиот час, се дозволуваат настани на отворени со капацитет до 1000 луѓе и искористување на просторот до 50 отсто и се отстранува лимитот од 100 присутни лица на свадбите.

Што се однесува пак до процесот на вакцинација во земјава, досега се дадени над 440 илјади дози вакцини, а околу 190 илјади луѓе се целосно имунизирани. На сајтот vakcinacija.mk, околу 450 илјади луѓе изразиле желба за вакцинација.