Инвазијата врз Украина скапо ја чини и руската култура

Илустрација

Исклучувањето на Русија од спортот и културата и уметноста поради војната што започна во Украина го загрозува имиџот на Путин на начин на кој економските и политичките санкции не можат. Сега Русија е исклучена и дипломатски и економски, и културно, а има и „мачкини санкции“ - Автор: Аднан Чомор

Бројни светски ѕвезди од светот на културата и шоу-бизнисот ги откажаа сите настапи и гостувања во Русија, поради војната во Украина и со најостра осуда на руската инвазија на Русија која започна на 24 февруари годинава.

Минхенската филхармонија раскина со нејзиниот главен диригент Валери Гергиев поради неговите врски со рускиот претседател Владимир Путин. Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер, постави ултиматум, велејќи дека Гергиев ќе биде разрешен доколку не ги осуди постапките на Путин.

„Концерт на Минхенската филхармонија под негово раководство веднаш нема да има“, рече Рајтер.

Неговиот менаџмент го напушти Гергиев и неколку претстојни концерти беа откажани. Меѓународниот фестивал во Единбург, на кој тој беше почесен претседател, побара негова оставка.

„Единбург е збратимен со градот Киев и оваа акција се презема со симпатии и поддршка на неговите граѓани“, се вели во соопштението, а пренесе „Гардијан“.

Гергиев моментално диригира со „Кралицата на лопати“ на Чајковски во Ла Скала во Милано, каде што публиката, наводно, го исвиркала пред десетина дена. Од Операта (минатата недела) рекоа дека претстојната изведба ќе биде откажана доколку тој не се изјасни против Путин.

Видете и ова: ЕУ и САД со нови санкции против Русија „за поголема изолација“ поради нападот врз Украина

Досега, поради руската инвазија на Украина, многу големи ѕвезди ги откажаа своите настапи во Русија. Iron Maiden, Green Day, Louis Tomlinson, YungBlod, The Killers, Iggy Pop, Franz Ferdinand, Nick Cave, Destruction - се само некои од нив.

Поддршка од уметниците од Русија за Украина и Украинците

Рускиот павилјон на биеналето во Венеција нема да се одржи според планираното оваа година, откако руските уметници и куратори сами се повлекоа.

Уметниците Александар Сухарев и Кирил Савченков, како и кураторот Раимундас Малашаускас, рекоа дека нема да учествуваат.

„Нема место за уметност кога цивилите гинат под проектил, кога украинските граѓани се кријат во засолништата, кога руските демонстранти се замолчуваат“, велат Сухарева и Савченков.

Музејот на современа уметност Гаража во Москва објави дека ќе ги прекине подготовките за претстојните изложби, додека изложбите во Домот на културата ГЕС-2 - вклучувајќи ја и таа на Рагнар Кјартансон - исто така се суспендирани.

Во Велика Британија Музејот на Викторија и Алберт објави дека е во преговори со одделот за култура поради „ситуација која брзо се развива“. Музејската изложба за Питер Карл Фаберже содржи многу од неговите бесценети јајца позајмени од музеите во Русија.

Видете и ова: Цената што рускиот спорт ја плаќа поради војната во Украина

Интернет петиција од уметниците и културните работници

Илјадници руски уметници и културни работници ги потпишаа своите имиња на интернет петициите за да го изразат противењето на војната. Една од петициите која повикува на итен прекин на конфликтот, имаше над 17.000 потписи минатата недела.

Петицијата го опишува конфликтот како „страшна трагедија“ што му се заканува на културниот живот на Русија, бидејќи меѓународните партнерства може да бидат стопирани и институциите принудени да се затворат, бидејќи санкциите „загризуваат“ и руската економија опаѓа.

„Ќе биде речиси невозможно да се занимавате со култура и уметност во такви услови“, се вели во петицијата, според Њујорк тајмс.

Нивното противење беше забележано во Кремљ. Неделата пред 8-ми март, Вјачеслав Володин, висок пратеник, директно ги нападна културните личности кои се противат на војната, нарекувајќи ги нивните постапки „предавство“.

„Ако сте толку принципиелни, почнете со одбивање државни грантови“, додаде тој во изјавата објавена за Телеграм, апликација за социјални медиуми која е популарна во Русија.

Видете и ова: Папата Франциск: во името на Бога ве молам, престанете со овој масакр!

„Мачкини санкции“ против Русија

И за самиот крај - покрај спортот, културата, уметноста и Меѓународната федерација на мачки го забрани учеството на руските мачки на натпревари што Федерацијата ги организира низ светот.

Меѓународната федерација на мачки објави дека ги забранила руските мачки од нејзините меѓународни натпревари, што е уште еден вид опомена за Русија откако ја нападна Украина.

Федерацијата, која себеси се смета за „Обединети нации на федерации на мачки“, во соопштението наведе дека е „шокирана и ужаснато“ што руските сили ја нападнале Украина и „почнале војна“, пренесува Вашингтон пост.

„Ниту една мачка која им припаѓа на изложувачите кои живеат во Русија не смее да се пријави на кое било изложба на ФИФе надвор од Русија, без оглед на организацијата во која членуваат овие изложувачи“, велат од организацијата, која опфаќа речиси 40 земји.

Синдикатот, кој е основан пред повеќе од 70 години, исто така рече дека нема да дозволи мачки одгледани во Русија да бидат увезени или регистрирани во некоја од нејзините книги за педигре. Официјалните лица рекоа дека ќе донираат средства за помош на одгледувачите на мачки во Украина и им се заблагодарија на соседните земји за нивните напори да им помогнат на украинските бегалци, според Вашингтон пост.

Според веб-страницата, федерацијата одржува повеќе од 700 изложби ширум светот секоја година, со повеќе од 200.000 мачки изложени од Бразил до Обединетото Кралство.

На социјалните мрежи се забележани бројни реакции на забраната на федерацијата - која некои ја сметаат за „санкции за мачки“. Некои критичари го нарекоа потегот „смешен“.

Други, сепак, рекоа дека секој чин на солидарност - колку и да е мал - треба да се поздрави.