Северна Македонија на 12 јануари и официјално го презеде претседавањето со ОБСЕ оваа година, а приоритет во оваа најпредизвикувачка година за организацијата ќе биде конфликтот во Украина. Меѓу првите кој упати честитки до македонскиот шеф на дипломатијата Османи, откако заврши седницата на Постојаниот совет на ОБСЕ беше американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер.
Видете и ова: Војната во Украина - врвен приоритет за македонското претседавање со ОБСЕОткако во седиштето на организацијата во Виена стивна атмосферата, со амбасадорот Карпентер разговаравме за конфликтот во Украина, тензиите во северно Косово, руското влијание во Западен Балкан до проблемите со корупцијата во Северна Македонија.
Војната во Украина која започна на 24 февруари минатата година веќе трае речиси една година, а Карпентер како и ОБСЕ смета дека Русија ги прекршила принципите врз кои се темели организацијата. Но, Карпентер смета дека ОБСЕ ја има моќта, решителноста и алатките да ја повика Русија на одговорност како архитект на војната, како и Белорусија, која според него, е соучесник во конфликтот.
ОБСЕ, како што вели, планира да ги пронајде сите можни механизми за да ги повика на одговорност двете земји, при што организацијата е ангажирана во документирање на злоупотребите на човекови права во Украина.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Ние имаме тим од канцеларијата за демократски институции и човекови права кој е во Украина, исто така и во земјите околу Украина кој секој ден документира груби повреди на меѓународниот хуманитарно право и меѓународното право за човекови права. Продолжуваме да ги градиме доказите за прво да разоткриеме што Русија прави. Второ да изградиме случаи за обвинителствата да можат да ги повикаат луѓето на одговорност во иднина и трето да ја кажеме приказната за јавноста да знае што се случува, како што се развива оваа војна“, вели Карпентер.
Видете и ова: Дали Косово и Србија конечно ќе постигнат договор?Регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти ќе бараат континуирано внимание, како што најави министерот Османи при презентирањето на програмата на македонското претседавање со ОБСЕ.
Водечка улога на мисите на ОБСЕ во Белград и Приштина
Токму тензиите на северот на Косово кои беа зголемени минатиот месец кога етничките Срби поставија блокади на патиштата поради апсењето на поранешен полицаец етнички Србин го кренаа алармот кај меѓународната заедница, кои, како што посочува Карпентер, со голема загриженост се следат од САД. Но и со силен ангажман и притоа ја спомена посетата на Вишиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле.
Шоле беше во посета на Северна Македонија, Косово и Србија, а Карпентер додава дека мисиите на ОБСЕ во Косово и Србија имаат критична работа. Особено ја потенцираше големината на мисијата на ОБСЕ во Косово, која како што рече, одиграла водечка улога во остварувањето контакти меѓу владини институции и сите најразлични членови на косовско општество, вклучително и косовските Срби и ќе продолжи со таа улога.
„Начинот напред кој што ние го гледаме е дијалогот предводен од ЕУ во кој учествуваат и САД да продолжи и двете страни да конструктивно да се ангажираат во изнаоѓање на решенија кои ќе резултираат со нормализација на односите меѓу косово и Србија со заедничко признавање во самиот центар. Ние ќе продолжиме да следиме тој пат и нема да биде лесно. Се обидуваме многу многу години, но со обновено политичко внимание и подлабок ангажман мислам дека може да оствариме напредок“, смета Карпентер.
Во однос на најавите дека Шоле ќе побара од Србија да се приклучи на меѓународните санкции против Русија и на прашањето што доколку тоа не се случи, Карпентер одговори:
„На српската влада е какви мерки ќе спроведе и знам дека се во комуникација со ЕУ но ова е значаен момент во модерната историја и секоја земја има одговорност да донесе одлука врз основа на нејзиниот интерес но и врз основа на она што е правилно“, посочи амбасадорот.
Видете и ова: Страднер: Руското влијание и ескалацијата меѓу Србија и КосовоРусија шири дезинформации на Балканот
Но, тој потврди дека Западниот Балкан не е имун на руското влијание, туку дека тоа е многу присутно и низ низа активности пред се во БиХ, Црна Гора, Србија, но и сите други земји од регионот. Медиумите во регионот ги посочи како полето кое го користи Русија за ширење на дезинформации и лажни наративи со цел да се направи слика дека војната во Украина некако е предизвикана од Украинците.
„Тотална глупост“, како што рече Карпентер, е ширењето дезинформации дека Украинците самите ги бомбардираат сопствените објекти и прават злосторства врз нивите луѓе. Притоа Русија со тоа шири анти НАТО и анти ЕУ расположение.
„Работејќи заедно со ЕУ, САД се убедени и од наша перспектива најдобриот пат напред е да се изгради сигурност, безбедност и просперитет на регионот е да се стремат кон подлабока евроатланска интеграција. Во сите земји во регионот како што знаете се ангажирани во некаква форма на интеграција или со НАТО или со ЕУ или двете. Така што ние сакаме да ги искористиме тие процеси за членство и всушност претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ е исто така можност за ова да се оствари напредок во реформите кои секако треба да се спроведат со цел да остварат напредок во нивната визија на обединета Европа и во мир што е во релација со нашата визија на обединета Европа и во мир“, смета Карпентер.
Видете и ова: Шоле бара борба против корупцијата, но не донесе листа на санкцииСАД во последно време се погласни дека е потребна посилна борба со корупцијата во Северна Македонија, а тоа е дел и од заложбите на сегашната американска амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер.
Корупцијата е прашање на национална безбедност
Карпентер е согласен дека организираниот криминал и корупција се сериозен проблем во целиот регион на Западен Балкан.
„Корупцијата не само што ги исцрпува ресурсите. Не е само економско назадување на раст и на раст на БДП. Исто така е прашање на национална безбедност и ранливоста дозволува на надворешните актери, било да се поддржани од некоја земја или не, да се мешаат во суверенитет на земјите и во нејзините внатрешни работи. Често за сопствен интерес и на штета на земјата каде се случува корупцијата. Организираниот криминал исто така ја поткопува националната безбедност, како и економскиот раст“, рече Карпентер.
САД, како што додаде, имаат интерес да работат со сите земји во регионот за да ги поддржат мерките кои ќе го зајакнат владеењето на правото и ќе го намалат просторот за корупција и организиран криминал.
„Во многу делови, посебно во регионот на Западен Балкан некои од овие организирани криминални групи се многу добро поврзани и е потребен постојан напор од Владите во соработка со надворешни партнери да изградат потранспарентен систем каде правосудството ќе може евентуално да се справи со овој проблем“, додаде амбасадорот.
Видете и ова: 2022: Светот на раб на нова светска војнаНо, Карпентер не сакаше да ја коментира „црната листа“ на САД и рече дека „не е тука да каже кој ќе се најде на неа“. Засега само македонскиот државен врв потврди дека не се исклучува актуелни функционери да се најдат на листата со санкции на САД откако кон крајот на минатата година американски тим на санкции беше во посета на земјава, но за тоа повеќе детали не излегоа во јавност.
Карпентер само потсети дека администрацијата на претседателот Џо Бајден издала наредба за таргетирање на коруптивните актери и има стратегија за борба против меѓународната корупција.
„Ниту една личност во било која земја не треба да чувствува дека има имунитет и дека може да избегне санкции. Така што без да давам назнаки за некои мерки кои ќе ги преземе мојата Влада би рекол дека ќе бидеме многу активни во обидот да ги отстраниме коруптивните актери од сцената преку санкции на властите и исто така преку соработка со локалните власти за да ги повикаме на одговорност врз основа на владеењето на правото“, порача амбасадорот.
Околу неизвесноста на македонскиот евроинтегративен пат кој е условен со донесувањето на уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот, Карпенетер порача дека не сомнева дека Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ, иако „патот не е лесен и САД се свесни за тоа и сочувствуваат со тешкотиите од реформите и критериумите кои треба да се спроведат“.