Замрзнување на финансиите во странство, како и забрана за продажба на имот им следи на поранешниот премиер Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, откако американското Министерство за финансии и Стејт департментот ги ставија под санкции. Ова за Радио Слободна Европа го изјави директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов во однос на мерките по санкциите.
„Примената на меѓународните рестриктивни листи значи дека без одложување се замрзнуваат парични средства во финансиски институции и не можат да се користат од страна на сопствениците до следна одлука или вадење од листа. Во случајот на недвижен имот, истиот се замрзнува, сопствениците можат да го користат, но не можат да го отуѓуваат“, вели Трендафилов додавајќи дека овие мерки ќе се применуваат и доколку лицата имаат доминантна сопственост во офшор комании.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Министерството за финансии на САД на 11 април ги стави Груевски и Мијалков на списокот на санкции поради корупција, во кој се вклучени вкупно седум лица од Западен Балкан.
Ваквите акции САД ги презема поради коруптивни и дестабилизирачки активности на актери од Западен Балкан, како што образложи американскиот државен секретар Антони Блинкен.
„САД и партнерите, како што е Обединетото Кралство, бараат одговорност од оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на регионот“, напиша Блинкен на Твитер
Груевски и Мијалков се меѓу трите лица на листата на Стејт департментот на кои им се забранува влез во САД, како и на нивните семејства. Под санкциите на САД е ставена и унгарска фирма на Груевски „I.C.I.C. KFT“.
Владата може да одлучи за санкции кон фирми во Македонија
Груевски по објавувањето на одлуката, на Фејсбук напиша дека нема никаков имот во САД. Но, што доколку Груевски и Мијалков и нивните семејства поседуваат фирми во Македонија? Трендафилов вели дека земјава врз нив може да примени мерки само доколку Владата донесе таква одлука, бидејќи Македонија автоматски применувала мерки само за листите на санкции на Обединетите нации, вели Трендафилов.
„Европската и американската листа ја применуваме со одлука на Влада. Се додека Владата не донесе одлука и не бидат одлуките објавени во Службен весник, тие немаат законска сила“, вели директорот на Управата за финансиско разузнавање.
Работата на фирмите на Греувски и Мијалков секако ќе бидат под засилен надзор, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнал Македонија во краток одговор за РСЕ.
Мијалков беше на чело на УБК од 2006 до мај 2015 година. Тој заедно со други функционери на разузнавачката служба беше обвинет и осуден за незаконско прислушување. Во февруари минатата година тој доби 12 години затвор во случајот Таргет-Тврдина кој се однесува на масовно незаконско прислушување на над 20.000 граѓани.
Мијалков во декември минатата година излезе од притвор со гаранција со имот вреден речиси 11 милиони евра. Како што беше образложено во судот, се работело исклучиво за гаранција во недвижнини која што била понудена и кои не биле на негово име, туку на име на негови блиски пријатели и роднини. Меѓу оние што понудиле гаранција беа и фирми во сопственост на неговиот син Јордан Мијалков.
Видете и ова: Мијалков излезе од затворот во ШуткаЈордан Мијалков е основач на компанијата Best Way Investment DOOEL. Според официјалното портфилио на интернет страницата на компанијата, таа има уддели во нафтениот сектор, градежништво, во банки и хотели. Во портфолоиото е прикажано дека компанијата има уддели во бензински станици „Best Way Oil“ на три локации во Македонија, а дека во следниот период ќе работи под брендот Shell во соработка со компанијата Coral Fuels Dooel Skopje која поседува лиценца на Shell.
Best Way Investment DOOEL имаа уддел и во „OM Petrol“ - компанија која е основана во 2015 година и е ексклузивен дистрибутер на нафтени деривати од Shell Coral A.E. Licence до бензинските станици во Македонија, како и во Point Oil Transport која исто така се занимава со транспорт на нафта, како и во Stopanska Banka AD Bitola.
Best Way Investment DOOEL уддел има и во Develop Group - компанија која главно се занимава со градежништво и со сопственост на земјиште на повеќе локации во Македонија, како и во обложувалниците Max Bet, Hotel Marriott Skopje и во Boxing Club Jordan Mijalkov.
Груевски беше премиер на Македонија од 2006 до 2016 година. Тој во ноември 2018 година доби азил во Унгарија, откако беше осуден на двегодишна затворска казна за корупција во случајот „Тенк“ за нелегална набавка на луксузен мерцедес за Владата. Груевски беше обвинет и во неколку други предмети, како ТНТ, Титаник, Траекторија и за организирање насилствата во Собранието на 27 април.
Груевски стигна во Будимпешта со унгарски дипломатски возила и со помош на унгарски дипломати низ неколку балкански земји. Македонија бара негова екстрадиција поради пресудата за корупција и поради неколкуте други кривични постапки покренати против него.
Пораката е повеќе политичка
Сепак, политичкиот аналитичар и новинар Џелал Незири вели дека пораката што ја праќа САД е повеќе политичка, отколку што санкциите би имале финансиска реперкусија.
„Повеќето од овие личности коишто се ставени на листата немаат економски и бизнис активности во САД, така што целта е сепак политичка. Политичка порака до политичките партии кон кои гравитираат овие политички фигури или личности и кон гласачите, дека со луѓе за кои се оценува дека го минираат или го загрозуваат мирот и безбедноста, не само во земјата, туку и во регионот, не треба ниту да се гласаат, ниту да бидат предложени за некакви јавни или државни функции“, вели Незири.
Тој потсетува дека и порано на Црната листа на САД биле ставани политичари од земјава, кои се уште се дел од политичкиот живот, но како што вели, сепак тие не останале главни фактори на политичката сцена.
Министерството за финансии на САД по одлуката за санкции објави дека целиот имот и право на имот на наведените поединци и ентитети кои се наоѓаат во САД или ги поседува или контролира државјанин на САД се блокирани и мора да бидат пријавени во Министерството за финансии, односно ОФАЦ (Канцеларијата за контрола на странски средства на американскиот Стејт департмент).
Освен Груевски и Мијалков, списокот со санкционирани лица и ентитети на Министерството за финансии на САД вклучува и други функционери од Западен Балкан. Санцкционирани се поранешниот потпретседател на Партијата за демократска акција (СДА) и делегат во Домот на народите на БиХ Асим Сарајлиќ и поранешната главна обвинителка на Обвинителството на БиХ Гордана Тадиќ од Босна и Херцеговина, последниот претседател на Државниот сојуз на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ, како и Аќиф Ракипи и Или Ндроќи од Албанија.