Инфлација и намален раст на БДП: Економско влијание од војната во Украина

Илустративна фотографија.

Поради турбуленциите на европските пазари по војната во Украина, економистите предупредуваат дека кризата ќе го намали предвидениот раст на економиите во Европа, а очекувањата се тоа да се случи и во Македонија. Експерти велат дека ќе продолжи и притисокот од инфлацијата.

Економиите на Македонија и другите европски земји силно ќе ги почувствуваат последиците од војната во Украина, сметаат економски експерти од земјава. Според нив, реално е да се очекува натамошен раст на инфлацијата, а од друга страна намалување на растот на Бруто домашниот производ (БДП).

Политичарите од земјава веќе порачаа дека кризата е голема и најавија можност за усвојување на нови мерки во зависност од развојот на состојбата во Украина.

„Не застануваме тука. Кризата е голема, нашата економија е мала и не можеме да влијаеме на светските пазари, но ќе се потрудиме и ќе се организираме за да придонесеме за олабавување. Затоа е апелот за штедење и рационално користење на енергенсите“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими, соопшти Министерството за финансии.

Владата деновиве усвои сет мерки од 400 милиони евра за помош на граѓаните и компаниите. Меѓу нив се укинување на ДДВ-то на основните прехранбени производи, замрзнување на маржите за основните продукти за исхрана, укинување на царинските давачки за увоз на основни продукти, намалување на стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергенси, намалување на акцизата... Усвоени се вкупно 26 мерки и препораки кои потоа ги изгласаа и пратениците во Собранието.

Растот на цената на струјата веќе влијае врз економиите во цела Европа, особено бидејќи голем дел од електричната енергија во ЕУ се произведува од гасот кој доаѓа од Русија. Во Македонија, зголемувањето на цената на нафтата влијае врз растот на цените на многу производи.

Видете и ова: Со нови задолжувања против економските последици од војната во Украина

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија смета дека целата ситуација дополнително ќе влијае врз цените на храната, со оглед на зголемување на цените на транспортот, но и поради тоа што Русија и Украина се големи производители на жито.

Но, тој вели дека истовремено ќе биде многу важно колку војната во Украина ќе ја намали потрошувачката во земјите кои се најголеми трговски партнери на Македонија, како Германија каде земјава најмногу извезува.

„Веќе има најави [за намалување на потрошувачката] во автомобилската индустрија која има големи проблеми и каде одредени фабрики затворија, а знаеме дека многу наши компании од ТИРЗ зоната работат со одредени елементи за авто-индустријата кои ќе бидат погодени. Очекувам во следниот период тоа да се почувствува и кај извозот на текстилната, кожарската и други индустрии“, вели Димитров.

Видете и ова: Граѓаните трагаат по ниски цени, државата да биде Робин Худ

Ограничување на штетите

Потребно е стратешко планирање за да се ограничат штетите од кризата, вели економскиот аналитичар Арбен Халили кој смета дека Македонија и другите земји во Европа ќе мораат да најдат дополнителни извори за набавка на енергенси.

„Од друга страна, секако дека ќе треба да се инвестира во обновливи извори на енергија. Не смееме во енергетскиот сектор да се потпреме само на термоцентралите и на индивидуалните инвестиции во хидроелектрани, мора да ја искористиме и сончевата енергија. За земјоделскиот пазар, земјава не е многу зависна од Русија и Украина и на пример за јаболката од Ресен и виното од Тиквешијата, верувам дека може да се најдат пазари“, вели Халили.

Димитров смета дека е извесно оти Владата ќе треба да донесе дополнителни мерки доколку кризата се одолжи, но упатува на прашањето: колку Буџетот е подготвен да ја поднесе ситуацијата и дали актуелните проблеми треба да се префрлат на идните генерации, со оглед на веќе предвидените задолжувања од 600 милиони евра.

„Ова задолжување [од 600 милиони евра] беше предвидено со дефицитот во Буџетот за оваа година, но тоа може да отиде и многу повеќе од 600 милиони евра ако кризата продолжи и понатаму“, вели Димитров.

Оценките на министерот за финансии Бесими се дека во моментов Буџетот е ликвиден и дека се прават анализи за негов ребаланс, кој би бил направен во одреден момент доколку тоа биде потребно. Во однос на потребните средства во Буџетот за новите мерки, Бесими вели дека за дел од нив се обезбедени средства, а дека за дел се прават реалокации. Задолжувањето од 600 милиони евра на државата е проектирано во Буџетот за 2022 година, вели Бесими, а според него средствата е можно во целост да се бараат на надворешниот пазар, но во зависно од условите, дел може да бидат обезбедени на домашниот пазар.

Халили вели дека задолжувањето мора да биде одржливо.

„Тоа подразбира да знаеме однапред за што ќе се користат тие финансиски средства, да не биде да ги земемеме парите за капитални инвестиции, а парите да ги насочиме за исплаќање на платите во администрацијата“, вели Халили.

Видете и ова: Ангеловска-Бежоска: Руско-украинските тензии со индиректен ефект на македонската економија

Намалување на растот на БДП

Инаку, поради турбуленциите во европските пазари по војната во Украина, економистите во Европа предупредуваат дека кризата ќе го намали предвидениот раст на економиите. Растот на БДП во Македонија за оваа година беше предвидено да изнесува околу 3,5 отсто. Халили вели дека очекува со развојот на ситуацијата растот да биде намален од 2,5 до 2,8 отсто.

Димитров вели дека намалувањето на БДП-то може да ги забави предвидувањата на Владата за фискална консолидација и намалување на долгот на државата под 60 проценти. Според него, до крајот на годината притисокот од инфлацијата ќе биде зголемен, но не со темпото како во последните два месеци.

„Мислам дека до крајот на годината ќе имаме притисок од инфлацијата, но нема да достигнеме двоцифрена стапка, со што би можеле да се продизвикаат поголеми проблеми во макроекономската стабилност“, вели Димитров.