Ковид-кризата за банките мајка, за другите маќеа

Илустрација

Во кризната 2020 година банките оствариле за 9 милиони евра повисок профит, отколку во преткризната 2019, а профитите растат и во првото тримесечје годинава. Невладините организации се жалат дека банките „дерат“ со провизии.

Банките го зголемија профитот во време на пандемија. Десетици илјади граѓани останаа без работа, а илјадници фирми, особено од најпогодените сектори, цела година се на работ на опстанок и преживуваат со владината помош, но ковид-кризата не го погоди банкарскиот систем. Според податоците на Народната банка, во кризната 2020 година банките оствариле профит од 118 милиони евра, односно за 9 милиони евра повеќе од преткризната 2019. Во првиот квартал од годинава, додека кризата сè уште трае, македонските банки оствариле профит 32 милиони евра, што е за 70 отсто повеќе од истиот период минатата година, кога заработката била „само“ 19 милиони евра.

Видете и ова: Криза - богатите побогати, сиромашните посиромашни

Во Народната банка велат дека растот на добивката во првиот квартал се должи, во еден дел, како одраз на еднократни ефекти.

„Повисоката профитабилност најмногу произлегува од намалувањето на трошоците за исправка на вредноста. Придонес во растот на добивката, имаа и нето-приходите од провизии, другите редовни приходи, и помалите оперативни трошоци“, велат во Народната банка на Македонија.

По затворањето на Еуростандард банка, која лани книжеше загуби, и со тоа го намалуваше вкупниот профит на банките, сега тој е поголем.

Се забележува дека приходите од камати на банките се намалуваат, но на нивна сметка растат приходите од провизии.

Драги Кушовски од Здружението на банкарски клиенти Ануитет вели дека се потребни законски измени со кои ќе им се ограничи правото на банките произволно да ги зголемуваат надоместоците. Секаде во светот, поради дигитализацијата, провизиите се намалуваат, а кај нас растат, вели тој.

„На пример, обичниот граѓанин којшто плаќал одредена провизија од 50 или 70 денари, сега плаќа 150 или 250 денари. Еднострано ги зголемуваат провизиите или воведуваат нови. Во еден дел им се намалуваат приходите од камати, бидејќи имаме некое ограничување околу висината на каматните стапки, а од друга страна се зголемуваат профитите од провизиите каде што немаме никакво ограничување и тука надлежните институции, Владата и Народната банка треба многу брзо да реагираат“, вели Кушовски.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска - Бежоска, во гостувањето на ТВ 24 пред десетина дена рече дека стабилноста на банкарскиот систем е задржана во времето на пандемијата.

„Банкарскиот систем солидно се справи со предизвиците со коишто се соочи изминатата година“, рече Ангеловска – Бежоска.

Сепак, и покрај зголемување на профитите, Народната банка во февруари годинава им забрани на банките годинава да исплаќаат дивиденда.

„Неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“, соопштија тогаш од Народната банка.

Доколку состојбата се подобри, забраната може да биде укината.

Од април минатата година до април годинава, граѓаните и фирмите погодени од пандемијата можеа да побараат одложување на ратите за кредити. Од пред два месеци, сите продолжуваат со редовно плаќање на кредитите, но овојпат со повисоки рати, затоа што во нив ќе биде пресметана и каматата од изминатата година, кога побарале одложување.