Какви мерки воведе Кина за спречување на ново ширење на Ковид-19

Луѓе со маски, Вухан, април 2020

Ништо нема да биде како пред појавата на вирусот, свесни се и сопствениците на фабрики и граѓаните. Но со цел работата да може да продолжи, различни градови и компании во Кина наметнуваат строги мерки за заштита од Ковид-19 од мерење на температура три пати на ден до следење на движењето.

Откако на почетокот на април Кина објави дека го победила коронавирусот, кој за прв пат се појави на нејзината територија, еден месец подоцна живот се враќа но под посебни услови и за бизнисите и за граѓаните.

Кина најави отворање на кината, музеите иако рестрикциите како задолжителна резервација и ограничен број на посетители ќе бидат на сила, пренесува Ројтерс.

Голем дел од фабриките во Кина исто така започнаа со работа после три месеци пауза поради карантинот за спречување на ширењето на болеста, кој беше оценет како најстрог во споредба со другите земји во светот.

Видете и ова: Ковид-19 во руското и кинеското влијание на Балканот

За работите побрзо да се вратат во нормала, покрај стандардните правила како задолжителна дезинфекција и одржување на физичка дистанца на работните места, компаниите користат и други методи за следење на контактите на вработените, што не е прифатливо за многу други земји.

Посебни мерки за заштита на работниците

Мерките во Кина се разликуваат од еден до друг град, но сите се свесни дека животот нема да биде ист како претходно.

„Животот нема да биде како пред појавата на вирусот. Тоа мора да го сфатиме“, вели Јохан Виланд главен извршен директор на Бе-Ем-Ве каде работат 20.500 луѓе.

Таму, работниците трипати дневно ја мерат својата телесна температура и поднесуваат извештај во интерна апликација, пренесува Њујорк тајмс.

Видете и ова: СЗО - Шпекулација е дека вирусот потекнува од лабораторија во Вухан

Многу од големите компании кои имаат свои производствени капацитети во Кина веќе имаат воспоставено нови правила за однесување на нивните работници со цел заштита од заболување.

Фокскон, тајванскиот електронски гигант кој произведува Ајфон и друга електронска опрема во голем број на кинески фабрики, ги советува вработените да избегнуваат возење со јавен транспорт и намeсто тоа да пешачат или да возат велосипед.

Мерењето на температурата е воведено насекаде. Доколку кај некој е утврдена покачена температура, тој треба да оди во болница а неговите најблиски колеги во карантин.

Компаниите соработуваат и со властите со цел да добиваат информации дали некој од нивните вработени бил во авион или во воз со заразено лице.

„Ќе биде невозможно без помошта од властите“, вели Бред Морисон, потпретседател во БАСФ, германскиот хемиски гигант.

Во фабриката на БАСФ во Кина, секој вработен мора да носи маска. Површините редовно се чистат. Во кантината не смее да има повеќе од еден вработен на една маса. За да се постигне тоа, дури и одредени канцеларии се претворени во простории за јадење со цел да се избегнат гужви.

Видете и ова: Попуштање на мерките – грижа за економиите или за здравјето на граѓаните

„Мерките имаат смисла. Тоа е мала жртва за да можеме да ги отвориме нашите фабрики“, додава Морисон.

Јадење во ресторан само за безбедни гости

Многу од луѓето кои работат ги користат и апликациите кои ги поддржува и владата, како Алипеј и ВиЧет. Овие мобилни апликации овозможуваат следење на движењето на едно лице со цел да се утврди дали тоа било во области каде што опасноста од зараза со Ковид-19 е поголема иако ниту креаторите на апликацијата ниту пак владата не открива како тие функционираат.

Доколку здравствени работници, полицајци или лица од обезбедување побараат оние кои ја имаат апликацијата мора да покажат дали нивниот стаус е обоен во црвено, жолто или зелено. Тоа сигнализира колкава е опасноста од едно лице да биде инфицирано врз основа на податоците за неговото движење.

Но за да го заштитат својот бизнис, тоа го прават и некои од рестораните. Тие бараат од своите гости преку апликацијата да докажат дека се безбедни.

Видете и ова: Кина 10 дена без смртен случај од коронавирус

„Некои се жалат дека други ресторани немаат толку строги мерки“, вели Лиу Нан, сопственик на ресторан во градот Џиамуси во североисточна Кина. Но мора да бидеме сигурни дека нашиот ресторан е безбеден за сите, додава тој.

Таксисти, но и разнесувачи на пратки секојдневно ги дезинфицираат своите возила и кутиите кои ги разнесуваат.

Занх Хао, курир во една од најголемите компании за е-трговија во Вухан, вели дека го дезинфицира секој пакет кој го предава. Добро е дека за разлика од почетокот на епидемијата сега барем може и да ги види своите клиенти. Претходно, додава тој, тие се криеле и заштитувале на секој можен начин за да избегнат контакт.

Алки кои мерат температура за учениците

Во изминатите неколку недели, училиштата полека почнаа да се отвораат во Кина но со преземање на дополнителни мерки на претпазливост како дневно мерење на температурата, задолжително носење на маски и одржување на физичка дисистанца.

Во некои училишта во Пекинг децата носат алки преку кои се следи температурата на децата. Овие алки, кои како што пишува Пекинг Дејли, се последен крик на технологијата и ја мерат температурата на децата која може да ја следат родителите и наставниците преку апликација.

Ученици седат на час со маски во училиште во Вухан, мај 2020

Доколку температурата се покачи над 37.2 степени, алката испраќа сигнали до наставникот за да биде известена полицијата.

По олабавување на мерките, во Вухан, местото каде што вирусот беше прв пат детектиран, откриени се шест новозаболени. Затоа властите наредија спроведување на тестирање за сите граѓани.

Подготви Марија Севриева