Канабис од Африка преку Македонија до пазарот во ЕУ

Илустрација

Македонија е една од отскочните даски за африканскиот медицински канабис за европскиот пазар. Владата не открива која фирма има дозвола за увоз на 8,5 тони сув цвет канабис, но вели дека годинава од Лесото се увезени 265 килограми марихуана.

Сув цвет од марихуана од 8,5 тони од Африка со посебен авион ќе пристигне во Македонија каде што ќе се екстрахира во готов производ кој потоа ќе се извезе во Европа, вели директорот на јужноафриканската фирма Хајлендс инвестмант Марк Коберт во интервју за специјализираната веб страна Канабиз Африка.

Останува неодговорено прашањето која македонска фирма увезува 8,5 тони сув цвет канабис. Од Владата не го посочуваат името на фирмата која увезува медицински канабис од јужноафриканската држава Лесото чија територија е речиси колку македонската.

Видете и ова: Легалната марихуана завршува на нелегалниот пазар

Владината прес-служба, во одговорот на нашите прашања, посочува дека нема ограничувања на увозот на количини „биомаса“ канабис. Дозволата за увоз која фирмите ја добиваат од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, важи 90 дена. Од почетокот на годинава МАЛМЕД издал десетина дозволи за увоз на семе или садници за одгледување на канабис, но многу мал дел од нив се за биомаса во која спаѓа мешавина од сите делови на растението, а не само сувиот цвет од канабисот, се вели во одговорот.

„Вакви дозволи на фирми МАЛМЕД има издадено за увоз од компании од Холандија, Англија, Хрватска, и една од Лесото. Според податоците што ги добивме од МАЛМЕД, фирмата во мај добила дозвола за увоз, а дозволата истекла во јуни и во тој период, македонската фирма од фирма од Лесото има увезено 265,5 килограми биомаса за екстракција“, се вели во владиниот одговор.

Фирмата која ќе достави во Македонија 8,5 тони биомаса канабис има седиште во Канада. Фирмата Хајлендс Инвестмант во 2017 година ja добила лиценцата за производство на канабис со што станува една од првите и најголеми фирми во јужноафриканската држава Лесото која произведува, култивира, снабдува, увезува и извезува медицински производи од канабис, вклучувајќи цвет, масло и дестилат, е наведено на веб страната на компанијата.

До објавувањето на овој текст од фирмата не добивме одговор на прашањата на која македонска фирма ѝ ја извезуваат, како што вели директорот, најголемата нарачка досега.

Македонија отскочна даска за пазарот на ЕУ

Извршниот директор на фирмата Марк Коберт во триминутното видео-интервју, одговарајќи на новинарско прашање од кога Северна Македонија станува отскочна даска за пазарот во Европската унија, вели дека е полесно преку Македонија отколку преку другите европски земји кои имаат право да извезуваат производи од канабис.

„Мислам дека има неколку отскочни даски за Европската унија, а Македонија е една од нив. Тие извезуваат екстракт во ЕУ, затоа ние го извезуваме цветот таму, тие таму го екстрахираат и потоа го извезуваат екстрактот. Покомплицирано е да се влезе на пазарот преку Грција, Малта или Португалија“, вели во интервјуто Коберт.

Видете и ова: Две банди владеат со скопското подземје

Според досегашниот закон за медицински канабис земјава може да увезува сув цвет на канабис за екстрахирање или народски кажано „готвење“ на биомасата. Тоа е постапка со која од сувиот цвет на канабисот се добива масло со високо концентрирано ниво на ТХЦ, ЦБД и други канабиноиди и соединенија, кое може да се користи за медицински цели.

Производителите на медицински канабис велат дека една од можните причини поради кои е увезена толкава количина е двојно пониската цена која Африка и Колумбија ги нуди.

Дел од над 60 фирми кои имаат добиено лиценца за производство на медицински канабис, поседуваат и капацитети и лиценци за екстракција на ЦБД и ТХЦ масло од канабис.

Засега во јавноста не е познато кои македонски фирми се увозници на 8,5 тони канабис од јужноафриканската држава Лесото. Екстракција на канабис може да прават и фармацевтски фирми кои не се занимаваат со производство на канабис.

Според податоците објавени во соопштението на Хајленд инвестмант, во земјава треба да пристигнат 2 тони ТХЦ и 6,5 тони ЦВЦ цвет.

Во ваква ситуација се наметнува прашањето околу капацитетите на македонските фирми за екстракција на канабис, затоа што пред да влезе во Собрание новиот предлог закон, една од забелешките на производителите беше дека фирмите немаат капацитет за екстракција и поради тоа е потребно дозвола за извоз на македонскиот медицински канабис.

Со новиот предлог закон во Собрание е предвидено созадавање на посебна Агенција која ќе го контролира одгледувањето на медицински канабис, а фирмите што ќе се занимaваат со оваа дејност секоја година ќе ѝ плаќаат на државата по 10 отсто од добивката.

Ова е предвидено во предлог – законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци што го утврди Владата. Законот е во Собрание со европско знаменце.