Достапни линкови

Kовид-пасоши во најава, интересот за вакцинација расте


Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021
Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Министерството за здравство ќе издава потврда за вакцинација со QR code, на македонски и англиски јазик. Насоките за изработка на потврдата се од Европската здравствена мрежа на ЕУ и со неа веројатно ќе може полесно да се патува. Се надеваме дека тој сертификат ќе може да го користат и земјите кои не се членки на ЕУ, велат во Министерството.

Интересот за вакцинација против коронавирус во Македонија се зголемува во изминативе два месеци. Властите очекуваат дека интересот уште повеќе ќе се зголеми пред почетокот на летото, кога луѓето ќе сакаат да патуваат, навестувајќи дека ЕУ ќе бара потврди за вакцинација за влез во земјите од Унијата. Министерството за здравство најави дека ќе издава потврди за вакцинација на македонски и англиски јазик.

Според последната анкета на Институтот за политички истражувања Скопје, спроведена од 11 до 14 април, 57 отсто од испитаниците одговориле дека би се вакцинирале против ковид-19. Една четвртина од анкетираните одговориле дека не сакаат да се вакцинираат, а 17,8 отсто од граѓаните се нерешителни.

Ова е зголемување на интересот за вакцинација во однос на претходното испитување на јавното мислење што го спроведе Институтот за демократија Социетас цивилис. Во истражувањето спроведено од 17 февруари до 10 март, половина од испитаниците одговориле дека би се вакцинирале, 34 отсто дека не би, а 16 отсто одговориле со „не знам“.

На сајтот vakcinacija.mk на Министерството за здравство, на кој граѓаните може да пројават интерес за вакцинација, досега се пријавиле 170 илјади граѓани, а околу 40 илјади граѓани досега се вакцинирани.

Прво треба вакцини, а потоа и кампања

Поранешниот министер за здравство, доктор Ѓорѓи Оровчанец вели дека засега најголем проблем е што нема вакцини. Како ќе пристигнуваат вакцините, така ќе се зголемува и интересот за вакцинација, вели тој.

Сигурноста на вакцините и можните несакани последици се една од причините кои ги колебаат граѓаните да се вакцинираат, додека други се жртви на теории на заговор дека коронавирусот не постои, дека Бил Гејтс сака да ги чипува луѓето со вакцините, се споменуваат масони, илуминати, нов светски поредок... Оровчанец посочува дека вакцините се спас од епидемијата, но оти е потребна сериозна кампања за едуцирање на населението во која ќе се вклучат не само здравствените власти, туку сите општествени чинители.

Вакцинација на граѓаните од старосната група над 77 години - Скопје, 31 март 2021
Вакцинација на граѓаните од старосната група над 77 години - Скопје, 31 март 2021

„Вистината мора да ја манифестирате за да стане премногу очигледно за да може луѓето да го сфатат тоа. Ако не можат да сфатат дека коронавирусот постои и е присутен, а тоа е главната причина за антивакцерството, тогаш имаме расправа со идиоти“, вели Оровчанец.

На почетокот на овој месец во соседна Србија, каде што има доволно вакцини, беа уапсени петмина луѓе кои ширеле невистини за вакцинирањето, кои се сомничат за „предизвикување паника и нереди“. Српските власти потоа соопштија дека еден од најгласните антивакцери во земјата бил вакциниран, но ги убедувал другите да не се вакцинираат.

Во Србија досега над 26 отсто од жителите примиле барем една доза од вакцината. Во најдобрите денови вакцинираа по скоро 1 отсто од населението дневно, но на крајот на март интересот се намали за повеќе од двојно. Откако пред две недели се вакцинираше и претседателот Александар Вучиќ, интересот повторно почна да расте. Во кампањата за вакцинација се вклучени актери, пејачи и други славни личности во земјата.

Лидер во вакцинирањето е Израел, каде што веќе се вакцинирани скоро 62 отсто од жителите и е на пат да го стави ширењето на вирусот под контрола. На средината на јануари во земјата имаше по над 8000 нови случаи на коронавирус дневно, а сега има по само 150 нови случаи.

Европските земји кои живеат од туризам инсистираат на вакцинални пасоши

Во ЕУ веќе неколку месеци се зборува за воведување таканаречен ковид-пасош, односно дека ќе може слободно да патуваат само луѓето со потврда дека се вакцинирани или дека ја прележале болеста. За останатите ќе се бараат ПЦР тестови и карантини. На ова особено инсистираат државите од ЕУ чија економија во голема мера зависи од туризмот кој беше силно погоден од затворањето на границите поради спречување на ширењето на вирусот. Ковид-пасошот треба да содржи информации за вакцинираност, прележување на болеста или негативен тест.

Засега нема ваква одлука, но министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена навести такво нешто. Тој рече дека интересот за вакцинација е задоволителен, а очекуваат да се зголеми пред почетокот на летото од луѓето кои ќе сакаат да патуваат.

Во Министерството за здравство велат дека во ЕУ сè уште нема конечна одлука за вакцинални сертификати, но Унијата издала препораки според кои и македонските власти ќе ги изработуваат потврдите.

„Министерството за здравство ќе издава потврда со QR code, на македонски и англиски јазик. Насоките за изработка на потрвдата се од Europe Health Network на ЕУ, каде предвидоа дата сет на податоци кои ги содржи Кодот односно тој сертификат – име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, тип на вакцина и на сертификатот ќе има дигитален печат од Министерството за здравство. Некаде почетокот на јуни се очекува да имаат дефинитивно решение, се надеваме дека тој сертификат ќе може да го користат и земјите кои не се членки на ЕУ“, ни одговорија во Министерството за здравство.

Меѓународно уверение за вакцинирање што го издаваат Центрите за јавно здравје за лица кои патуваат во ризични региони
Меѓународно уверение за вакцинирање што го издаваат Центрите за јавно здравје за лица кои патуваат во ризични региони

Светската здравствена организација засега се противи на извадавањето вакви ковид-пасоши кои ќе го олеснат патувањето. Во овој момент вакцините не им се подеднакво достапни на сите и тоа ќе ги дискриминира сиромашните земји, а од друга страна се уште не се знае колку ќе трае имунитетот од вакцините.

Токму поради недостигот од вакцини, луѓе во Словенија почнале намерно да се заразуваат со коронавирус за да може полесно да патуваат.

Противниците на вакциналните пасоши сметаат дека тоа е прекршување на човековите права, но од друга страна, слични документи постојат и сега. Луѓето што сакаат да патуваат во субсахарска Африка или во други тропски краишта задолжително треба да се вакцинираат против низа болести за кои вакцинација во Европа не е задолжителна. Така, Македонците кои работат во вакви земји редовно се вакцинираат против тетанус, хепатитис А и Б, тифус и жолта треска, а меѓународното уверение за вакцинација го издава Центарот за јавно здравје - Скопје.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG