Институциите транспарентни, освен за парите

Илустрација

Институциите ја подобриле својата транспарентност, покажува рангирањето на Центарот за граѓански комуникации. Но сепак, министерствата најмалку информации објавуваат за финансиите, а општините најмалку податоци давале за прашањата од нивна надлежност.

Од просечна во добра се искачи проактивната транспарентност на институциите, покажува рангирањето на Центарот за граѓански комуникации. Но, најмалку информации министерствата објавуваат за финансиите, само 60 проценти од можни 100. Тие треба да го објават буџетот на институцијата за тековната година, завршна сметка на буџетот за претходната година, потоа планот за јавни набавки, ревизорските извештаи, доколку Државниот завод за ревизија им направил ревизија, огласите за јавни набавки и известувањата за склучен договор за јавни набавки, плус од Министерството за финансии се бараат уште три други работи – месечни извештаи за извршување на буџетот, извршување на буџетот за шест месеци и податоци за јавниот долг.

Видете и ова: Здравствени инспектори во Југо, функционери во нови возила на лизинг

„Што е тука проблемот? Некои институции забораваат да ги реобјават овие информации, ќе видите објавен буџет за 2019 и толку, заборават дека нова година има нов буџет и тој наново треба да се стави на веб страната“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека институциите со закон се обврзани да ги објават своите годишни сметки и финансиски извештаи.

„Меѓутоа не сите го објавуваат тоа, оти можеби на тој начин сакаат да скријат каде имале непродуктивна трошења“, вели Муса.

Општините, пак, најмалку информации давале за прашањата од нивна надлежност (42 проценти од можни 100). Тие имаат дваесетина надлежности за кои се обврзани да им дадат информации на граѓаните. Тие на своите веб страници треба да ги објават Деталните и Генералниот урбанистички план, информации за урбанистичкото планирање, за животната средина, за локалниот економски развој, комунални дејности, култура, спорт и рекреација, социјална заштита, образование, здравствена заштита, мерки за спасување, противпожарна заштита, данокот на имот, како и информации за институциите кои се под нивна надлежност, вели Филков.

„На пример секоја општина, бидејќи во државата има 30 противпожарни единици, а има 81 единица на локална самоуправа или општина, секоја општина на својата страна најмалку треба да има информација каде луѓето треба да се јават во случај на пожар. Ако е на пример мала општина, Карбинци, да се знае дека во Штип има противпожарна служба. Општините за клучните информации, односно за овие информации даваат најмалку податоци на нивните веб страни“, вели тој.

Центарот шест години по ред објавува редовно годишно рангирање на институциите според објавување информации од јавен карактер. Во извештајот се опфатени 98 институции - Владата и сите министерства и општини. Во него меѓу другото се наведува дека активната транспарентност е подобрена во споредба со 2020. Министерствата и Владата се потранспарентни од општините, иако и кај општините има подобрување во споредба со лани. За првпат откако се изработува индексот (од 2016 година наваму), дури две институции добиле максимални 100 проценти, односно ги објавуваат сите предвидени информации. Станува збор за Министерството за одбрана, кое и лани беше на првото место, и Општина Карпош, која лани беше трета.

Видете и ова: Даночна правда пред прогресивен данок на имот што не се користи

На барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер што им биле испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање, општините одговориле во просек за 17 дена (лани за 24 дена), а министерствата одговориле за 16 дена (лани за 26 дена). Триесет и девет отсто од институциите одговориле подоцна од законскиот рок, прекршувајќи го законот. Лани пак 61 отсто од институциите одговориле после рокот, па и тука има подобрување.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов вели дека за него нема скалила, односно нема поголема или помала транспарентност, туку има целосна транспарентност и нетранспарентност.

„Ако ставиме математички, како во средно училиште, и четворката е поблиску до единицата, отколку до петката. Особено во дигитално време институциите мора да бидат максимално транспарентни. Нема оправдување за необјавување или недавање информации, ниту пак има оправдување за чекањето да се добие некоја информација од листата на информации од јавен карактер“, вели Кордалов.

Друга работа на која треба да внимаваат институциите кога објавуваат информации, вели Кордалов, е да прават разлика меѓу пиар и транспарентност. Граѓаните и медиумите треба лесно и брзо да доаѓаат до информации без притоа да чекаат и да зависат од институциите и нивните пиар-служби, додава тој.

„Мора да се смени начинот на размислување кај институциите, тоа значи кај раководителите што се поставуваат политички, мора да се разбере дека тоа се пари на граѓаните, на компаниите, тие плаќаат даноци од кои потоа институциите се финансираат, и ако сакаат да изградат добар имиџ мора да го сменат начинот на размислување дека не зависи од нив кога информацијата ќе биде дадена, таа мора да биде дадена. Транспарентно општество е она општество во кое медиумите во многу мал сегмент се обраќаат до институциите за информации, затоа што лесно ги наоѓаат сите информации коишто им требаат“, вели Кордалов.

Според индексот на активна транспарентност што го објави Центарот за граѓански комуникации, дури 62 од вкупно опфатените 98 институции ја подобриле својата активна транспарентност во 2021 година во однос на 2020 година. Најголемо поединечно подобрување има кај Општина Конче (59 проценти), Петровец (57 отсто), Градско (45 проценти) и Центар Жупа (42 проценти). Од друга страна, 33 институции објавиле помалку информации од лани, додека кај три институции нема ни подобрување, ни влошување на активната транспарентност. Кај министерствата, најголемо подобрување има кај Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците поради тоа што лани ова министерство немаше ниту своја веб-страница, како и кај Министерството за образование и наука (21 проценти).