Над 600 милиони евра државата планира да потроши следната година за капитални инвестиции. Ставката за капиталните трошоци се зголемува за 27 отсто во однос на годинава, но инвестициите за 2021 не се реализирани ни до половина.
Видете и ова: Буџетот не може да биде развоен ако се зголемуваат расходите за плати и пензииВладата за годинава предвиде 391 милиони евра за капитални инвестиции, но со ребалансот ја зголеми таа сума на 484 милиони евра. Сепак, до крајот на септември не е реализирана ни половина од оваа сума. За девет месеци биле потрошени помалку од 45 отсто од планираното, односно само 217 милиони евра.
И покрај амбициозните најави за огромни капитални инвестиции кои ќе ѝ дадат поттик на економијата, податоците на Министерството за финансии покажуваат дека капиталните трошоци никогаш не надминале 326 милиони евра, и тоа било во 2008 година. Оттогаш, капиталните инвестиции секоја година се движат меѓу 200 и 300 милиони евра, иако при планирањето на буџетот секогаш се предвидува многу повеќе.
На пример, во 2020 година биле предвидени 386 милиони евра за капитални инвестиции, но со последниот ребаланс се скратени на 319 милиони евра, а на крај на годината се реализирале 262 милиони евра. Во 2019 година на почеток биле планирани 422 милиони евра, а на крај се реализирале 290 милиони евра. Во 2018 година биле планирани 391 милиони евра, а на крај се реализирале половина од нив.
Нема визија, нема добри проекти и она што е започнато не се завршува, вели професор Марија Зарезанкова – Потевска за тоа зошто постојано потфрла реализацијата на капиталните расходи.
„Немање визија што е приоритет да се развие, тоа е многу важно. На Македонија ѝ отсуствува еден концепт на развој, што сакаме прво да направиме. Еве денеска се соочуваме со енергетска криза и се вели дека тоа ќе се решава во чекори. Не може така, тоа не се решава во чекори, треба подолгорочно да се решава за да има резултат“, вели Зарезанкова – Потевска.
Таа вели дека институциите треба да бидат приземни кога ги планираат капиталните инвестиции.
„Отсуствува стручност, не дека нема стручни лица, меѓутоа политиката надвладува и кажува не тоа ќе биде вака за да се добијат некакви поени, меѓутоа факт е дека институциите потфрлаат оти политиката е над сè, над стручноста“, вели таа.
Продолжува тенденцијата секоја година за капитални инвестиции да се планираат повеќе средства и покрај тоа што реализацијата останува на ниско ниво, вели Дрилон Исени од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
„Ако се гледа години наназад стапката на реализација никогаш не достигнала 80 отсто. Предвидените средства за следната година се преамбициозни и сметаме дека оваа пракса е нереална и не може да си исполни очекувањата на бизнис заедницата, односно да влијае врз економската активности“, вели Исени.
Има и други фактори кои може да влијаат на реализацијата на капиталните инвестиции следната година, вели тој.
„Зголемената цена на енергенсите значи и зголемена цена на услугите и тоа може да има негативно влијание врз капиталните инвестиции, од проста причина што предвидените проекти сега ќе чинат повеќе. Со оглед на фактот што имаме инфлација, што имаме слабо планирање, енергетска криза уште повеќе ќе ја отежнува работата при реализација на капиталните проекти“, вели Исени.
Презентирајќи го Предлог-буџетот за следната година, министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека одлика на овој Буџет е дека парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот.
„Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството“, рече министерот за финансии Фатмир Бисими.
Тој вели дека подобра ефикасност и ефективност во употребата на јавните пари ќе се постигне преку зајакнат мониторинг во рамки на механизмот за повисока реализација на капиталните расходи (CAPEF), воведување повеќе индикатори за мерење на успешноста на буџетските корисници и воведување Интегриран информациски систем за управување со финансии и Интегриран даночен информациски систем.
Предлог Буџетот за 2022 треба да се разгледа од страна на пратениците во Собранието и да се усвои до крајот на годината.