Затрупан е тунелот преку кој се планирало бегство од најголемиот затвор во Македонија. Откако службите извршиле увид, бидејќи се работи за безбедносен ризик, местото е прекопано, а на 22 март е ставен и тампон за да може да продолжи да си биде шеталиште, информираат од Управата за извршување санкции за Радио Слободна Европа.
Најмалку осум затвореници осудени на тешки затворски казни со месеци копале тунел за да избегаат од затворот Идризово, кој се наоѓа на околу 19 километри од центарот на главниот град на Македонија, Скопје.
Според деталите што ги соопшти полицијата, тунелот бил долг околу 40 метри со дијаметар од 80 сантиметри, доволно за да може низ него да се ползи. Се наоѓа на длабочина од 1 метар и бил попречен со тули и гредички за да не паѓа земјата.
Според посочените детали, затворениците ископале околу 20 кубни метри земја, што практично значи дека можело да се наполнат 10 тракторски приколки. Ископаниот тунел е во должина од 40 метри или е долг колку три и пол обични автобуси, кои во просек имаат по 12 метри.
Ископаната земја се носела во контејнери за ѓубре кои се наоѓале зад објектот за јаглен, а можно е и да се распоредувала некаде низ дворот, посочуваат од Управата за извршување санкции
Тунелот преку кој се планирало бегството се наоѓал во близина на објект во кој се одлагал јаглен, а завршувал до заштитната ограда преку која се наоѓа женското одделение во затворот. Во тунелот биле пронајдени пластични корпи врзани со јажиња со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица за осветлување. Тулите и гредичките ги земале од старите објекти во кругот на затворот кои сега се расчистени.
Од Управата за извршување санкции велат дека тој дел од дворот не е покриен со камери и лесно можело да не се забележи дека некој недостасува.
„На надлежните сега останува да се открие кој дозволил таму да нема надзор, дали некој оставил некого подолго време да шета отколку што е пропишано и дали можеби ова е резултат на тоа што нема доволно вработени во затворот“, велат од Управата за РСЕ од каде појаснуваат дека на затворот кој е најголем во земјава, му недостасуваат чувари за да се подобри контролата и безбедноста.
Видете и ова: Недопирливи директори и селективната одговорност на ВладатаИнаку, речиси два месеци надлежните следеле што и како се прави околу тунелот, пред на 21 март полицијата да соопшти дека во соработка со други безбедносни агенции спречиле организирано бегство од заворот.
Министерството за внатрешни работи објави видео и фотографии од тунелот преку кој затворениците осудени на казни од 10 години до доживотни казни затвор планирале да избегаат.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Истиот ден премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција соопшти дека е разрешен директорот на затворот Шпенд Тахири, а на неговото место како в.д. директор е именуван генерал-мајор, Зоран Јовановски.
Ковачевски за Јовановски рече дека е врвен професионалец, кој има богата професионална кариера, пред сè во Министерството за внатрешни работи.
Доскорешниот директор на затворот, Шпенд Тахири е од партијата Алтернатива, која до неодамна беше дел од владината коалиција. Алтернатива беше дел од власта до почетокот на 2023, кога во Владата влезе партијата Алијанса за Албанците, по што Алтернатива ја напушти владината коалиција.
Видете и ова: Откриен тунел за бегство во затворот ИдризвоНа 22 март од партијата Алтернатива реагираа дека „Министерството за внатрешни работи се кити со туѓи перја“, бидејќи откривањето на тунелот е резултат на ангажманот на директорот Шпенд Тахири, кој доаѓа од редовите на нивната партија. Од таму велат дека тој е сменет само затоа што е нивен кадар и дека е недолично да се каже дека директорот на затворот Идризово е сменет како казна. Тахири работел совесно, а последниот случај со тунелот е круна на неговиот успех, велат од Алтернатива.
Но, Тахири не беше разрешен по последното „филмско“ бегство од затворот Идризово на почетокот на годинава, кога осуденикот Беким Мемети, додека бил пренесуван од затворот во болница, побегна и рани полицаец.
Затворот Идризово изминатиот период беше познат и по претреси за дрога и други недозволени предмети, по тепачки на затвореници, по тоа што им недостасуваат лекови.
Видете и ова: Стејт департмент - неказнивост, дискриминација и корупција во МакедонијаСпоред податоците на Управата за извршуваше санкции лани од затворите избегале 250 луѓе. Најголем дел од нив користеле слободен викенд, по што не се вратиле во затвор.
Македонија е рекордер по бегства од затвор, со речиси 700 бегства на 10.000 затвореници, се наведува во годишниот извештај на Советот на Европа за затвореници. Податоците се објавени во 2020, а се однесуваат на 2019 година.