Во два наврати за четири месеци годинава, македонската полиција и Агенцијата за национална безбедност уапсија вкупно 11 македонски државјани под сомнение за тероризам. Првата акција беше во август, а втората вчера, и по нејзиното спроведување беше објавено дека двете акции биле насочени кон иста организација, основана на идеолошките основи на Исламска држава.
Ден по првата акција, која беше изведена на 31 август во Куманово и во која беа успасени три лица, Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека „разбила ќелија на Исламска држава (ИД) во Македонија“, објави фотографии и видео снимки од запленето оружје, но не даде многу детали. Завчера биле уапсени осум лица во Скопје и Куманово, сите од истата организација како и оние приведени во август, а МВР вчера беше подетално за начинот на организација, идеологијата, комуникациите, вооруженоста и намерите на осомничените за „тероризам и териристичко организирање“. Во претресите се најдени воена опрема, оружје, муниција, ознаки на ИСИС, бомбашки елеци и експлозив, а целта им била „убиства и уништување јавни објекти заради внесување страв кај граѓаните“.
Во август беа уапсени Б.А. (28), В.А. (22) и Е.Љ. (25) од Куманово, сите тројца „рецидивисти од Исламска држава, односно повратници од боиштата во Сирија“, а завчера беа приведени Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М.(22), Д.А.(21), Р.А.(31), С.И.(31) и А.С.(21) од Куманово.
„Б.А. од Куманово создал терористичка организација, во која покрај претходно приведените В.А. и Е.Љ., членувале и лицата кои се приведени на 27 декември, а врз идеолошката матрица на ИСИС за извршување на убиства и уништување на јавни објекти. За остварување на таа намера, членовите обезбедувале пари, набавувале воена опрема и оружје, а вршеле и пробни дејствија. Мешу себе користеле ВатсАп, каде се договарал транспортот на оружјето и другите дејствија“, изјави помошник-министерот за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски и додаде дека и вчера приведениот Б.Ф. учествувал во паравоени формации надвор од Македонија, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија.
Видете и ова: Осуммина уапсени во анти-терористичка акција во Скопје и КумановоСтарите кампови во служба на новите регрути
Двете акции на МВР, организираноста на разбиената група, војувањето на нејзините членови на страна на Исламска држава и нејзината бројност и организираност, го отворија прашањето дали се работи само за изолиран случај или укажува на сериозна појава на терористички групи во Македонија, со акцент на повратниците од редовите на Исламска држава?
Според поранешниот висок полициски службеник, а сега безбедносен аналитичар, Љубомир Ѓурчески, не само што укажува на тоа, туку „Македонија и другите земји од Западен Балкан се погодно тло за повратници од фронтовите во Сирија, Ирак и Авганистан, каде се бореле за Исламска држава, но исто така се и погодно место за престој, регрутација и обука на борци за ИД, ако се има предвид не малата бројка на регрутирани борци од регионот“.
„Се уште некои кампови од кризниот период на Балканот во 90-тите години, заклучно со кризната 2001 година во Македонија, се уште не се затворени и можат да се стават на располагање за обука на лица сторители на ваков криминал, кои потоа се ставаат во служба на групи кои одат да го рушат уставниот поредок во одредени држави“, вели Ѓурчески за Радио Слободна Европа (РСЕ) и додава дека овие последни две акции на МВР ги отвориле очите на македонската јавност, бидејќи во Македонија „се уште има отворени случаи како 'Оџата од Слупчане'“.
- МВР: Разбиена ќелија на ИД во Северна Македонија
- Осуммина уапсени во анти-терористичка акција во Скопје и Куманово
МВР да го засили присуството на јавните места пред претстојните празници
Иако сега во време на пандемија се забранети собири, сепак Ѓурчески вели дека, предпразничното полнење на моловите, маркетите и пазарите може да се искористи за терористички напад и затоа МВР, Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање мора да бидат будни и во постојан контакт со службите на другите држави од регионот за да не не изненади некој таков напад. Затоа, како што вели Ѓурчески, важно е сега во овој период МВР да е присутно со униформирани полицајци на такви места, што, како што додава, сигурно е дел од акцискиот план на полицијата што вчера го најави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Но, мене ме плаши нешто друго, а тоа е да не почне даим се случува на Европа и на регионот наш она што се случува на истокот, односно формирање на калифати од ИД, како и тоа што се случува со терористичките напади во Франција, Германија... да не ни се префрли тука во регионот. Во Босна, Санџак, Косово, па и во Македонија има остатоци од оние кои војуваа во регионалните војни, а во огромниот број мигранти во годините на назад има не мал број военоспособни лица кои не мигрираа со семејствата туку од други причини, па затоа и сме ризик фактор и мора МВР да биде будно за празниците, особено за православниот Божиќ“, вели Ѓурчески.
Видео-изјава на помошник министерот за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски, за антитерористичката акција на полицијата на 27.12.2020
Спасовски: Посветено работиме на спречување на каков било тероростички акт
И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека позицијата на нашата држава е ризична, па затоа се случуваат активности на терористички групи, но дека свесноста на полицијата за тоа е секогаш на високо ниво.
„Полицијата заедно со Агенција за национална безбедност работи континуирано оти тероризмот е нов предизвик, не само кај нас, туку и глбоално. Полицијата 24 часа е посветена на мирот и стабилноста, тоа е наша уставна обврска кој секој службеник ја презел како одоговрност кога започнал со работа. Тероризмот не е нешто што ќе заврши денеска, тоа е глоболна појава која не оптоварува сите. Нашата геостратешка позиција преставува и потенцијален ризик, но ги уверувам сите граѓани дека институциите добро и посветено работат на спречување на каков било тероростички акт. Сега не може поголеми настани да имаме за празниците заради вирусот, но ние максимално сме подготвени да реагираме, спокојно да ја дочекаме Нова година“, изјави министерот Спасовски, информирајќи за вчерашната акција на МВР.
МВР вчера соопшти дека дел од уапсените биле рецидивисти, односно повратници од Сирија, каде се бореле на страна на Исламска држава, а кај нас се правосилно осудени и издржале затворска казна за „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“.
Видете и ова: Предизвиците по враќањето на терористички борци од странските боиштаФеноменот „повратници“ кои директно влијаат врз македонското општество и неговото справување со него, неодамна беше во фокусот и на истражувањето „Подобрување на разбирањето на феноменот на странските терористички борци (СТБ): Предизвици за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на повратниците и помагателите во Република Северна Македонија“. Според тоа истражување, во ноември годинава во Македонија имало 13 осудени лица кои издржувале затворска казна и само тројца од нив не се повратници, односно не биле на првите редови во Сирија и Ирак, туку биле осудени за регрутирање, финансирање и овозможување на заминување на борците - волонтери. По тој основ има и едно притворено лице.
Афродита Муслиу, координатор на тоа истражување, во интервју за РСЕ во ноември, изјави дека речиси сите тие лица стапиле во организациите свесно, но со различни мотив, и предупреди дека ако нема нивна соодветна рехабилитација, постои ризик тие лица да направат несакани дејствија во Македонија.
„Доколку немаме соодветна програма за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција, ризикот е голем. Овој процес мора да започне уште во затворот, а понатаму продолжува кога се враќаат во нивата заедница. Доколку државата не проба на некој начин да им помогне тие ќе се чувствуваат како да не се дел од ова општество и од тука и опасноста да го повторат истото“, изјави Муслиу во интервјуто за РСЕ.
Стејт департмент: 156 македонски државјани лани биле во терористичките групи во Сирија и Ирак
Покрај МВР, безбедносните аналитичари и истражувачите, и Националниот комитет за справување со насилен екстремизам во септември го промовираше својот оперативен план за справување со овој проблем.
Американскиот Стејт департмент, пак, во јуни годинава го објави својот годишен извештај за тероризмот во светот во 2019 година, според кој главната безбедносна закана во Северна Македонија се повратниците од ИСИС. Во извештајот е наведено дека Националниот комитет за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот проценува дека 156 македонски државјани се приклучиле кон терористичките групи во Сирија и Ирак, од нив 36 се загинати, 37 останале на боиштата, а 83 се вратиле во Северна Македонија.