Пандемијата со коронавирусот покажа колку е важна медицинската опрема. Во многу земји, основните потреби како маски за лице, примероци за тестирање, ракавици и заштитни мантили беа намалени на застрашувачки нивоа. Одредени земји забранија извоз на ваква опрема.
Но Кина, по справувањето со вирусот на нејзина територија, почна да го освојува светот со својата „дипломатија на маски“ праќајќи авиони со помош во многу земји, меѓу кои и членки на Европската Унија. Таа се обидува критиките дека лошо се справила со вирусот кои доаѓаат од Западот да ги промени и да се прикаже како успешен и добар партнер, анализира Асошиејтед Прес.
Кина со години го зголемува своето политичко и економско влијание во југоисточна Европа преку нејзините инвестициски проекти, но оваа слика се наруши со појавата на коронавирусот. За да го врати својот углед, Кина испрати помош и во Италија, Шпанија, Холандија, Словачка и Република Чешка, во медицинска опрема и во тестови, иако беше утврдено дека некои од нив не ги исполнуваат стандардите.
„Мораме да бидеме свесни за геополитичката компонента, вклучувајќи ја и борбата за влијание, преку спинување и преку политиката на дарежливост“, напиша на својот блог Жозеп Борел, потпретседателот на Европската Комисија.
„Вооружени со факти, треба да ја одбраниме Европа од оние кои ја клеветат“, додава тој.
Но кинеските официјални претставници тврдат дека Пекинг не бара политички поени преку испраќањето на медицинска опрема во други земји во кои се прошири вирусот.
„Пекинг прави се што може за да им помогне на оние земји и засегнатите луѓе да го спасат и заштитат животот и здравјето на луѓето ширум светот“, изјави Хуа Чунинг, портпарол на министерот за надворешни работи на Кина.
Познатото пријателство со Србија
Помошта од Кина за Србија ја пречека претседателот Александар Вучиќ кој рече „Кина е единствената која ни помага“, иако Европската Комисија веднаш одобри 15 милиони евра помош за здравствениот сектор како и дополнителни 78,4 милиони евра за опоравување на социјалниот и економскиот сектор.
Видете и ова: Србија и Кина: „Челично пријателство“ во време на коронаБлагодарни на Кина и Унгарија, Чешка и Полска
Србија и Унгарија, како што анализира АП, се влезна врата на Кина во Европа преку нејзините инфраструктурни инвестициски проекти.
Владини претставници на Унгарија постојано ја фалат Кина и други Азиски земји, заблагодарувајќи им се за нивната помош во маски, машини за дишење и друг вид на опрема која е потребна за справување со пандемијата.
Истовремено, премиерот Виктор Орбан и други негови министри ја омаловажија помошта од ЕУ и ги отфрлија критиките за воведувањето на огромни овластувања на владата преку прогласувањето на вонредна состојба во земјата за време на пандемијата.
Видете и ова: Пандемијата изговор за Oрбановата злоупотреба на власта
„Цела Европа, вклучително и Западна Европа, е секогаш многу критики настроена и секогаш подготвена да ‘ни држи предавања’ за значењето на демократијата, но сите чекаат во ред за да добијат од помошта од Кина која е потребна за здравствена заштита“, изјави министерот за надворешни Петер Сијарто, минатата недела во Парламентот.
„Така што, можно е по завршувањето на кризата со коронавирусот, европските политики за односите со Истокот да бидат преиспитани“, додава тој.
Оваа недела карго авион натоварен со 80 тони заштитна медицинска опрема од Кина слета и во Варшава. Опремата беше нарачана од државните компании во Полска, а премиерот Матеуш Моравиецки при пречекот на летот се заблагодари на Кина за обезбедувањето на потребната опрема и покрај големата побарувачка. Истовремено тој се заблагодари и за донацијата во маски и друга медицинска опрема која Полска ја доби од Кина уште минатиот месец.
И Милош Земан, претседателот на Чешка во говор минатиот месец, по пристигнувањето на помош рече: Кина е единствената земја која ни помогна да биде доставена потребната заштитна опрема.
И Тајван се наметнува во помошта со медицинска опрема
Но Кина не е единствената која за време на пандемијата преку „дипломатијата на маски“ се обидува да ги зајакне своите односи со светот. Како еден од наголемите производители на маски во светот и како една од земјите која успешно се справи со вирусот, Тајван, најголемиот соперник на Кина, се обидува да се позиционира во време на коронавирусот, пишува магазинот Форин Полиси.
Тајван произведува 15 милиони маски дневно, а владата очекува дека до крајот на овој месец тој број ќе се зголеми на 17 милиони. Во март Тајпеј ја тргна забраната за извоз која беше воведена на крајот на јануари и сега планира да донира 10 милиони маски во земјите во светот на кои тоа им е најпотребно.
Министерот за надворешни работи на Тајван, Жозеп Ву, рече дека ќе донира по 100 илјади маски секоја недела во САД. Тие пак се согласија за возврат да испратат 300 илјади заштитни одела во Тајван.
Тајван испрати помош во маски за лице и друг вид на заштитна опрема и за другите свои дипломатски партнери како и во за најпогодените земји во Европа, Италија, Шпанија,Франција, Холандија и Обединетото Кралство.
Некои регионални влади и големи бизниси во Кина испратија медицинските материјали на САД, но нивните напори изгледаат минимални во споредба со масовната достава на помош во Африка и донациите што се испраќаат во европските земји.
Подготви Марија Севриева