Дел од економистите стравуваат дека одлуката на Уставниот суд да му се одземе предноста на Фондот за осигурување депозити (ФОД) при наплатата на побарување од пропаднати банки ќе ги поскапи кредитите или ќе го поевтини штедењето, но други велат дека нема причина за такво нешто. Фондот и без предноста е полн со пари, а од таму најавуваат дека нема да има измени во нивното работење, па ниту оправданост за страв.
Уставниот суд во вторникот го укина ставот 3 од членот 163 од Законот за банки, според кој, приоритет во стечајната постапка имаат побарувањата на Фондот за осигурување на депозити. Иницијативата за укинување на членот ја поднесе Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“.
Фондот за осигурување депозити е специјализирана државна финансиска институција која ги осигурува штедните влогови на граѓаните во случај некоја банка или штедилница да пропадне. Ако некоја банка пропадне, Фондот за 20 дена почнува да ги исплаќа сите депозити на домаќинствата до 30 илјади евра.
Граѓаните кои имаат над 30 илјади евра на сметка, како и фирмите, треба да чекаат до завршување на стечајната постапка на пропадната банка за да си наплатат дел од парите. Фондот досега имаше предност во стечајната постапка, но сега ќе има еднаков статус како останатите доверители.
Поранешниот министер за финансии Никола Поповски за Телма изјави дека оваа одлука на Уставниот суд е контроверзна, зашто Фондот е обврзан веднаш да ги обештети штедачите кои имаат до 30 илјади евра, а потоа да чека да си ги поврати парите од стечајната маса, исто како и сите останати, со што се доведува во нерамноправна положба со другите доверители.
„Тоа значи дека во банкарскиот систем на Македонија ќе се случат две работи. Прво ќе поскапи штедењето за штедачите, односно нивните приноси ќе бидат помали затоа што банките ќе имаат поголем трошок да одвојуваат за ова. И второ ќе се одрази на добивките и дивидендите на банките во сооднос на тоа колку што сега нема да наплатат за тоа што приоритетно го дале. Малку е чуден системот во кој имате обврски да платите па да наплатите, законот ве обврзува први и целосно да исплатите нешто, а потоа законот ви оневозможува први назад да си го повратите тоа“, оценува Поповски.
Од друга страна, засега ниту Фондот најавува дека може да ја зголеми премијата за наплата од банките, ниту пак банките најавуваат промена во каматните стапки. Во изминативе години Фондот два пати ја намали премијата што ја плаќаат банките за осигурување на штедните влогови од 0,7 отсто на 0, 5 отсто и сега е 0,25 отсто годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка.
Академик Абдулменаф Беџети вели дека евентуалното зголемување на премијата за банките може негативно да се одрази врз каматните стапки и да ги обесхрабри граѓаните да ги чуваат парите во банка, но смета дека тоа нема да се случи.
„Не би требало да поттикне зголемување на издвојувањата за Фондот. Еве Фондот е во толку добра финансиска кондиција, а од друга страна банкарскиот сектор е доста стабилен. Тоа се случи само со една банка и за среќа не пенетрираше и не го акцелерираше тоа влијание“, вели Беџети.
Членки на Фондот се сите 13 банки и две штедилници во Македонија. Тие уплаќаат во Фондот по 0,25 отсто од вкупните депозити на физичките лица. Во моментов Фондот има скоро 240 милиони евра, што е над законскиот минимум од 4 отсто од сите штедни влогови на граѓаните, кои во банките имаат над 4,6 милијарди евра. Фондот овие пари потоа ги инвестира во државни хартии од вредност и секоја година заработува и од камати.
Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка во август минатата година и веднаш потоа беше отворена стечајна постапка, а веќе во септември почна исплатата на средствата од Фондот за осигурување на депозити. На штедачите од пропаднатата банка, кои имале до 30 илјади евра, Фондот веќе им исплатил 59 милиони евра. Тие сè уште не подигнале уште 9 милиони евра кои чекаат на нив.
Останатите граѓани, кои имале над 30 илјади евра, како и фирмите, побаруваат од пропаднатата Еуростандард банка уште 36 милиони евра кои ќе треба да си ги наплатат од стечајната маса.
Фондот за осигурување депозити постои од 1997 година, прво како Фонд за осигурување на штедните влогови во сопственост на сите тогашни банки и штедилници, а од 2000 година во сопственост на државата. Границата за обесштетување на штедните влогови се менуваше од 10 илјади германски марки, па 10 илјади евра, па 20 илјади евра, а од 2010 година целосно се обесштетуваат сите штедачи до 30 илјади евра.
Од 1997 година, до пропаѓањето на Еуростандард банка, во земјава пропаднале 10 банки и штедилници чии штедачи биле обесштетени од Фондот. Обесштетени биле над 20 илјади граѓани кои имале над 22 милиони евра. Најголем дел од овие пари, односно околу 95 проценти, се исплатени по пропаѓањето на Македонска банка во 2007 година. Во Еуростандард банка се обесштетени околу 10 илјади луѓе со скоро 60 милиони евра.