Тоа што ниедна од големите партии нема рејтинг повисок од 20 отсто остава голем простор за трета опција, но новите сили треба да се окрупнат, за да не им се разлеат гласовите, вели за РСЕ Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Од поодамна е потребна „трета опција“, додава тој, оти водечките партии не се на нивото на задачата, и опаѓањето на довербата во партиите и во Владата покажува дека има голем простор за нови политички сили. Но не треба да бидат премногу и неорганизирани, како што беа на претходните парламентарни избори во 2020, додава тој.
„Ако секој смета дека сам треба да ја предводи и да ја почне борбата, наспроти да се концентрира некое движење околу една опција, мислам дека ќе биде осудено на пропаст, односно повторно ќе доминираат водечките партии и во новиот парламентарен состав“, вели Кржаловски.
Последната анкета за рејтинг на партиите ја објави Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во декември. Според таа анкета, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од 19 отсто од граѓаните и би победила на парламентарните избори во земјава, а владејачкиот СДСМ има поддршка од 11 отсто од граѓаните.
Во меѓувреме, на македонската политичка сцена се појавија граѓански движења, невладини организации, фракции кои бараат свое место на политичката сцена.
Надеж во граѓанството кое ќе му се спротивстави на
еднопартиско самоволие во државата, гледа и поранешниот министер за надворешни работи во владата на Заев, Никола Димитров. Тој на 27 април ја промовираше невладината организација „Балкански центар за конструктивни политики – Солуција“.
Многумина ова го протолкуваа како враќање на Димитров во политиката, но тој рече дека е тука цело време и оти неговото разбирање за политиката не се само партиите или изборите. Димитров рече дека ќе се бори за функционална држава и оцени дека Македонија никогаш не била во полоша ситуација. Тој го критикуваше системот кој не се променил со промена на власта во 2017-та година.
„Мислам дека ни треба една дебела јасна линија каде завршува државата, каде почнува партијата. Мислам дека ни треба нов општествен договор, школството, и здравството, и администрацијата да не зависат од тоа кој ќе победи на избори“, рече Димитров.
Гостивар е последното место каде кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски промовираше огранок на „Движење за прогресивни промени“. Ова движење може да прерасне во партија и самостојно да настапи на следните парламентарни избори, рече тој.
Димитриевски го тера својот втор мандат како градоначалник. Во првиот победи како кадар на СДСМ, партија која е на власт на централно ниво. Откако не го поддржаа за втор мандат, тој настапи самостојно со движењето „За наше Куманово“. По тој терк, потоа го формираше „Движењето за прогресивни промени“, кое има ограноци во Куманово, Прилеп, Крушево, Кочани и Тетово, а сега и во Гостивар. За во септември се најавува и здружение во Скопје.
Димитриевски во интервју за Радио Слободна Европа на средината на април, рече дека движењето е отворено за сите, освен за одговорните за состојбата во која денеска се наоѓа Македонија.
„Потребно е ДУИ и нивните досегашни коалициони партнери да бидат минато во оваа држава, а да дојде нова политичка гарнитура што ќе презема одговорност да ја извади оваа држава од дното и да ја крене на нозе“, рече Димитриевски.
Тој додава дека на следните избори неговото граѓанско движење ќе биде убедлив победник, но дека нема да коалицира со оние, како што вели, што ѝ наштетиле на државата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пред крајот на минатата година, уште еден поранешен кадар на СДСМ формираше движење. Поранешниот заменик министер за образование Петар Атанасов го формираше движењето „Македонска модерна”.
Раздвижувања има и во блокот на албански партии. По неколкумесечни несогласувања и препукувања пред јавноста, домашната политичка сцена доби нова фракција. Доскорешните „одметници“ од Демократската унија за интеграција (ДУИ), таканаречената „Огнена група“ и официјално најавија дека ќе дејствуваат како фракција во партијата. Дека партискиот статут не дозволува фракционерско дејствување ги потсети лидерот на партијата Али Ахмети и порача дека секоја постапка надвор од Статутот е всушност анархија.
Новинарот и политички аналитичар Џелал Незири прогнозира дека фракцијата на таканаречната „Огнена група“ во ДУИ ќе биде само „отскочна штица“ кон формирање на нов политички субјект во албанскиот блок.
„Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време бара предвремени парламентарни избори, нешто на кое не се согласува власта, која останува на ставот дека тие треба да се одржаt во редовен термин во 2024 година. Властите во земјава се исправени пред предизвикот да усвојат измени на Уставот за да може Македонија да продолжи со интеграцијата во ЕУ, но за измените немаат поддржа од ВМРО-ДПМНЕ, а без нив не може да ги усвојат. Исто така земјата се соочува и со економско - енергетска криза и висока инфлација.
Во Македонија и во минатото се формираа политички партии произлезени од најголемите две, кои требаше да бидат „трета политичка опција“. Некои од нив имаа ограничен краткотраен успех и од нив зависеше формирањето влада, но ниедна не успеа посериозно и долгорочно да се наметне на политичкиот пазар.