Веднаш по руската инвазија во Украина, Кавадарци одвои 600.000 денари помош за градот Буча, еден од градовите беа најсилно погодени од конфликтот. За пошироката јавност тој стана познат по снимките од воените злосторства кои, како што тврдат украинските власти, биле извршени врз нивни жители од страна на руските војници.
Од развиен економски град Буча денеска се обидува да оживее и да ја обнови уништената критична инфраструктура. Жителите на Буча немаат струја по неколку пати на ден, а проблеми имаат и со водоснабдувањето и канализациската мрежа.
Добрата соработка со Украина, на дело повторно ја покажа Кавадарци, од каде што вчера им испратија генератор за струја со капацитет од 700 киловат часови. Генераторот треба да пристигне во Буча в петок, а очекувањата се дека тој ќе им ги задоволи неопходните потреби на неговите жители.
Инаку во Кавадарци во моментот живеат седуммина украински државјани кои поради војната го напуштиле својот дом. Тие во моментот имаат статус на бегалци, но од општината велат дека нема пречка за нивно вработување во градот.
Помошта и соработката меѓу двете општини деновиве беше потврдена и со Добговорот за збратимување меѓу Кавадарци и Буча. Неколку дена пред да биде испратен генераторот во Буча, во Кавадарци дојдоа претставници на општина Буча и украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир каде што го потпишаа Договор за збратимување.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев вели дека збратимувањето е резултат на повеќегодишната соработка меѓу двата града.
„Како општини сме доста слични и сродни и по големината и бевме во делот на економијата. Како и секое збратимување така и тука тоа ќе значи дека ќе има можност за соработка во секој аспект во кој имаат ингеренции општините, споделување заеднички искуства, можности за нови инвестиции кои може да ги понудиме и обратно“, вели Јанчев.
И заменик градоначалникот на Буча, Шепетко Серхи потврдува дека економијата ќе биде фокус на соработката меѓу двете општини. Покрај бизнисот, Договорот кој го потпишаа двете страни нуди можности за соработка и во областите на културата, спортот, заедничкото аплицирање на проекти меѓу општините и слично.
„Без разлика на тоа дали ќе биде ситуацијата во Украина мирна или иста како сега, јас сум сигурен дека нашите две општини ќе го зголемат економскиот развој, а буџетот на двете општини ќе се зголемува и поради економската соработка. Успешниот економски развој пак ќе придонесе до тоа жителите од двете општини да сакаат да живеат во нашите градови“, изјави Серхи.
Инаку збратимувањето на општини е позната пракса во дејствувањето на единиците на локалната самоуправа. Таа е регулирана со Законот за меѓуопштинска соработка.
Одлука за воспоставување соработка со една или повеќе општини од други држави донесува советот на општината со мнозинство гласови од вкупниот број членови. Предлог за воспоставување на меѓународна соработка поднесуваат градоначалникот на општината. Министерството за локална самоуправа во соработка со Министерството за надворешни работи ја следи и поттикнува меѓународната соработка на општините.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Буча- градот кој стана познат по воените злосторства на руските војници
Украинскиот град Буча се наоѓа на 25 километри западно од главниот град, Киев. Според последните статистички податоци во 2021 година броел приближно 36.971 жители.
Буча стана познат откако оваа област беше погодена во руската инвазија на Украина. Битката кај Буча траеше од 27 февруари до 31 март 2022 година и заврши со повлекување на руските сили. Градоначалникот Анатолиј Федорук тогаш објави дека Буча бил целосно вратен од руските сили на 31 март.
Откако украинските сили ја вратија контролата над Буча, почнаа да кружат извештаи и сведоштва за воени злосторства извршени од руската војска.
Властите во близина на Буча објавија дека откриле тела на неколку жртви чии раце биле врзани зад грб. Наводите за убиства на цивили во градот Буча, предизвикаа гнев кај меѓународната заедница.
Украина тврди дека 1 222 тела биле пронајдени во областите во близина на Киев, по повлекувањето на руските војници.
Неколку месеци подоцна како и многу уништени и руинирани градови во Украина, Буча се обидува да ја обнови уништената критична инфраструктура.
Москва ги отфрли обвинувањата за воени злосторства на Украина и западните земји. Таа негираше дека таргетирала цивили во она што Кремљ го нарекува „специјална воена операција“ за демилитаризација и „денацификација“ на својот сосед.