Република Македонија со Преспанскиот договор го смени официјалното име во Република Северна Македонија со цел да се деблокираат евроатлантските интеграции за кои токму поради името проблем беше Грција. Оваа промена и натаму предизвикува емоции и очекувано на првиот ден од кампањата прашањето на виделина го извади кандидатот за претседател поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска - Давкова. Таа од Охрид најави дека ако стане претседател во Уставот ќе го заштити името со клаузула за непроменливост.
„Ќе дојде одговорен претседател од народот, за народот и со народот, ќе дојде одговорен Парламент што ќе ја почитува опозицијата и државнички ќе се однесува кон најважните прашања, ќе дојде нов состав на Уставен суд кој ќе го брани Уставот, со знаење ама и со морал. Тогаш ние, еден ден, со една уставна промена, важна, ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост“, порача од Охрид, Силјановска - Давкова.
Во интервју за Слободна Европа кое ќе го емитуваме во недела нејзиниот противкандидат поддржан од владејачката коалиција Стево Пендаровски за најавената клаузула пак, вели дека не му јасна идејата на Силјановска.
„Јас не можам да знам што се крие зад тоа, морам да ви кажам дека за промена на Уставот или на некој закон постои пропишана процедура, ако, сега можам да нагаѓам, бидејќи е необичен предлогот, да бидам благ во изразот. Ако мислите дека ќе го промените Уставот со тоа што внатре ќе ставите амандмани со член кој ќе вели отсега натаму нема да се менува во делот на името, значи како што сте дошле до таа измена со дветретини, така со дветретини утре, задутре можете да го промените тоа. Не сум чул за клаузула која ќе го напише на камен и ќе рече ова е библија и нема да се менува 3000 години, процедурата за промена на Уставот е таа“, вели Пендаровски.
Според Пендаровски, тоа значи дека Гордана Силјановска и ВМРО ДПМНЕ се против Преспанскиот договор, кој е главниот предуслов за влез во НАТО и, таквиот концепт, смета тој, е рецепт за блокада и изолација на државата.
На прашањето дали навистина смета дека Силјановска - Давкова би ги блокирала евроатлантските процеси, Пендаровски вели дека Преспанскиот договор не може да се поништи само со политичка изјава, бидејќи е продукт на две договорни страни, со меѓународен гарант - Обединетите Нации. Што значи за каква било промена ќе треба да се убедат Атина и петте постојани членки на Советот за безбедност, за повторно да се отворат преговори.
Видете и ова: Претседателските кандидати потпишаа Кодекс за фер и демократски избори
Според поранешниот судија во Уставниот суд, Трендафил Ивановски, идејата на Силјановска за клаузулата за заштита на името е пропагандна порака која нема врска со реалноста.
„Таква институција, примедба, забелешка во Уставот ниту може да има ниту е приемчива. Доколку победи опцијата за која она се залага тогаш може единствено да предлага и да се залага да се промена Уставот. Инаку сето друго, клаузула да се става, таква работа ниту постои ниту може да постоји“, смета Ивановски.