Управата за финансиска полиција има отворена предистражна постапка за стечајната постапка на фирмата „Трансмет“ на осудениот Сеад Кочан во предметот на поранешното специјално обвинителство Труст, потврдија оттаму за Радио Слободна Европа. Имотот на „Трансмет“ влезе во фокусот на јавноста по објавата дека Државното правобранителство не може да го конфискува имотот вреден 17 милиони евра по донесена пресуда за наместен тендер во РЕК Битола од 2011 година.
Финансиската полиција посочува дека отворената предистражна постапка ја работат во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од каде, како што велат се добиваат насоки за постапување.
„Управата за финансиска полиција категорично ги отфрла сите обвинувања изнесени во медиумите и одговорно тврди дека истите се со цел дефокусирање на јавноста околу вистината за истрагата на стечајот за ,,Трансмет“, како и за инволвирани лица вклучително и Државното правобранителство“, се вели во одговорот на финансиската полиција за РСЕ.
Видете и ова: Ковачевски – Не знам која фирма кому е блиска и дали во РЕК Битола има блиски до Вице ЗаевПретходно Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа поднесе кривичната пријава против обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски, нивниот поранешен колега истражител во СЈО, сега директор на Финансиската полиција Арафат Муареми за злосторничко здружување со осудениот Сеад Кочан во предметот Труст – за непреземање мерки со што е искомплицирана постапката за конфискување на имотот.
Обвинителите Ајро и Бубевски во писмена изјава целосно ги отфрлаат како невистинити сите наводи во кривичната пријава поднесена од Државното правобранителство и додаваат дека постапката за заштита на имотните интереси на државата е надвор од кривичниот прогон и е во надлежност на Државното правобранителство.
Зошто државата не може да го конфискува на имотот на Кочан?
Пресудата за „Труст“ стана правосилна уште пред три години, а конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан, „заглави попат“. Но, вистинското прашање е каде точно „заглави“ и кој носи вина за тоа, затоа што во изминатава недела надлежните си ја префрлаат топката едни на други. Па се поставува прашањето дали вината е во обвинителите или Државното правобранителство и стечајната постапка на „Трансмет“.
Засега од Финансиската полиција велат дека предистражната постапка е тајна и во овој момент не би можат да споделат со јавноста повеќе детали од истата. Овој предмет пристигнал во Финансиската полиција во март годинава.
Со пресудата за Труст против Кочан во 2018 година, треба да му се конфискува имот во вредност од 17 милиони евра за да се обештети државата поради наместен тендер во РЕК Битола во 2011 година. Со правосилноста на пресудата овие средства треба да се одземат во полза на државата. Таа станува извршна на 15 јули 2019, по одлуката на Апелација за намалување на затворската казна на Кочан од од шест на четири години и осум месеци.
Стечајната постапка ги „замати“ сметките при конфискацијата
Но, во меѓувреме е отворена стечајната постапка за фирмата во сопственост на Кочан „Трансмет“ во која од 17 милиони вреден имот дури 15 е под хипотекарни долгови. По што Централниот регистар постапувајќи по службена должност за упис на решение на Основен суд Скопје 2 од 04.09.2019 година за отворена стечајна постапка над друштво за градежништво, транспорт и трговија „Трансмет“ поднесе решение со кое се одобрува пријавата. На списокот доверители кои имаат побарувања од Трансмет“ се наведени банки од кои биле подигнати кредити, како и фирми со кои соработувале при изведбата на сомнителниот тендер во РЕК Битола.
При стечајната постапка како доверител се јавува и фирмата „Пуцко Петрол“која има побарување од „Трансмет“ во вредност од 1,6 милиони евра. Пуцко петрол ја користи можноста и подоцна преку извршител бара и добива извршување преку продажба на недвижен имот на „Трансмет“. Продажбата се врши во период кога имотот е веќе конфискуван од државата.
Обвинителите во писмената изјава посочуваат дека нивната надлежност завршува со правосилноста на пресудата, а во стечајната постапка која се одвива во меѓувреме, доверител е државата која треба да го конфискува имотот и нејзин правен застапник е Државното правобранителство.
„Тоа впрочем е истакнато и во решението на стечајниот судија, кој во текот на постапката му предочил на Државниот правобранител дека дел од имотот кој е предмет на стечајно побарување е предмет на конфискација со правосилна пресуда. Но и покрај укажувањето, Државниот правобранител не ги заштитил имотните интереси на државата“, се вели во писмената изјава на обвинителите.
Видете и ова: Бројчаникот на Триумфалната капија не вртиПознавачите на кривичното право кои ги консултиравме велат дека Државното правобранителство наместо да бара поништување на трансакциите, ја префрла вината на обвинителите правејќи дефокус додека си течат правните рокови, со што Пуцко петрол ќе може да го задржи имотот.
Адвокатот Александар Тортевски смета дека обвинителите во кривичниот прогон имале шанса за принцип на опортунитет, што значи во име на откривање на поголем криминал да договорат помала казна.
„И сега они биле злосторничко здружение што му го замрзнале имотот, а тој што не го побарал и заштитил како што треба, бил поштениот “ вели тој.
Од друга страна пак, Државното правобранителство на ова одговори дека има цврсти докази за кривичните пријави против обвинителите.
„Жалосно е што ја работиме работата на обвинителите, кои морале да ја вршат својата главна надлежност, да гонат сторители на кривични дела и да не дозволат истите да се извлечат со незначителна санкција и да го заштитат јавниот, а не приватниот интерес“ се вели во реакцијата на оваа институција.
Играњето пинг-понг со надлежностите и конфискацијата на имотот и натаму останува нерасчистено затоа што Државниот правобранител тврди дека поради пропусти на јавните обвинители овој имот останал оптоварен со хипотеки и товари.
„Нејасно е како пријавените обвинители се служат со невистини кога изјавуваат дека наводно стечајниот судија кој ја водел стечајната постапка му предочил на Државниот правобранител дека дел од имотот кој е предмет на стечајно побарување е предмет на конфискација кога таква законска можност и овластување нема за стечајниот судија“ се вели во реакцијата на државниот правобранител.
„Дупките“ во законот оставаат простор за манипулација со имотот пред да се конфискува
Дарко Аврамовски, правен истражувач за судската пракса за конфискација на имот во Коалицијата „Сите за правично судење“, вели дека во целава постапка има повеќе предизвици и препреки со кои се соочиле сите инволвирани. Во однос на имотот кој што е отуѓен по донесената кривична пресуда против Кочан е законската дупка која остава правен вакуум во конфискацијата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Мерките за привремено обезбедување на имот заради извршување на конфискација може да траат до завршување на постапката пред првостепениот суд, односно до донесување на првостепена пресуда. Во таква ситуација, бидејќи пресудата уште не е правосилна, вие не можете да ја извршите конфискацијата, а мерките за обезбедување кои иако биле правосилни до тогаш, во тој момент, практично по сила на закон прекинуваат да важат. Во таква ситуација технички е и договорот кој е случен меѓу правните лица и не се однесува на конкретен имот туку на парично побарување кое може да биде извршено од кој било имот,“ вели Аврамовски.
Според него проблемот е што доколку е правосилна стечајната постапка, доверителите не можат да знаат дали имотот е оптоварен со некакви мерки од судот затоа што тие во тој вакум простор се бришат од јавните книги. Кога станува збор за кривичната постапка при конфискација на имот улогата на Државниот правобранител е нејасно дефинирана во законот и во пракса има различни примери на постапување за исто кривично дело, додава тој.
Враќањето на украдените пари во буџетот беше еден од главните изборни адути на оваа власт на изборите во 2016 година. Шест години подоцна „бројчаникот“ од 7 илјади евра што го купи поранешниот премиер Зоран Заев не покажува колку пари се вратени во буџетот, а во јавност излегуваат се почесто информации за правни потешкотии и предизвици во сегментот - конфискација на имот во судски случаи поврзано со корупција. Основната замисла на бројчаникот беше да ги покажува нелегално стекнатите пари на обвинетите поранешни функционери кои ќе се вратат во буџетот по пресуди од предметите на сега веќе поранешното СЈО. Според последниот извештај од 2019 година на Коалицијата сите за правично судење, конфискација е изречена за помалку од 1 процент од вкупниот број на осудени лица.